АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Четворицата кандидати во трката за градоначалник на Битола на претстојните локални избори, како ретко кога се согласија на јавна дебата на Топ-тема на телевизија Телма. Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски, кандидатката на СДСМ, Наташа Петровска, и независните кандидати Јорго Огненовски и Кирчо Ташков, цел час одговараа на прашањата на битолчани во малата сала на Центарот за култура во Битола.
Особено беа интересни одговорите на кандидатите на прашањата на присутните новинари, граѓански активисти, членови на политички партии и граѓани, дали новиот градоначалник ќе се справи со згадувањето во градот, дали ќе има сила и волја да расчисти со криминалот во Општината. Зошто, Битола 5 години нема полигон за полагање возачки испит, дали и кога ќе се обнови планинарскиот дом на Копанки, зошто пропадна проектот за изградба на пругата кон Грција, за зонското паркирање ...
Кој прв проект ќе го реализирате, како и до кога, беа прашани кандидатите за градоначалник, што беше повод Илиоски и Петровска да влезат во жестока расправија со реплики и контрареплики.
За разлика од Илиоски , кој не прецизираше прв проект, Петровска рече дека ќе започна со регулирање на сообраќајот во централното градско подрачје и со тоа решавање на дел од проблемот со загадувањето.
Илиоски веднаш реплицираше дека во програмата на СДСМ нема ниту рок, ниту цена на проектите, ниту буџет, ниту извор на финансирање.
-Вие сте по професија математичар и се надевам дека бројките ви лежат. Зошто не сте кажеле пред битолчани од каде ќе набавите пари , како и во кое време ќе ги реализирате проектите-праша Илиоски.
Петровска одговори дека сообраќајна студија за градот веќе постои , спроведувањето на еднонасочноста на улиците не е финансиски трошок, а за парите има три нивоа од каде може да се црпат.
-Ѓоспоѓо убаво би било сепак да ги наведевте парите-продолжи Илиоски, барајќи одговор и за тоа колку ќе чини спортскиот комплекс во програмата на Петровска, по што таа одговори:
-Затоа што вие ги пишувавте, ама ништо не излезе од цифрите со анекс договорите коишто ги правевте, возврати Петровска , а нејзниот одговор предизвика бурен аплуз кај публиката.
Кандидатката на СДСМ, Петровска, на дебатат вети расчистување со криминалот во општинската администрација,особено по случаите „Транспортер 1“ и „Транспортер 2“, каде општински службеници се обвинети за злоупотреби на општинскиот буџет од 360 илјади евра за бесплатниот школски превоз.
-Апсолутно, без двоумење, одговорот е -да. Затоа што она што е најважно особено кога работите со парите на граѓаните, е како ги трошите. И отчет дефинитивно треба да давате. Кога ќе влезам со мојот тим во Општина Битола, дефинитивно оние коишто се огрешиле ќе настојувам да бидат казнати, затоа што само така како држава, можеме да одиме напред. Бидејќи политиката не значи секогаш гнасно трошење на народните пари –одговори, Петровска.
Според кандидатот Огненовски, нема развој на општината ако имаме политички криминалци.
-Кај нас терминот политички криминалци не се користи, но тој треба да влези во правото. Таа е најопасна форма на криминал која поттикнува стопански криминал, митото и корупција-рече Огненовски.
Кандидатот Ташков, пак, рече дека им препорачува на битолчани да не гласаат за него, бидејќи не ќе можат политичарите со локалните богаташи да ја крадат општината.
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Илиоски, кој и самиот беше дел од локалната власт во изминатите години, како директор на ЈП„Водовод“, рече дека овие избори се локални избори за градоначланик , а не за избор на јавен обвинител , полиција или суд.
-Јас како градоначалник треба да се грижам и да бидам татко на градот, да работам домаќински, си има институции кои треба да ценат кој, што згрешил -рече Илиоски,пренесувајќи го разговорот на централно ниво, за тоа дека политичката криза во државата е поттикната од прислушуваните материјали, а завршувајќи со тоа дека „ако сакаме да ги расчистуваме работите треба да започнеме од сопствениот двор, од премиерот “. И додаде дека „секој има право на презумција на невиност“, рече Илиоски.