АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На денешен ден, 27 април 1952 година во Битола е роден големиот македонски драматург Горан Стефановски.
„Да беше жив, на оваа дата ќе го славевме неговиот 71 роденден. Прерано не напушти, во својата 66 година од животот. Но, некои луѓе имат само дата на раѓање, а ние како битолчани, овој човек треба посебно да го славиме. Така, во заеднички разговор со неговиот брат Влатко Стефановски, кој е наш драг пријател се роди идејата во негова чест и датата кога се роди нашиот Шекспир, да организираме концерт во неговиот роден град„, истакнуваат од Божиновски часовници и накит кои стојат како организатори на овој концерт.
Горан Стефановски е роден е во Битола, на улицата Београдска бр.5 во куќата на семејството Зиса, која ја делеле родителите на Горан, со познатото актерско битолско семејство Чоревски. Браќата Благој и Борис Чоревски се сеќаваат дека тие живееле на долниот кат, а Стефановски живееле на горниот кат. Биле многу блиски, па поканата да ја делат куќата била идеја на битолскиот актерски познат пар Трајко и Ратка Чоревски. Во Народниот театар во Битола, Горан ги направил првите детски чекори во периодот кога татко му, Мирко Стефановски беше и актер и кратко време и директор. А неговата мајка Нада, била актерка. Подоцна дури 9 негови претстави ќе бидат поставени во овој театарски храм, ќе доживуваат бројни изведби пред преполно гледалише, ќе добиваат награди на фестивали и ќе го слават неговото име. Неговата последна средба пред смртта, а со асоцијациите на Битола и детството. беа во Лондон, кога Битолскиот театар го играше Шекспир во славниот Глоуб театар. Горан, со група од битолските актери, после претставата во еден лондонски паб покрај Темза, се сеќаваше на Битола и на своето детство.
Концертот во Битола, ќе се одржи денес на роденденот на Горан, 27 април во Офицерски дом во Битола. Влатко Стефановски ќе настапи на звучен систем од Теохаров аудио. Актерот Борис Чоревски, ќе евоцира спомени и ќе изведе делови од драмите на Стефановски во кој самиот настапувал. Општина Битола се јавува како поддржувач на овој настан. Денес Битола ја очекува вистинско уметничко уживање, осмислено во чест на Горан Стефановски.