АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На 15 јули, денот кога е роден народниот херој Панде Јовчевски Кајзеро, осквернавена е неговата биста во дворот на месната заедница на улицата „15 Корпус“ во Битола. Непознати сторители ноќта во саботата спроти неделата ја обезглавија бистата која најпрво била удирана, па откорната од мермерниот постамент кој е оштетен, а оштетувања има на главата и рамената.
Настанот во неделата утрото прва го забележала продавачката во колонијалната продавница во дворот на месната заедница и го пријавила случајот во полиција.
-Дојде полицијата и направи записник. Тие што ова го направиле влегле преку оградата, затоа што просторот е ограден, а на вечер редовно ја заклучуваме вратата, изјави за апла.мк една од продавчаките во колонијалната продавница.
Во записникот полицијата запишала „причината дополнително ќе се утврдува. Делотот се гони по приватна тужба“
По увидот на полицијата, откорнатата биста останала кутната на земја, по што дошле од семејството на народниот херој и за да ја заштитата од понатамошно уништување ја прибрале дома, се додека не се санира.
-Чувството е многу непријатно, ова не е првпат некој да го сквернави споменикот. Пред извесно време оштетен беше носот. А сега откорната е цела биста, велат за апла.мк неговите потомци.
На излогот од просториите од месната заедница испишани се и политички пароли „Името е идентитетот на човекот“ и „Бојкот“, но соседите велат дека тоа е направено една недела пред сквернавењето на бистата.
Панде Јовчевски Кајзеро е роден на 15 јули во 1923 година. Бил припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна
Во ноември 1942 година се приклучил кон единиците на НОВ и ПОМ. Најнапред бил во партизанскиот одред „Даме Груев“, а подоцна и во одредот „Јане Сандански“.
На 22 јуни 1943 г., кога селото Лавци било опколено од бугарска војска и полиција, тој заедно со Панде Ташкоски, тргнале да се вратат во партизанскиот одред, но наишле на бугарска заседа која ги раздвоила. Панде Ташкоски успеал да се пробие, а Панде Кајзеро отпочнал нерамна борба со непријателот.
Успеал да ликвидира 13 или 14 бугарски полицајци и војници. Откако му завршила муницијата, со последната бомба се самоубил на 22 јуни 1943 година во село Лавци, Битолско.