АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Вечерва во 21 часот во Офицерскиот дом започнува првото издание на Фестивалот на староградска музика „Ех, таа серенада“ во Битола. На вчерашната прес конференција по повод фестивалот се обратија директорот на ЈОУ Културен и информативен центар Битола, Лили Бошевска, уметничкиот соработник и музички продуцент Миодраг Неќак и соработникот Тодор Ивановски.
Директорката Лили Бошевска ја презентира целосната идеја и концепција на фестивалот „Ех, таа серенада“, која значи навраќање на традициите карактеристични за конзулска Битола, на сернадата како музички жанр, како и за значењето на оваа манифестација за битолчани, за македонската музичка продукција како и за огромниот интерес од граѓаните.
Миодраг Неќак, уметнички соработник и етаблиран музички продуцент и го објасни процесот на објавување на конкурс, селектирање на конечните 16 мелодии, големиот интерес од автори и изведувачи, што претставува идна основа за следното фестивалско издание како и детали за продукцијата и пост продукцијата на песните од фестивалот.
Тодор Ивановски во својство на лице одговорно за организација и туристичка промоција , ја нагласи синтезата на културата и културното наследство во кое секако припаѓа староградската песна и Офицерскиот дом како интегрален дел од туристичката промоција на Битола.
Во рамките на пред фестивалските промотивни активности за посетителите и туристите е достапно бесплатно возење со битолскиот пајтон во комплексот на Офицерскиот дом секоја вечер од 18.30-21.30 ч. што наиде на голем интерес од граѓаните и посетителите.
Влезниците се бесплатни. Оние граѓани кои не набавиле влезници ќе бидат сместени во слободниот простор на платото, во рамките на просторните можности.