АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Индивидуални земјоделци кои добија решенија за набавка на трактори од Програмата за рурален развој за 2022 година се жалат дека цените на тракторите отишле во вис и дека на грбот на земјоделците некој се обидува да ќари.
Дистрибутерите на земјоделска механизација ги отфрлаат обвинувањата и велат дека поскапувањето на тракторите е незначително и се должи на глобалните движења на пазарот за земјоделска механизација, и дека во време на инфлација никој не може да гарантира цени. Програмата се одолговлекуваше над една и пол година, период кога ни еден од добавувачите не можел да ја гарантира цената на механизацијата која е од увоз.
Од Платежната агенција ни изјавија дека од следната недела почнува исплатата на тракторите од Програмата за рурален развој и дека има начин како земјоделците може да го сменат тракторот доколку првично избраниот не им одговара со цената.
Решенија за финансиска поддршка за набавка на трактори добија 730 земјоделци од државата, договорите им беа доделени во јуни, а поддршката на државата изнесува и до 75 проценти од цената на тракторот.
Земјоделци со кои разговараме, чии идентитет е познат на редакцијата, велат дека кога земале профактура од избраниот модел на трактор за да аплицираат на Програмата, цената (за модел од „Махиндра“ ) била 990.000 денари, а сега кога требало да го платат тракторот дистрибутерот побарал плус 100.000 денари со оправдување дека цените во меѓувреме пораснале како и се друго. Па, пресметуваат дека ако требало да платат 30 проценти од цената на тракторот, сега му доаѓа да платат 10 проценти плус со поскапувањето.
„Ова значи дека помошта за земјоделецот се намалува“, велат тие.
„Реагираме зашто сме незадоволни и од дистрибутери на трактори и од Платежната агенција, односно негрижата на МЗШВ кон земјоделците. Земјоделците негодуваат дека најмалку 10 проценти е покачена цената на тракторите, а некаде тоа поскапување се движи и до неверојатни 30 проценти. Прашањето е дали за тракторите што треба да ги набавиме од Програмата за рурален развој поскапувањето е реално или начекаа прилика да ги покачат цените на штета на земјоделците. Конкретно за тракторот што го избрав покачувањето е околу 1.600 евра. Тоа се големи пари за земјоделците и затоа се сомневаме дека се ќари на нашиот грб, а поводот е Програмата за рурален развој, оти ако отидеш да купиш трактор без помошта од државата, со сопствени пари и без кредит, самите дистрибутери ти даваат попуст и до 3.000-4.000 евра, зборувам за трактор од 30.000 евра“, обвинуваат земјоделци од Пелагонија и повикуваат -„Платежната агенција или соодветна инспекција да излези на терен и да види дали поскапувањето е реално или не за да не ја пропуштат приликата и да не го откажат тракторот“.
Па велат „Ако докажат дека поскапувањето е реално, сакаме анекс на договорите и можност да бираме друг трактор, според нашиот џеб“.
Всушност и фармери и добавувачи со кои контактиравме се согласни дека реализацијата на Програмата мора да се одвива побрзо, а земјоделците да не се врзуваат за добавувач, туку слободно да избираат на пазарот на земјоделска механизација.
„Евростил“, еден од посочените дистрибутери на трактори, со седиште во Битола, ги негира наводите на земјоделците и вели дека не манипулираат со цените.
„Досега кај нас нема откажување од набавка на трактори од Националната програма за рурален развој. Реагираат земјоделците, но поскапувањето е реално, ние дававме профактури во март-април 2022 година и каде да знаеме колку ќе поскапат тракторите во меѓувреме. Кој е тој што може да ги предвиди цените? Решенијата за набавка на тракторите земјоделците ги потпишаа во јуни-јули 2023. Тоа е голем период. Прво да зборуваме за курсот на доларот како се движеше со раст и со падови, па се натаму. Не е точно дека манипулираме со цените на тракторите исклучиво за Програмата, имаме модел од „Махиндра“ кој не е поскапен“, велат од „Евростил за „Независен“ и наведуваат дека конкуренцијата меѓу дистрибутерите на трактори е голема во Македонија и мора да се оди со конкурентни цени.
Од „Синпекс“ Битола, дистрибутер на брендовите „Џон Дир“ и „Тафе“, велат дека тие како компанија секогаш внимаваат да имаат коректни, конкурентни и фер цени за земјоделската механизација, вклучително и за тракторите, без оглед дали е во рамките на Програмата или надвор од неа. Конкретно за оваа Програма кај брендот „Тафе“ покачувањето е минорно, од 2 до 3% и во тоа влегува достава на тракторот до купувачот и гаранција од три години. Потврда за ова е фактот што најголем дел од земјоделците се одлучија за „Тафе“. Кај брендот „Џон Дир“ во зависност од моделот има покачување, но и тоа е во согласност со глобалниот пазар.
„Мораме да истакниме дека периодот на одобрување на овие предмети е предолг за да можеме на земјоделците да им ја гарантираме цената. Никаде во светот не постои понуда која може да важи година и пол, ниту пак добавувач кој ќе гарантира дека може да ја испорача истата по првично наведените услови. Сепак, сметаме дека и нашата позиција е на некој начин монопол ако Платежната агенција не дозволува промена на брендот и моделот и некој од добавувачите тоа може да го искористи. Затоа е пожелно да се ослободат земјоделците од стегата на наведениот добавувач и да имаат слобода да бираат каде ќе купат. На тој начин, слободниот пазар ќе ги регулира цените согласно правилата на слободната понуда и побарувачка“, изјавија од компанијата „Синпекс“ Битола и повикаа – земјоделците, добавувачите и Министерството за земјоделие час поскоро да седната на заедничка маса и да се договорат за измени и прифатливи решенија за следната реализација на Програмата за рурален развој.
Директорот на Платежната агенција, Никица Бачовски за „Независен“ изјави дека поддршката од Платежната агенција е фиксна и се движи од 50 до 75 проценти на сумата која е запишана во профактурата, и на овој процент нема да има промена без оглед на тоа дали има поскапување или поевтинување на тракторите.
„Запознати сме со реакциите на земјоделците, но не можеме да генерализираме дека имаме проблем, иако поскапувањето можеби засега одреден број на земјоделци, но факт е дека земјоделците веќе ги земаат тракторите. Ние дозволуваме промена на модел на трактор кој што треба да кореспондира со можностите на моторот со претходно доставената понуда, доколку се донесе изјава од добавувачот за одредена причина поради која не може да му го даде бараниот трактор на користење (доцни увозот, нема во производство и сл.). Без причина не можеме да дадеме анекс на договорот и да се направи смена“, порачува Бачовски.
Според првиот човек на Платежната агенција досега над 200 земјоделците (од вкупно 730 договори), ги подигнале своите трактори преку Програмата за рурален развој. За неколку дена Бачовски најавува дека ќе почне исплатата на средствата на сметка на земјоделците.
„По еден месец од доделувањето на решенијата, веќе имаме барања од земјоделците за исплата на тракторите. Речиси една третина од земјоделците ги набавија тракторите и сега од следната недела ќе бидат исплатени 65 милиони денари кај земјоделците“, најавува Бачовски за „Независен“https://nezavisen.mk/
А.Блажевска