АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Девојчето со златен глас, Анастасиа Митровска (18) годинава ќе настапува на фестивалот „Валандово - 2024“ со песна на битолскиот композитор и текстописец Петар Георгиев – Калица. Песната е насловена –„Тропни ми на порти“ , а Калица се погрижи за комплетна реализација со текст, музика и аранжман.
Младата Анастасиа вели „ Со оваа песна Битола ќе ја претставам во најдобро светло“ и искрено се надева дека песната ќе биде брзо прифатена од публиката и посакувана на сите веселби.
Младата Анастасиа, потекнува од пелагониското село Добрушево од музичка фамилија, таа во разговор за Апла вели дека нејзиниот музички талент е препознаен од нејзините родители уште од многу мала.
„Уште од три годишна возраст кај мене се јавил интересот за музика. Настапував на училишните патронати, а на 11 годишна возраст настапив на ревија за аматери на народни песни во моето село Добрушево. Тогаш освоив и награда. Потоа започнав да објавува видеа со препеани македонски народни песни и ги објавував на социјалната мрежа Фејсбук“, раскажува Анастасиа за почетоците.
Пред две години снимила препеана народни песни со нејзиниот роднина Димитар Митровски исто така музичар, а потоа снимила и низа препеани композиции со оркестарот на Златко Миладиноски.
Талентираната Анастасиа е победник на талент шоу за нови и млади музичари.
„Оваа година ми започна со мојата прва турнеа низ Австралија, со групата Маестрал и Христина Илиоска. Ова патување за мене не само што беше убаво доживување, туку значеше големо искуство како музичар“, вели Анастасиа.
Годинава Анастасија е матурантка во Средното медицинско училиште во Битола. Таа овие празнични денови го очекува видео записот од првата авторка народна песна „Дојди ми на Велигден“ по музика и аранжман на Димитар Митровски и текст на Анита Даева.
Младата Анстасиа има чест да соработува со битолскиот композитор и текстописец, авторот на антологиската песна „Ако одам во Битола” Петар Георгиев – Калица.
Петар Георгиев – Калица се прослави со песната „Ако одам во Битола“ за која ја напиша музиката и текстот, а првпат ја изведе октетот Македонија. Покрај анталогиската песна „Ако одам во Битола“ Петар Георгиев – Калица има напишано и голем број други песни за разни музички фестивали.
Во 1989 година, Калица постигна голем успех на најпознатиот македонски поп-фестивал „Макфест“, каде учествуваше како композитор и текстописец на
македонскиот хит „Летај ми, летај, гулабе” во изведба на Крунослав Кичо Слабинац. Во 1991 година, тој ја напиша својата најпозната песна „Стариот џумбушлија” која ја изведе познатата српска фолк-пејачка Ана Бекута на фестивалот „Валандово“.
Истата година, тој зеде учество на „Макфест“ како композитор на песната „Розите пак се тажни” во изведба на словенската пејачка Симона Вајс. Петар Георгиев – Калица се карактеризира по тоа што во неговото музичко творештво преовладуваат текстовите на традиционалните староградски песни, каде основната инспирација му е Битола, неговиот роден град.
А.Блажевска