АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Директорка на државна институција од Битола, под капата на МОН, понижувала, вознемирувала и ментално малтретирала вработени на работно место, а една од вработените и физички ја нападнала, утврдила Трудовата инспекција од Битола и целиот предмет, заради тежината на обвинувањата кои влегуваат во доменот на кривично дело, го предала до Основното јавно обвинителство во Битола да постапува.
Вработените пред Трудовата инспекција се пожалиле дека директорката им предизвикува чувство на страв и непријатност, во континуитет.
Станува збор за Елена Спасеновска, директорката во Средношколскиот дом „ДУД „Мирка Гинова“ – Битола, од редовите на СДСМ, за која од февруари годинава во низа текстови пишуваше „Апла“ и „Независен“, за наводи за злоупотреба на службената должност и инциденти во Домот, за кои интервенираше и СВР Битола.
Според последниот извештај, Трудовата инспекција од Битола имала полни раце работа во Средношколскиот дом, почнувајќи од февруари, вработени се охрабриле и поднесувале пријави против директорката поради нарушување на нивните права од работен однос, објаснувајќи ги секојдневните и најдраматичните ситуации на кои биле изложени.
Трудовиот инспектор од Битола, Емељ Алилоска, по професионално изработениот извештај, доставен до ОЈО и СВР Битола, за нашиот медиум, наведува дека од вработени во Средношколскиот дом добила две поединечни и една групна претставка за прекршување на работничките права.
„До Државниот инспекторат за труд ПЕ Битола поднесени се претставки од вработени во ДУД ‘МИРКА ГИНОВА’ со исти наводи за вознемирување на работно место од страна на претпоставената Елена Спасеновска. Сите претставки се од познати подносители, вкупен број 3 од кои двете се поединечни ,а едната е од група на вработени.
Од страна на Државен инспектор за труд извршени се вонредни инспекциски надзори и составени се записници за утврдена фактичка состојба“, констатирала Трудовата инспекција.
„Апла„ во февруари, објави дека вработена од Домот се пожалила на вознемирување од претпоставена, отишла на лекар, а за нејзиниот случај во полиција пријавиле по службена должност од Клиничката болница Битола. На крајот на април, директорката пред очите на многумина од вработените, натепа вработена за што полицијата постапуваше по службена должност. Наши пишувања сега ги потврдува Трудовата инспекција.
„Со оглед на тоа дека поголема група на вработени изјавуваат дека во континуитет трпат вознемирување на работно место од страна на одговорното лице Елена Спасеновска, притоа наведувајќи и опишувајќи настани кои ги сметаат за вознемирување на работно место, кој кај нив предизвикало чувство на страв, непријатност, пониженост, а во некои наврати резултирало со повреда на менталното здравје, за што пред ДИТ е приложена соодветна медицинска документација. Во определени настани ситуацијата кулминирала и со физичка пресметка за што се оформени предмети пред СВР- Битола“, потврдуваа од Трудовата инспекција за „Апла“.
Инспекторатот накрај заклучува дека „видно е дека сторените дејствија од страна на одговорното лице Елена Спасеновска и обележја на сторено кривично дело дефинирано во член 386 од КЗ за кој ДИТ нема надлежност да постапува, предметот е доставен до ОЈО и СВР- Битола на нивна натамошна надлежност и постапување“, заклучува Трудовата инспекција.
Според наведениот член од Кривичниот закон, делото за кое се сомничи Спасеновска е „Насилство“, казниво со казна затвор.
Директорката Елена Спасеновска, во писмениот одговор до медиумот потврдува дека постапувала Трудовата инспекција во Средношколскиот дом, но наведува дека постапката е се уште во тек.
„Од страна на Државен инспекторат за труд е извршен вонреден инспекциски надзор во ДУД ‘Мирка Гинова’ Битола по повод претставка на вработени и постапката е се уште во тек...Бидејќи постапката е во тек, а бараната информација за карактерот и основот на претставките е во домен на водење на таа постапка, давање на таква информација во однос на карактерот или основаноста на претставката пред завршување на тие постапки би можело да има штетни последици за постапката...“, наведува Спасеновска во одговорот до „Независен“.
Во однос на физичкиот напад на директорката врз вработена, СВР- Битола јавно извести дека -„На 30 април, годинава, 47-годишна битолчанка, вработена во Средношколски дом во Битола, пријавила дека, додека била на работното место, била физички нападната од страна на директорката на установата. По целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.“
Претходно битолската полиција потврди дека вработена била вознемирувана од претпоставен.
„Обезбедувањето од Клиничката болница Битола пријавило дека пациент бил вербално вознемирен од претпоставен од Средношколскиот дом „Мирка Гинова“ во Битола. Се работи на случајот“, потврди Сања Стаматова од прес службата на СВР Битола.
Почнувајќи од 26 февруари годинава, траат истражните дејствија во Средношколскиот дом во Битола, откако „Независен“ почна да пишува дали законски се користело службеното возило при патувањата во Србија и Албанија, и како на кој начин се ангажирал во патувањата, пензионираниот секретар во Домот, Менде Петровски. Патувањата за Албанија и Србија најчесто биле за викенди.
Во меѓувреме Спасеновска е разрешена од член на Извршниот одбор на ОО на СДСМ Битола, па партијата пред гласањето за парламентарните избори соопшти дека таа се разрешува заради повреда на одредби од Статутот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
„Почитување на правата и на достоинството на човекот, како и изградба на правна држава во која секој поединец одговара за своето однесување и своето работење, се вредности за кои СДСМ се залага ...“, соопшти партијата.
Анета Блажевска