2win800x200

Светот од Дон Кихот до современите Хитлери! (Пишува Даниела Петровска)

Јули 01, 2024
Пишува  м-р проф. Даниела Петровска Пишува м-р проф. Даниела Петровска

Пишува професор м-р Даниела Петровска

 

                Општеството би требало да се сфати како универзализација на целокупната духовна и материјална дејност на човештвото.  Зафатено од вековните фурии на некомпатибилноста на теориските визии и пракси, човештвото е парцијализирано и го губи значењето на универзалност и универзална дијалектичност.  Тоа никогаш не се изградило како тоталитет врз цивилизациска основа, туку само како историски субјект на едно дадено време. Наспроти сите желби за неограниченост до денес, стојат сите можни граници и  ограничености кои се повторуваат од времето на Десетте божји заповеди.  Тие отпамтивек ни ја отвориле вратата на мудроста и го поставиле можеби и најзагадочното прашање: дали добрината е вистинскиот јасен извор на духовниот јасен поглед?  Дали љубовта е есенцијален извор на идеалите? 

Така, кај мене се јавува и прашањето дали идеалистот Дон Кихот како јасновиден мудрец станува вдахновен трагач по правдата која не знаел дека е скриена во кофчеже кое тешко може да се отвори, а љубовта кон создавање поправеден свет го носи во „налудничави“ потфати кои за неукиот и обичен човек се само трагична комедија?  Аристотел во „Метафизика“ вели дека љубопитството е изворот на знаењето. Тогаш дали Кихот љубопитниот низ „големите потфати“ минувајќи го патот полн со пречки, а мотивиран од високоморални премиси, стигнал до себе освестениот кој резонира дека неговата борба го носи кон вистината дека таа е последица на очајот стекнат низ пустината на смеата што ја предизвикал кај карикатуралните бедници по дух?  Не сфатил дека благородните идеи на човештвото се заробени во други начела, во други прописи и во други закони на времето, па природните права на обесправените не се заштитуваат со налудничави ритерски вештини и борби.  Борбите со „замислени непријатели“ им носат потсмев и понижување на унесреќените, им носат уште повеќе несреќи со поголем интензитет.

             Тешкото бреме што се носи врз плеќите ја раѓа потребата од негово отфрлање. Мудриот човек се раководи од она што го чувствува и се оградува од она што го гледа.  Кога би ја снемало ученоста, тагата не би постоела.  Трагичниот учен дејствувач Дон Кихот не може да стои долго време на прсти, а сака да прави крупни чекори со нагласена потреба да го симне бремето од грбот на секого што на прашливиот пат ќе му заличи како маченик.  Неговата скромна слава ја осветлува темнината на неговиот „пораз“ во подвигот да го спаси човештвото од злото и го поучува човекот од сите времиња дека сѐ што ќе се освои може да се изгуби, дека сѐ што цвета може да се исуши, дека секој што сака да се обиде да владее, нема да успее.  Посочува дека вредноста на плодот е поголема од вредноста на убавината на мирисливиот цвет.

Дон Кихот е контроверзен лик низ историјата на литературата. Тој е протагонист на утопиското верување дека светот може и треба да биде подобро место за живеење од она што е: простор на фрустрирани поединци кои заборавиле дека сѐ е минливо и менливо ако гледаме низ призмата на човековите ограничени можности за онтолошко траење низ севремето. 

            Денес се прашуваме дали на светот му  е потребен лик или човек како Дон Кихот.  Мојот одговор е дека на светов нужно му е потребен Дон Кихот.  Тој би бил сонувач, идеалист, фантазер илузионист.  Би бил среќен и непоколеблив дејствувач како израз на задоцнето време, како копнеж и желба за борба против злото.  Меѓу животот и смртта стои на страната на идеалот и хуманоста.

            Меѓу херојствoто, авантурата и користољубието тој ги избира хуманоста и народната остроумност.  Се одрекува од сѐ во име на радоста и тагата, па неверојатното станува стварно.  Ако нема противник, тој ќе го измисли.  Борбата мора да трае, со нејасна цел, но со сосема јасни намери: господарите треба праведно да владеат и да  стојат зад сите поданици и никого да не навредуваат, со никого да не се натпреваруваат за да може да станат непобедливи.

            Светот ги доживува трауматските точки на поделба на луѓето на ние и тие, на црни и бели, на богати и сиромашни, на победници и губитници, на семоќни и немоќни. Тој е соочен со „умрените“ идеали на Волтер за Елдорадо и ги исмева донкихотските подвизи како израз на едно минато и завршено време на налудничави поединци и наивни слуги кои јавајќи на магаре сакаат да добијат во владение губернија, впрочем тоа е само еден „трагичен израз на чувствување на светот“(Унамуно).  Кому му е потребен свет на несреќни народи, потиштени луѓе и супериорни влади? Само на искомплексираните психопати кои сакаат да го потчинат другиот со силата на моќта на власта.  Тој што вистински знае да го смени светот не престојува во удобната фотелја на својот кабинет, туку јава на Росинант и гради ветерници и фотоволтаици за да го стопли домот на секој човек, за да ја осветли темнината во душата на девојчето со ќибритчиња и нема да дозволи на свети Силвестер гладните да не бидат сити. 

Светот треба да се хуманизира со дејствувачи како Дон Кихот.  Верувањето дека ветерниците се џинови е најголемата идеја дека човекот може поради идеалите да ги совлада пречките што навидум се исправиле пред него со моќ на џиновска закана.  Стремежот кон правдата е највисок идеал во дехуманизираното време во кое живееме и кое не се разликува од сите други времиња.

            Превезот на налудничавоста би го добил и современиот Дон Кихот.  Па што?  Има ли мерка што ќе ја измери добронамерноста на Хитлер при нападот на антифашистичките земји под мотото дека ќе создаде чиста ариевска раса? Може ли да имаат хумана димензија агресијата, војната и компонирањето на идејата дека Путин и Зеленски, секој за себе, имаат право да одземат живот на цивили поради „повисоки и хумани цели“? Има ли смисла во дискриминацијата на црните луѓе во Франција кои масовно се иселуваат од оазата на праведникот Макрон и никој од нив не смее на отворањето на Олимписките игри оваа година да ја пее француската химна?  Не се достојни за тоа, тие се нижа раса.  Под менипејската игра дека Франција примарно е земја на луѓето од бела раса со христијанска вероисповед,  која жена би се осмелила на работно место да носи хиџаб и да ја прекрши дваесетгодишната забрана за негово користење и би си ја нарушила кариерата?  Раблеовски хумор или балзаковска опсервација на сјајот и бедата на политичките куртизани? Сеедно, светот е во дисхармонија и во дисонантна неусогласеност на ставовите за правото и правдата воопшто.

            Ете затоа на светот му е потребна транспарентна донкихотска авангарда на дејствувачи кои бескомпромисно ќе се наредат последни во редот кога на народот ќе му се дели насушниот леб.  Нам ни е потребен Дон Кихот којшто ќе ја одржува надежта дека Утопија сепак постои макар и во доброто витешко срце.  Времето и просторот се во дијалогизам на мноштвото имагинарни светови.  За да го достигнеме духовното ниво на рицарот од Ла Манча, треба да знаеме дека прва задача ни е да се спознаеме себе, зашто само така ќе ги знаеме другите и ќе сфатиме дека туѓото не ни припаѓа, дека неумерените фалби и лажните сведоштва ја оштетуваат општествената правда. 

            Корените на човкољубието на Дон Кихот се во воздржаноста на непризнатиот рицар да реагира на огорченоста за сопственото унижување од страна на „пријателите“. Нам ни е потребно да ја сфатиме древната мудрост дека редот се прави пред да се појави хаосот.  Редот и поредокот ако цврсто стојат, не може да паднат. А цврстината на стојалиштето зависи и од длабочината на коренот. Прашање е дали е подобро да се биде дијамант или обичен камен во долината која ако не цвета ќе се претвори во пустина. Дали најслабото го победува најсилното ако имаме предвид дека Тажниот рицар е поразен победник? Дали неговата одлука да не дејствува повеќе на крајот од животот го прави мудрец кој спознал дека најдобро е да се учи без зборови и да се создаваат добри дела без да се дејствува со моќта на ‘рѓосаниот меч што требало да остане во подрумот на потсвесниот порив за остварување на подвигот како патување кон светата смрт?

            Смртта го обесмртува и неговото лудило ја измолува прошката од Бог за тоа што се родил таков: хуман рицар со желба селанката Дулчинеа да ја направи дама на своето срце, рицар што сепак ги ослободил робовите од галиите и ја затворил вратата на пеколот и извикал: „Да живее надежта“.  Унамуно вели: „Felix culpa“. 

            Во светов можеби последното витешко умирање е тоа на Дон Кихот!

 

Пишува професор м-р Даниела Петровска

 

 

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите) 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани