АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Музеј на христијанската и исламската култура ќе биде новата намена на Јени џамија во Битола, сместена во срцето на градот. Џамијата која е еден од најзначајните историски споменици во Битола оставена како сведоштво за отоманската архитектура од 16 век, ќе добие нова намена најавуваат од Завод и Музеј Битола, институција која прославува исклучително важен јубилеј – 90 години од формирањето.
Јени Џамија - фото Анета Блажевска
Од Битолскиот Музеј велат дека јубилејот ќе го одбележат со неколку капитални проекти и настани, а еден од нив ќе биде и „новиот музеј“ Јени џамија. Во овој период течат подготовките што значи внатре во објектот е работно во исполнување на концептот.
„Еден од капиталните проекти и настани е и условно кажано отворањето на Јени џамија за посетителите и туристите, но овој пат со видоизменета содржина и намена. Имено, ‘новата’ Јени џамија ќе биде ‘Музеј на христијанско – исламското културно наследство’, бидејќи под застаклениот под во џамијата (и надвор пред џамијата), се конзервирани и презентирани темелите на христијанската средновековната црква ‘Св. Ѓорги’, која датира од седмиот век. Овој исклучителен настан ќе се случи кон средината на месец ноември“, изјави Зоран Николовски директор на Завод и Музеј Битола за „Независен“.
Јени Џамија-внатре фото Зоран Николовски директор на Завод и Музеј Битола - Апла.мк
Џамијата има квадратна основа, покриена е со купола и веднаш до неа се издигнува минаре со висина преку 40 метри. Во 2018 година, по три години работа, заврши реставрацијата и конзервацијата на фасадата на Јени џамија чии име и на турски значи „нова“. Реставрацијата на фасадата чинеше над 15 милиони денари и со овој зафат вратен е стариот лик на објектот како од пред петстотини години, од владеењето на Турците на овие простори. При обновата беше користен лим од олово за куполите, набавен од Турција и варов малтер од Италија, што според стручните лица од Музејот беше прв пат да се користи малтер на толку голема површина на надворешна фасада со оглед на тоа што каменот е нерамен и постоело шанса да пропадни намерата. Меѓутоа реставрацијата е успешно изведена.
Според директорот Николовски, објектот претходно беше галерија, а после долги години беше под клуч. Сега Музејот на христијанско – исламското културно наследство – Јени џамија ќе го презентира внатрешниот дел, во оригинално издание, но реставриран и со нов сјај, ќе го вклучува и направениот стаклен под внатре и надвор, односно предниот дел пред објектот каде под стакло се изложени темелите и ѕидовите на црквата ‘Св. Ѓорги’, изјави Николовски.
јени џамија внатрешен дел - фото Апла.мк
Долгогодишните истражувања покажаа дека Јени џамија под темелите крие темели на дури три цркви кои датираат од 7, 11 и 13 век, а се смета дека едната од нив е некогаш најголемата црква во центарот на Битола, таа е „Св. Ѓорги“ на која ќе се даде најголемо значење. Како потврда на ова археолозите најдоа сребрен печат со ликот на Свети Ѓорги и втор печат со ликот на Мајката Божја во позиција на молење. За најголем пронајдок се смета откривањето на пекторален медалјон со изгравирани фигури на светци, обвиено во позлата.
Јени џамија - фото А.Б
„Сега со новата презентација на Јени џамија покрај темелите на христијанскиот објект ќе бидат претставени и сите наоди од движното христијанско наследство, значи наоди и откритија ќе бидат изложени во посебни витрини во внатрешноста на објектот вклучувајќи го и пекторалниот медалјон. Со ваквиот концепт Музејот Јени џамија ќе биде неизбежен дел од туристичката посета на Битола“, вели Николовски.
Оваа битолска џамија во себе носи и интересна приказна за презентирање пред поетителите и странските туристи, таа е присутна во легендите и преданијата запишани од Мехмед Тевфик, Марко Цепенков, Јован Хаџи Васиљевиќ, и е позната по неколку имиња како Нал џамиси (Потковица џамија), според легендата тоа била потковицата на коњот на „Св. Ѓорги“. Како и Синџирли Бунар џамија поврзано со некогашниот стар бунар со синџир за влечење вода за џамијата, кој одамна не постои.
Анета Блажевска
Јени џамија - фото Апла.мк