2win800x200

Ако не поскапи таксито во Битола ќе нема навечер кој да вози оти за таксистите е неисплатливо

Октомври 10, 2024

Ако не поскапи такси превозот во Битола ќе нема кој да вози ноќе, оти за таксистите е неисплатливо. Ваква е состојбата во Битола, откако во изминатите години постојано се намалува бројот на лиценцирани такси превозници, па од некоја бројка која изнесувала над 400 лиценцирани такси превозници сега градот има околу 60 такси возачи кои се во такси компании.

Денеска од мнозинството советници во општинскиот Совет во Битола беше изгласана иницијативата за започнување на постапка за измена и дополнување на тарифата на авто такси превозот предложена од Здружението на лиценцирани такси превозници на град Битола. За гласаа советниците од ВМРО-ДПМНЕ, Поинаку и Дом, советниците од СДСМ беа воздржани, а од Левица беа против оваа иницијатива.

Лиценцирани такси превозници пред советниците претходно ja образложија ситуацијата. 

„Јас 26 години сум таксист и вака никогаш не било. Давачките и трошоците енормно се зголемија, а возиме по стари цени. Последното покачување беше минимално и тоа го загубивме за два месеци кога се покачи минималната плата со тоа и придонесите. Тоа се стопи. Што е најлошо ние не возиме сега патници, туку сме доставувачи на роба. Граѓаните нарачуваат пица со попуст од 30 денари, а ние ја доставуваме за само 60 денари до дома, на работа ги носиме за 60 денари, значи стагнација. Работиме со крајни напори, сега има само една база за цел град“, рече Славчо Петровски, такси превозник, апелирајќи и на проблемот дека такси возилата се многу стари и дека немаат средства за обнова на возниот парк па вели „гледаме само возилото да има четири тркала“.

Последното поскапување на такси превозот во Битола беше во јануари 2022 година, веднаш по корона кризата кога поскапеа горивата. Од тогаш стартот со пресметан еден километар во цената чини 60 денари, за секој следен километар се плаќа 25 денари. Чекање од еден час чини 300 денари.

Сега Здружението на такси превозници од Битола бара прва тарифа (прва и втора смена) стартот да биде 60 денари, а секој еден километар по 35 денари. Втора тарифа стартот останува исто, но да биде 40 денари за секој еден изминат километар. Додека тарифата за трета смена, празник и за ден недела стартот да биде 60 денари а секој изминат километар 45 денари. Тарифата за чекање за 1 час бараат да биде 400 денари.

Бојан Бојкоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека оваа иницијатива е само почеток на постапката за покачување на цената на такси превозот во Битола.

„Таксистите кажаа кои се потребите за покачување на цената на такси превозот во градот и кои се ризиците кои можат да настанат. Имаат зголемени трошоци и опасноста во вечерните часови да нема трета смена на такси превоз. Нема регулаторно тело ни во општинската администрација, ни во државата кое може да каже колку ќе биде цената на такси превозот. Ние само го потврдуваме или одбиваме барањето. Општината има надлежност само во делот на издавање на лиценци. Ако порано во Битола имало 400 до 500 такси возила со лиценци сега има 50 до 60. Тоа треба да не загрижи“, рече Бојкоски  додавајќи да не се случи Битола да наликува на накои помали градови во државата каде нема такси превоз.

И други советници се согласуваат дека не треба да се заобиколи фактот дека битолчани имаат проблем со такси превозот особено во ноќните часови. А граѓаните често се жалат дека такси не можат да закажат ни дење кога е време за одење на работа или во училиште или пак кога врне дожд.

„Такси превозот не е јавно претпријатие и тие луѓе мора да имаат средства за да можат да поделат плати. Факт е дека ние имаме проблем со превозот низ градот. Доколку граѓаните се жалат дека во ноќните часови немаме можност за јавен превоз, ние не можеме да дозволиме и онака намалениот број на такси возила да се намали уште повеќе“, рече Анастасија Трајковска, советник од ДОМ.

Менде Илиевски, од СДСМ рече дека таксито е луксуз, а во модерното време и потреба – „Немаме прецизни и доволни информации како и јавен став во делот на висина на цената за покачувањето. Треба да гледаме сериозно на оваа одлука и пред нас да имаме сериозна анализа за покачување на такси превозот. Што има направено Општина во делот на сивата економија и борбата со нелегалните такси превозници? Затоа нема да гласаме“, рече Илиевски.   

Инаку такси возачите во Битола најчесто е возрасни лица, или пензионери, бидејќи нема млади заинтересирани за вршење на такси превоз.

Анета Блажевска  

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани