2win800x200

Празничниот дух на „Зимската приказна“ го оживува туризмот во Битола

Декември 24, 2024

Зимските празници се најубавите семејни празници, а битолската „Зимска приказна“ го прави градот на конзулите најпривлечната туристичка дестинација во регионот. Под најубавата накитена елка поставена пред платото на велелепниот Офицерски дом во Битола со чаша греана ракија или вино, најубавите желби за здравје и среќа си ги споделуваат и битолчани и прилепчани и ресенчани и охриѓани, демирхисарци, кичевчани... нашите пријатели од Лерин, Кожани... „Зимската приказна“ со еден збор кажано ја направи Битола центар на културниот туризам, со нова современа димензија.  

б 5

Почнувајќи од Офицерски, Широк Сокак, плоштадот Магнолија, Старата битолска чаршија па се до Инфоцентарот и врвот на Пелистер, Битола ги живее новите денови со уникатна празнична програма, која  ја позиционира како атрактивен туристички центар. Богатата културна програма, лизгалиштето на „Магнолија“, вовчето „Мечо“, новогодишните декорации умешно вклопени во старата градска архитектура и секое сокаче од Старата битолска чаршија ја носи празничната магија во градот под Пелистер.  

Битола  е полна со гости, а хотелите и сместувачките капацитети се веќе резервирани. Кафулињата и рестораните на Широк Сокак и надвор од градот пулсираат со нова динамика. Туристите и локалните жители поминуваат часови шетајќи низ Широк Сокак, уживајќи во топло вино и локални специјалитети. 

 лизгалиште

„Секоја година гледаме пораст на бројот на гости кои ја посетуваат Битола токму заради манифестацијата. Ова не е само локален, туку и национален настан кој привлекува гости од различни делови на Македонија, па и од соседните земји,“ изјавува сопственик на популарен бутик-хотел во градот.

Годинава „Зимска приказна“ трае до Бадник - 6 јануари, што ги радува битолчани кои живеат надвор од државата. Многумина допатуваа во  градот за празниците и конечно имаат можност да уживаат  целосно во празничната магија.

4 б

„Минатата година дојдов на 2 јануари и сè беше веќе завршено. Оваа година со семејството можеме да ја доживееме целата магија – светилките, настаните, музиката. Навистина е посебно,“ вели Елена, битолчанка која живее во Виена.

Економските придобивки од „Зимска приказна“ за локалната заедница веќе привлекуваат внимание. 

„Локалните занаетчии, уметници и продавници ја користат можноста за да ги промовираат своите производи. Дополнително туристите создаваат зголемена потрошувачка во сите сектори – од угостителство до продажба“, велат туристички работници од Битола.

„Секој празничен период забележуваме пораст во продажбата на ракотворби и локални производи. Ова е одличен пример за тоа како еден настан може да го поддржи локалниот бизнис,“ вели сопственик на продавница за сувенири.

2 б

Социјалните мрежи веќе се преплавени со фотографии од Битола, што дополнително го зголемува интересот за посета на градот.  Битола – зимска туристичка дестинација станува реалност со „Зимската приказна“ и потврда дека  празниците не се само момент за радост, туку и шанса за локален развој, промоција на културното наследство и економски придобивки за целиот град.

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани