
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Денот на Христовото раѓање е одличен повод да проговориме за словата кои св.Климент и ги посветил на Мајката Божја.
пишува доц. д-р Анита Ангелевска
Во опусот слова на св.Климент Охридски, покрај пофалните и поучителните, како одделен циклус се издвојуваат словата за празниците посветени на Пресвета Богородица. Така кај св. Климент среќаваме слова или поуки за секој Богородичен празник, во двете условни групи, засведочените Светиклиментови слова и анонимните. Во Светиклиментовиот опус на слова (пофалби и поуки) како засебен циклус можат да се рагледуваат овие слова за празниците посветени на Пресвета Богородица.
Во христијанството, Богородица е еден од најобожуваните ликови, оттаму разбирливо е што таа е присутна во делата на многу писатели во христијанската литература. Веќе рековме дека словата (поуките и похвалите) посветени на Богородица во Светиклиментовото творештво образуваат комплетен циклус. Оттаму, отворено останува прашањето како предизвик пред проучувачите на Светиклиментовото творештво, зборниците со преписите да бидат ревидирани, а и можеби со посовремени и попрецизни методи опусот слова би се зголемил или намалил во корист на Светиклиментовата атрибуција. Многу логично е, за толку значајна христијанска фигура - Богородица, просветителот св.Климент да напише цел циклус. Од Богородичниот циклус не само што се гледа целиот ораторски талент на св.Климент и неговата ерудиција и упатеност во Словото Божјо, не само што се потврдува неговата остроумна практичност - ги приспособува своите слова и поуки на актуелните потреби (просветлувањето на верниците, но и нивно прибирање во „стадото“), не само што се потврдува комлетната функционалност на овие текстови, туку најважно од се, тие остануваат во наследство на следните ученици, следните просветители - проповедници на Словото. Уште еднаш дефинитивно се потврдува, дека св.Климент Охридски е еден од најталентираните книжевници во ораторската и проповедничката проза, врз чии модели натаму продолжува развојот на ораторско-проповедничката книжевност, обезбедувајќи трајно влијание на Охридската книжевна школа, како директен придонес во формирањето на новата словенска книжевна цивилизација.
Класификација според атрибуцијата - опис
Во првата група, според атрибуцијата влегуваат: Поука за зачнувањето на Богородица, за раѓањето, за празнувањето на Благовештение, поука за успението на Богородица и едно пофално слово за Успението на Богородица. Во втората група, која ја квалификуваме како незасведочени Светиклиментови слова среќаваме и едно Поучително слово за Успението на Богородица. Овде, го напоменуваме фактот, дека и во првата група, која ја нарекуваме засведочени слова, чиј автор е св.Климент, освен во малкуте преписи од Пофалното слово за Успение на Богородица, во насловот на словата не стои името на авторот. Нивното авторство, во овој случај го потврдуваме преку применети методи на анализа, споредба, јазична и стилска аргументација и компарација на употребуваните фрази. Значи го прифаќаме фактот, од сите досегашни проучувања и анализи, дека за прв извор на овие слова и поуки, се смета општото слово Заповеди за празници, како модел - образец врз кој се изградени другите творби. Поука за денот на Зачетието на Света Богородица, е кус текст - слово, со јасна и прецизна функционалност, директно адресирано до верниците. Почетокот на текстот се однесува на зачнувањето на Богородица, пред претстојното раѓање на Спасителот за човештвото, Исус Христос. Потоа, св. Климент повикува на молитва во црквата: „ ...Да знаете, возљубени мои браќа, дека денеска го празнуваме чесното зачнување на нашата Госпоѓа, чесната Владичица, Богородица. Затоа, радосно да притрчаме кон нејзината црква, на молитва со страв да стоиме, да ги отвориме вратите на божествената ложница со бденија и молитви; со милостина и со постење и така да го поминеме чесно, со радост, празнувајќи го, чесното зачнување на пречистата Госпоѓа и пречистата Богородица, оти таа непрестајно го моли за нас својот син и нашиот Бог.“(Угринова - Скаловска, 1996:81-83). Кусиот функционален текст натаму содржи јасни христијански пораки за милостина, каење и кроткост. Директната цитатност ја одбележува релацијата со словата на Јован Златоуст, најголемиот проповедник на источната црква, чии што проповеди, посланија, трактати и литургија (Златоустова) се најупотребувани во православието: „Да го споменеме големиот пастир Златоуст, којшто рекол: „О чеда, ова е за вас создадено, а не вие заради него; и не се оттргнувајте од црквата, ниту пак се поучувајте од суетните нешта, за да не се наполни пеколот со нас, кои сме отпаднале од славата божја“. Затоа, возљубени мои браќа, да се увериме дека треба да одиме со чистота на молитва в црква и на сите празници на нашиот Господ Исус Христос и неговата пресвета мајка, нашата владичица Богородица, да се приготвиме да слушаме: Пријдете, благословени на мојот Татко и наследете го приготвеното за вас царство!“ (Угринова - Скаловска, 1996:83-84). Поука за зачнувањето Богородично се смета за Светиклиментова, иако во насловот не стои неговото име. Текстолошката и стилско - јазичната анализа го потврдуваат ова и исклучуваат секакво сомнение околу авторството, а како аргументи се наведуваат формата, содржината и употребените фрази, какви што среќаваме во другите поуки од оваа провиниенција. Стојановиќ (ОРЯС, LXXX, № 1. 1905: 83 - 84). со убедливи споредби прв го аргументира тврдењето, дека Поуката за зачнувањето Богородично е слово на св.Климент Охридски.
И Поуката за претпразненство на раѓањето на Богородица, потекнува од преработка на Светиклиментовото поучително слово „Заповеди за празници“, кое што било напишано како општ образец за претпразнично поучително слово. Од негови преработки произлегуваат десетина поучителни слова за претпразнични денови (Раѓањето на Богородица, Крстовден, Раѓањето Христово, Богојавление, Сретение Господово, Благовештение). Сите тие кратки слова започнуваат со иста фраза и содржината им е еднаква, а разликите се јавуваат во формата и изразот. Тие имале исклучиво функционална суштина и практична примена како елемантарна христијанска поука во најопшта и лесно пристапна форма. Како своевиден недостаток може да се наведе отсуството на акцентираност врз значењето и содржината на конкретниот празник. Евидентирани генерално се 37 преписи, кои произлегуваат од еден ист извор, со мали незначителни разлики помеѓу нив, кои што немаат суштинско влијание врз пресудно значење и врз редакцијата на текстот. На ова слово посредно прв упатува Ундолски, уште во 1843 година, во статијата што ја објавува за св.Климент Охридски (Ундо́льский, 1895:VIII). Заклучокот на Ундолски, дека анонимните поучителни слова, кои што се среќаваат се многу слични со Светиклиментовите и или се негови творби или се пишувани според неговите творби, е темелната појдовна точка од која тргнуваат сите научници - истражувачи на Светиклиментовото дело, а нејзината валидност во науката досега не е одречена, туку само се потврдува како вистинита. Од друга страна, пак за жал, многу и не се развила, односно не резултирала со некакви потврдени конкретни сознанија. Другиот основен придонес, во однос на претпразничните поучителни слова, го дава митрополитот Макариј (История русской церкви,1857: 211 - 212), дека станува збор за оригинални словенски (тој ги смета за руски), не за преводни торби, но не го споменува Светиклиментовото авторство. Петров (О происхождении и составе славяно-русского печатнаго пролога, 1875: 247 - 248) е првиот истражувач, кој е прецизен во тврдењето дека односните слова се Светиклиментови и покрај тоа што во насловот не стои неговото име. Потоа Петухов (Материалы и заметки из истории древнерусской письменности, 1893:15-16), ја изнесува претпоставката на Петров, но без категоричен став по прашањето на авторството, а му се придружува и Пономаров (Памятники древнерусской церковно-учительной литературы,1896: II, 75-76). Кодов, потврдата за Светиклиментовото авторство ја гледа во јазичните и стилските особености, нивната фразелогија, во проповедничките техники и во органската поврзаност со општото поучително слово Заповеди за празници. Обраќањето на св.Климент кон верниците: „И ние, браќа, радосно очекувајќи го доаѓањето на овој ден, да побрзаме со добри дела да ги запалиме нашите светилници - со милостина, вера и љубов, зашто преку нив се просветлува душата и телото. Зашто верата без дела е мртва.“ (Книжевното творештво на св. Климент Охридски (Втора научна средба ..., 2008:30 - 31) - е директно и практично дидактичко четиво, поука за милостина, вера и љубов, како највисоки христијански добродетели. „Затоа е нужно покрај верата, да ги задобиваме и милостината со љубов, бидејќи тие на небо возведуваат, и Царството го даруваат и дверите ги отвараат... Затоа ве молам, да не одминеме без помош ни гладен, ни необлечен, ниту туѓинец, туку со љубов да ги примиме во својот дом, та и Христос нашиот Бог, по нивните молитви, да не прими во вечното Царство што го приготви Бог за оние што го љубат“(Книжевното творештво на св. Климент Охридски-Втора научна средба ..., 2008: 31).
Во насловот на Поуката за Рождество на Пресвета Богородица, името на св.Климент не стои во ниту еден од насловите на преписите кои ни се достапни, кои се познати. Сепак, авторството на св.Климент е беспорно, се потврдува од јазичните, стилските и фразеолошките карактеристики, како и од непосредните сличности со претходната Поука за претпразненство на Раѓањето на Богородица. Како Светиклиментово го утврдува уште Ундолски во 1845 година (Климент, епископ словенский. Труд В. М. Ундольского. С предисловием П. А. Лаврова. Москва,1895. стр. IX). Потоа и Петухов го претставува како Светиклиментово (Материалы и заметки из истории древнерусской письменности, стр. 16-17). Познати ни се досега 42 преписи (Ангелевска, 2023:128-131). Сите овие преписи се слични помеѓу себе и потекнуваат од ист извор. Разликите меѓу нив не се во редакцијата, туку таа се согледува во пропуштањето или додавањето одделни пасуси и во промената на некои граматички форми и конструкции, кои придонесуваат до поинакви значења на фразите. (Климент Охридски I, 1970: 198). Очигледни се непосредните врски со поучителното слово на претпразненството на Рождеството Богородично. Во ова слово св.Климент „поторжествено“ им се обраќа на верниците: „Браќа, дојде времето за нашето спасение ... Ете браќа, се приближува времето на покајание...“ (Книжевното творештво на св. Климент Охридски-Втора научна средба ..., 2008: 32-33).
Поука за претпразненство на Благовештение припаѓа во групата општи поуки, адаптирана за предвечерието на празникот Благовештение или попрецизно наменета за празничната вечерна на големиот христијански празник Благовештение на Пресвета Богородица. Станува збор за текст, кој што всушност има функција на обраќање и покана до верниците, текст кој што ги содржи елементарните вистини на христијанската и човечката моралност. Во Светиклиментовото творештво познати се осум претпразненства од кои три се однесуваат на Богородица, а едно е за празникот Благовештение. Нивниот почеток е скоро идентичен: „Да знаете, браќа, дека...“ или „Да знаете, возљубени, дека...“. „Во нив преовладува наравоучението кое е еднообразно скоро во сите Светоклиментови поуки од тој вид“. (Известиᴙ II, 1984: 254) Светиклиментовото авторство е потврдено со формата, содржината и фразите во поуката. Текстот во сите преписи е наполно ист, не се забележуваат никакви разлики во редакцијата и потекнуваат од еден ист извор.
Во овој Богородичен циклус влегува и Поуката за Благовештение. Свети Климент во своето слово за празникот Благовештение ги поканува сите верници на свето празнување како и секогаш за сите други празници, но овој пат, со оглед на постите, и на животворна храна, та секој што ја прими да живее вечно според зборовите на Самиот Господ: „Кој го јаде телото Мое и ја пие крвта Моја, ќе живее довека“ (сп. Јн. 6.51-58) и Пророкот (Давид) кој вели: „Вкусете и видете колку е благ Господ“ (Псал. 33.9). Значи станува збор за причесната за која треба да се подготвиме преку пост и подвиг (Книжевното творештво на св. Климент Охридски... Втора научна средба ..., 2008: 32) „Денеска, браќа, исполнувајќи се со радост и украсувајќи се со добри дела, да се потрудиме достојно да ги поминеме овие свети посни денови, од пијанство, од телесна похота, од прејадување, од гнев и клевета, од навреда, од јарост, од завист, од многу спиење; оти тие нешта ја оддалечуваат душата од Бога и ја помрачуваат. Затоа, напуштајќи ги сите тие работи, да се потрудиме мирно да ги завршиме овие свети денови, да не не стигне смртен час во мрза, во злоба, во гревови; вистинито е кажаното од пророкот некогаш: „Во што ќе те најдам, во тоа ќе те судам“. Затоа ве молам и ве терам со љубов: да бдееме постејќи, за да не најде во добро, а не во лошо. Ако ви упатив слово за овој ден, беше нужно да ви го упатам, зашто секогаш ги гледав црквите празни од вас, приготвувајќи венец на тие што постат и бања со која сакаме да ги измиеме нашите грешки, и трпеза со гоено теле, заклано за сиот свет, Исуса Христа, божјиот син, којшто е положен на неа и којшто ги повикува верните на свето пирување и на животворна храна, за секој што ја прима со вера, да биде вечно жив; и докажува преку пророкот: „Вкусете и видете дека Господ е благ. Нему да му пристапиме како беззлобни младенци, држејќи гранчиња в раце, то ест добри дела, викајќи и зборувајќи му на Христа: „Благословен е тој што доаѓа во името Господово, Господ Бог и ни се јави нам“, негова да е славата до век.“ (Угринова - Скаловска, 1996:48-50).
„Св. Климент во своите творби често инсистира на патот кон Царството небесно, на обожувањето на човекот: „Синот Божји, нашиот Господ Бог неискажливо влезе во човечко тело, сакајќи делото на своите раце да го обожестви со своето очовечување и пак во рај да ги насели ...“ Ни го посочува Христа како пат, вистина и живот, а до него се доаѓа преку постојано очистување преку практиката на добродетели, пат кој го виде човекот во Царството небесно“(Книжевното творештво на св. Климент Охридски (Втора научна средба ..., 2008: 32). Светиклиментовото авторство, иако не е директно засведочено, преку присуството на неговото име, сепак е потврдено преку неговата структура и идеја, стилот и фразеологијата, едноставноста и моралната поука, насочена кон новопокрстените и сеуште кревки во христијанската вера. Тоа го потврдува и Соболевски (ОРЯС т.X, кн.2, 1905:131). Претпразненство на Успение Богородично е всушност адаптација на словото Заповеди за празниците. Почетокот на словото е почетната фраза од општото поучение Заповеди за празниците, во продолжение кусо се зборува за Богородица, а потоа ги повикува слушателите да се ослободат од некои човечки слабости и да станат вистински христијани добри, сочуствителни, чисти во мислите и делата. Св. Климент особено внимание му посветува на мирот и љубовта - венецот на добродетелите, па во предвечерието на големиот празник им упатува порака на своите верници: „да имаат љубов и мир меѓу себе“.
Св. Климент Охридски напишал и пофално слово за Успение на Богородица, а напишал и поучително слово. Пофалното слово е сместено во првиот том на „Климент Охридски, Събрани съчинениᴙ“ (т.I. Софиᴙ, 1970 година), а поучителното во „Климент Охридски, Събрани съчинениᴙ“ (т.II. Софиᴙ, 1977 година). Според составувачите веднаш се прави дистинкција, пофалното слово влегува во групата засведочени Светиклиментови дела, а поучителното во веројатните - претпоставените. Многу тенка е границата помеѓу овие две категории, односно сѐ уште за жал, многу е релативно прашањето на атрибуцијата на словата во корист на авторството на св.Климент Охридски, зашто аргументите според кои се суди се темата, стилот, јазикот и лексиката, како и општите мисли и цитатите присутни во творбите. Ангелов, Куев, Кодов и Иванова, излегуваат во предговорот на вториот том со признание, дека некои од тие творби во вториот том, ако би биле обработени порано, би можеле да бидат сместени во првиот том. (Климент Охридски, т.II.1977:5). Љуба Стојановиќ (ОРЯС, LXXX, 1905:113 - 115) го открива ова поучително слово за Успение на Богородица, без дилема околу авторството на св.Климент.
Ангелов, аргументира во полза на фактот дека оваа творба е Светиклиментова, наведувајќи ги нејзините сличности со другите творби кои го носат името на св.Климент, но и со похвалата за Успение на Богородица: содржината, краткоста на фразите, речникот, стилските пресврти, конкретноста и разбирливоста. (ОРЯС, LXXX, 1905:429) „За св. Климент, празникот Успение на Пресвета Богородица е светол настан, бидејќи тој ден Црквата го слави споменот на нејзината телесна смрт и уште едно - воскресение - по примерот на нејзиниот Син. „Дојдете, возљубени, ликувајќи да се насладиме со она предивно чудо! Откако го отфрлиме животниот мрак, да ги просветлиме телесните очи и со умот да се издигнеме, за да го видиме чудесното Успение на Мајката Господова...“ Во својот увод беседникот прави најавување и ја разоткрива суштината на празнувањето и во општи црти го изложува животот на светителот, а во вториот дел ја изложува реторичката пофалба.“ (Книжевното творештво на св. Климент Охридски-Втора научна средба ..., 2008: 33) Во продолжение, св. Климент ги користи и преданиските историски податоци. Зборува за успението на Пресвета Богородица, за доаѓањето на апостолите собрани од сите страни на заедничка молитва и испраќање на чесното тело на пречистата мајка Господова во Гетсиманија. Имајќи го предвид ова последното св. Климент го става дел од Поучението за Успение Богородично во функција на св. причесна - евхаристијата, од чие извршување произлегува и обврската на верниците да ги почитуваат нејзините вршители - свештениците (Книжевното творештво на св. Климент Охридски-Втора научна средба ..., 2008: 34):
„Имајќи мир и љубов меѓу себе, очистувајќи ги телата, душите свои од гревови, така да пристапиме кои пречистото тело Божјо и чесна крв, извршени преку чесни и добри дела, а не како Јуда кој, заслепен од злоба и алчност за пари, пристапи кон светата и страшна трпеза Божја и бидејќи беше недостоен за таквата (св.) тајна поради својата злоба, веднаш во него влезе сотоната и наместо благослов, прими проклетство. А ние браќа, не треба да бидеме такви, туку да бидеме богољупци и да ги почитуваме Божјите служители, зашто преку нивните раце ја примаме Божјата благодат и крштението. Од нив го примаме светото Тело Христово. Преку нивните молитви се избавуваме од своите гревови (исповедта), бидејќи тие му се молат на Бога за христијаните и за целиот свет. Преку нивната молитва св. Дух слегува од Бога над принесуваната света просфора и ја претвара во тело Божјо, а виното - во света крв Христова, за опростување на гревовите на оние што јадат и пијат од неа. Таквите треба да ги почитуваме, зашто тие бдеат за душите наши пред Исуса Христа - нашиот Господ.“(Угринова - Скаловска, 1996:81 - 82).
Средновековни симболи - толкување
Во книжевноста Богородица се именува уште и како Владичица, Дева Марија, Божја мајка, Пресвета, Пречиста. Според христијанската религија таа официјално е овоземната мајка на Исус Христос, која зачнала на чудесен начин од Светиот Дух, зачувувајќи ја својата девственост (сопруга на дрводелецот Јосиф). Во средновековнта литература едно од најубавите слова е Похвалата за успение на Пресветата Богородица напишана од епископот Климент. Во оваа похвала св.Климент мајсторски се потпира на добро позната Богородична симболика, која што се воспоставува во Средновековието, како резултат на толкувањето и преосмислувањето на некои старозаветни претстави, кои што почиваат на идејата за Божја промисла - претставите се толкуваат како симболи - пророштва за Богородица.
Во словото Богородица се споредува со „капина несогорлива“ (2 Мојсеј.3,2). Овој симбол, св.Климент го ползува од Библијата:„И му се јави ангел Господов, во огнен облак насред една капина. И тој виде, дека капината гори во оган, ама не изгорува“ (Излез 3:2). Капината ја симболизира Богородица, која го раѓа огнениот облак - Христос. Св.Климент ја нарекува Богородица уште: „нов ковчегу“ (Таковски, 2012: 192), зашто го чува во утробата спасителот и обновителот на светот. Го користи и симболот „планина“, чие што значење има голема улога уште во Новиот завет. Таму таа е во корелација со Исус и ја симболизира врската со духовната височина, од каде што тој ги предводи своите следбеници. Од планината Христос проповеда и ги востановува основните принципи на своето учење. (Матеј 5:1), во планината го прави изборот на своите 12 апостоли (Марко 3:13-14), на планината лицето му светнува како сонце и го слуша Божјиот глас (Матеј 17:1-9), а и Голготата е исто така возвишение. Планината е и место каде што по постењето Исус го победува ѓаволот. Според канонските книги планината е осветено место, место на Божјото присуство, а поапстрактно - врв на подвигот духовна големина. Во средновековната книжевност најчесто симболот „планина“ се користи како знак за духовна височина или средство за нејзино достигнување. (Петканова, 2000: 145) Во една од службите за св.Климент Охридски херојот е опишан како „духовна планина“.
Во Словото за Упение на Богородица, св. Климент пишува: „Радувај се, Горо несечена, од која се отсече духовниот камен (Дан,2,34) - Христос и ги сотре идолските жртвеници и ја истреби нивната служба“ (Таковски, 2012:193). И Јован Егзарх, во Похвалата за успението на Богородица ја споредува со „страшна планино“.
Св. Климент го користи симболот „трпеза“, а како метафора со определено симболичко значење овој симбол се среќава не само кај св. Климент и неговите ученици, туку и кај мноштвото христијански проповедници. Нејзината семантика е духовна храна, што ја сочинуваат Христовите подвизи. Трпезата може да го симболизира и празникот, на кој верниците добиваат упатства за закрепнување во христијанската вера. Овој симбол во Пофалното слово за Успение Богородично се јавува во малку поинаква смисла. Тука лебот е Исус, а трпезата е Богородица, која што го донесе и му го даде на светот (Петканова, 2000:141,142). Според Петканова, поретко се среќава овој симбол како еден од многубројните симболи на Богородица, извор на најголемиот дар за човештвото - раѓањето на Спасителот: „Радувај се, духовна трпезо, која во себе Го прими небесниот Леб, Кој се даде Себе за спасение на сите и Кој се дава за живот на верните (Таковски, 2000: 193). Небесниот леб е Исус Христос (Јован 6,35).
Облакот според Библијата, ранохристијанското и романското искуство го симболизира творецот, низ кој се пробива благословената рака. Така, според Петканова, симболот го означува Исус, како второ лице на Бог, а ја означува и Богородица, заради тоа што го носи во утробата Христос. Оваа семантика најмногу е резултат на природните процеси и споредбите и сличностите со нив, а не на библиски сведоштва. „Облакот носи благодет од дожд, кој што ја обновува земјата и дава живот. Така и Богородица го носи и раѓа Спасителот на светот“(Петканова, 2000:153). „Денес пресветлиот Облак се издигнува кон непристапната Светлина (при Господа Исуса Христа, Јован 8,12.) при бесплотните сили“ (Таковски, 2000: 191). Облакот во средновековната литературна симболика има семантика и на светец и го среќаваме и во други слова на св. Климент (во словото за св.Илија), но и кај други проповедници (Евтимиј - Похвално слово за Јован Поливотски). Богородица, преку Исусовото раѓање ја исправа грешката на Ева, св.Климент и во ова Слово ја профилира како нејзин антипод и главен спасител. Овие компарации се многу присутни во творештвото на св.Климент и неговите ученици, во многуте проповеди - поуки, кои што се однесуваат на Богородичните празници:„Радувај се, ти, која си обновување на Адама и ослободување на Ева! Зашто, преку тебе, Владичице, се избавивме од идолската измама. Преку тебе пак се вративме во поранешниот живот (рајски)“(Таковски, 2000:193).
И Презвитер Козма, користи некои од Светиклиментовите Богородични симболи, кон нив додавајќи и нови и доведувајќи ги во контекст со пророчките книги. И Евфтимиј Трновски во Пофалното слово за Михаил Воин употребува мноштво Богородични симболи. Како кај св.Климент и кај Ефтимиј, повеќето од симболите се земени од Богородичниот акатист (VI - VII век).
пишува доц. д-р Анита Ангелевска