
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
ПОХВАЛНО СЛОВО ЗА СВЕТИТЕ И ПРЕСЛАВНИ УЧИТЕЛИ НА СЛОВЕНСКИОТ НАРОД, КОИ МУ СОЗДАДОА ПИСМЕНОСТ И КОИ ГО ПРЕВЕДОА НОВИОТ И СТАРИОТ ЗАВЕТ НА НЕГОВИОТ ЈАЗИК, ОДНОСНО ЗА БЛАЖЕНИОТ КИРИЛ И ПАНОНСКИОТ ЕПИСКОП
Пишува - доцент д-р Анита Ангелевска
Овде ги разгледуваме прашањата за двете редакции на Похвалното слово за светите и преславни учители на словенскиот народ, кои му создадоа писменост и кои го преведоа Новиот и Стариот завет на неговиот јазик, односно за блажениот Кирил и за панонскиот архиепископ Методиј, јужнословенската и руската и дава археографски приказ на неговите сочувани откриени преписи. Прашањето за атрибуцијата, исто така, е во фокусот на аргументацијата која ги спротиставува фактите околу Светиклиментовото авторство на творбата. Потоа, дадени се одликите на творбата кои ја вбројуваат во редот на уметничката ораторска проза и толкување на користените средновековни симболи. Станува збор за византиски панегирик, енкомијата е искомбинирана со химнични признаци, творба која сублимирано во себе ги вклучува најдобрите одлики на реторичкиот, хагиографскиот и химнографскиот жанр од тоа време. Ова похвално слово е одличен примерок на древното словенско ораторство, торжествен текст посветен на големите провоучители и родоначалници на словенската писменост и култура, од чија дејност и подвизи покрај византиската и римската се издигнува една нова цивилизација - словенската.
Вовед, археографски приказ
Похвалното слово за светите и преславни учители на словенскиот народ, кои му создадоа писменост и кои го преведоа Новиот и Стариот завет на неговиот јазик, односно за блажениот Кирил и за панонскиот архиепископ Методиј (Свети Климент Охридски, 2012: 117-131) е откриено и објавено од Ундолски 1848 година (Ундольский, В.М, 1848). Потоа, следуваат критички објави на преписите 15 од Бодјански (Бодянский О. М, 1865: 65-152). 17 преписи од Лавров (Лавров,П.А, 1930: 79-93), а евидентирани се и околу 16 поединечни објави на преписи од ова слово.
Истражувањето на ракописната традиција на ова пофално слово, бугарскиот научник Б. Ангелов, го прави на откриени 27 преписи од XII-XVII век. Во овие 27 преписи 24 се руска редакција, а само 3 се јужнословенска редакција. Врз основа на овој свој труд, Ангелов го објавува критичкото издание на Похвалното слово за светите и преславни учители на словенскиот народ, кои му создадоа писменост и кои го преведоа Новиот и Стариот завет на неговиот јазик, односно за блажениот Кирил и за панонскиот архиепископ Методиј, земајќи ја во предвид вкупната достапна ракописна традиција.
Респектабилен историски и литературен извор на кирилометодиевската традиција, претставуваат преводите на преписите од словото од современите научници: на чешки (Ј. Перволф, Ј. Вашица), на словачки (Ј. Станислав, П. Раткош), на латински (Ф. Гривец), на бугарски јазик (А. Бончев) (Perwolf J, 1873: 58-68...) а на македонски според Успенскиот препис. I 468 го преведува Јован Таковски (Свети Климент Охридски, 2012: 117-131), чиј што превод го користиме и во оваа анализа.
Редакција
Првичната редакција на словото е руска, а од вторичната јужнословенска редакција зачувани се само 3 преписа. Сите три преписа од јужнословенска редакција се со подоцнежно датирање од 1469 година, 1479 година и од XVI век (1598 година), но во нив се подобро зачувани некои изрази од првиот текст. Обемот на вторичната редакција е значително помал, споредено со првата. Во средината е испуштен еден голем пасус, кој се однесува на дејноста на старобиблиски ликови, но тоа не е релевантно за суштината на творбата и главната нејзина намена, воспевање и популаризирање на Кирилометодиевото дело. Заради тоа што настанувањето на преписите е датирано во подоцнежен период, не може да се формира јасна претстава за првичниот текст од оваа редакција. Во податоците кои ни се достапни, согледуваме дека помеѓу нив се појавуваат фразеолошки и лексички разлики, кои сепак укажуваат на претпоставениот претходен текст. Ангелов ги претставува двата Владиславови преписа, кај кои не се забележуваат значајни разлики и Хоповскиот препис, кој што покажува најголема сличност со најстариот препис, Успенскиот. Особено карактеристичен во тој поглед е крајот на похвалата, каде што се забележуваат најголеми отстапувања од оригиналниот текст (Климент Охридски, 1970: 476-477). Скратената редакција на похвалата за браќата св. Кирил и Методиј, не е откриена во преписите, нејзиното присуство е преку посредништво, преку преписот на Владислав Граматик, а потоа и според преписот (од непознат препишувач) во Хоповскиот панегирик. Според анализите утврдено е дека Владислав Граматик манифестирал послободен однос кон јазикот, преку внесувањето нови јазични форми, а Хоповскиот ракопис го одликува попринципиелно придржување кон изворниот ракопис. Скратената редакција на похвалата, означена уште и како вторична позната е само во три јужнословенски преписи: Загребскиот, Рилскиот и Хоповскиот. Беспоговорно станува збор за јужнословенска редакција, тоа го потврдува наречјето на кое е напишана. Првичната редакција на похвалата, именувана е како руска, заради најстариот препис од XII век, пронајден во Успенскиот зборник.
Атрибуција
Првичната редакција не се раширила кај Јужните Словени, а од втората не се досега откриени руски преписи. Во иднина, можеби ќе се појават аргументи кои ќе посведочат за заедничко навлегување - испреплетување на двете редакции. Трите преписа од втората редакција, кои што се подоцнежни: 1469 година, 1479 година и од XVI век (1598 година), покажуваат зачувување во подобра форма на некои изрази од притотипот (оригиналот). Сепак, ниту првата, ниту втората редакција, не може да се сметаат за дело директно напишано од св. Климент Охридски, а и двете редакции произлегуваат од првичниот, изворниот Климентов текст. Вкупниот јазично - стилски систем на општата похвала е во тесна врска не само со Похвалата на св.Кирил, туку и со други творби на св. Климент Охридски, смета Ангелов, врз основа на разгледуваните нему достапни аргументи, повикувајќи се на Вондрак, Бодјански, Теофилакт Охридски. „Не помалку убава и значајна е и Климентовата похвала за двајцата браќа Кирил и Методиј ... покажува сличности (се мисли на Похвалата за Кирил и Методиј) со Кириловата похвала, а и со други Климентови дела.“ (Стојчевска - Антиќ, В. 1997: 146-147), потпирајќи се на аргументите на Бодјански (заедничкото пронаоѓање на Похвалата со Методиевото житие во најстариот ракопис од XII век) и на аргументите на Ангелов, кои се однесуваат на сличностите меѓу похвалата и Методиевото житие.
Ангелов ја аргументира тезата, дека св. Климент Охридски е автор на општата Кирило - Методиева похвала. Природно е додека бил жив Методиј, а веројатно и со големо негово значајно учество да напише посебна прослава за Кирил Филозоф. Уште поприродно е по смртта на Методиј тој да напишал не посебна похвала во негова чест, туку општа похвала за големите браќа - словенски првоапостоли, на чие дело од секогаш се гледало како на единство, се врзувало неразделно со имињата на двајцата браќа. Ангелов, смета дека автор на житието на Кирил, житието на Методиј и похвалата за Кирил е св.Климент, па на општата похвала за Кирил и Методиј гледа како на „завршување на тој кирило - методиевски циклус со значајна творба, силен венец - прослава на големото дело“ (Климент Охридски, 1970: 444) на св. Кирил и Методиј. Ангелов се повикува на чешкиот славист Вондрак, кој уште во 1903 година ги изнесува аргументите во прилог на тврдењето за Светиклиментово авторство на похвалното слово. Вондрак покажува, дека св. Климент никогаш не се колеба да позајмува извесни делови (поголеми или помали) од една своја творба и да ги внесе во друга своја творба. Посочената од Вондрак широко употребувана типична Климентова фразеологија, како и совпаѓањето или сличноста на редица пасажи, позајмени од различни Климентови творби, убедливо го потврдува Климентово авторство (Vondrak.V, 1903: 21-36.) Исто така, дел од научниците, во полза на ова претпоставка, наоѓаат аргумент и во житието на Теофилакт, каде се зборува за усилбите св. Климент да биде доследен и достоен на своите учители св.Кирил Методиј. Ангелов се потпира и на споредбата помеѓу општата Кирило - Методиева похвала и Методиевото житие, од која што силно се потврдува нивната меѓусебна врска, тоа е писмото на папата Адриан II до моравскиот кнез. А таа релација прецизно ја разгледуваат и Бодјански и Вондрак. Оттаму, тој резимира дека авторот на похвалното слово е близок ученик на св. Кирил и Методиј, нивни верен следбеник, детален познавач на нивниот живот, похвалното слово покажува несомнена врска со похвалата во чест на св. Кирил Филозоф, чиј што сигурен автор е св.Климент, словото покажува врска и со некои делови од пространите житија на св. Кирил и Методиј и целата нејзина јазично - стилска структура е во тесна врска не само со похвалата за св. Кирил Филозоф, туку и со другите творби на св. Климент Охридски (Климент Охридски, 1970: 446.) Гривец и Лавров, го актуелизираат моментот на создавањето на похвалното слово за св. Кирил и Методиј (Лавров П.А,1930: 79 - 87). „Овој панегирик за Моравските браќа бил составен врз основа на Житието на св.Кирил и Житието на св.Методиј, од каде што се позајмувани не само одделни изрази, туку и цели фрази. Атрибуцијата на овој споменик од великоморавскиот период се темели на фактот дека во похвалното слово ништо не се зборува за прогонот, по смртта на Методиј, туку напротив се нагласува дека делото на Браќата продолжува да цвета, во областите каде што тие проповедале. (Grivec, F. 1950.) Ако оваа претпоставка се третира како вистинита, се создава претстава за голема литературна дејност на учениците на Методиј во Моравија, по неговата смрт. Претпоставката дека похвалното слово е напишано од тие луѓе и во тоа време, е подложна на сериозни забелешки, заклучува рускиот научник Флорја, застанувајќи пред прашањето за разликите помеѓу Житието на св.Методиј и похвалното слово за двајцата браќа, како што е наведувањето на булата на Адријан II во две различни верзии. Според последните истражувања, преовладува мислењето, дека сепак, похвалното слово е напишано во подоцнежниот период, во Бугарија. Мечев (Мечев, 1966.) смета дека автор е св. Климент Охридски, а Сакач (Sakac, S, 1964.) застанува зад тврдењето дека автор на словото е Константин Преславски. Во аргументите кои се наведуваат во прилог на ова тврдење е и фактот во похвалното слово, дека народот во Моравија го прифаќа христијанството, токму со мисијата на св. Кирил и Методиј. Авторот на похвалното слово силно го потенцира овој момент и ги поистоветува Браќата со апостолите. Разбирливо и многу логично е таква теза да се појави во Моравија. Друг податок кој оди во прилог на моравското потекло на словото е отсуството на било какви податоци за дејноста на св. Кирил и Методиј во Бугарија или пак дека било напишано кога почнувал да се шири култот на св. Кирил и Методиј во Бугарија.
По прашањето за авторството на „Панонските легенди“ и Похвалата за Кирил и Методиј, Франко смета дека спротивно на многубројните слависти кои тврдат дека св.Климент е автор, поаѓајќи од фактот дека тоа никаде не го споменува биографот на св.Климент. Анализирајќи го детално стилот и јазикот на похвалното слово за Кирил и Методиј, Франко заклучува дека тоа е напишано „на сосем различен стил од Климентовиот“ (Франко.I,1984: 46.) И Станчев им се придружува на одрекувачите на Светиклиментовото авторство особено, повикувајќи се на аргументите кои ги изнесува Иванова (Иванова. К, 1978: 103-106).
Значи, можеме да резимираме дека поновите истражувања го проблематизираат Светиклиментовото авторство на похвалното слово за Кирил и Методиј, оставајќи го отворено прашањето за неговото авторство. Во ракописната традиција творбата се јавува како анонимна. Поновите лексички проучувања се во полза на мислењето дека творбата настанала кон крајот на IX и почетокот на X век и притоа јазичните особености во неа покажуваат несомнена блискост со јазикот на св. Климент Охридски, Константин Презвитер и Јован Егзарх. (Спасова, М, 1996: 55-75; Иванова. В, 1985: 91- 102). Во науката се истакнуваат уште и аргументи кои подвлекуваат разлики во доменот на структурата и стилистиката во однос на другите Светиклиментови слова, како и во однос на податокот дека општото празнување на поменот на двајцата светители датира од подоцнежен период. (Иванова - Велинова. В, 1984).
И похвалното слово за светите и преславни учители на словенскиот народ може според својата градба да се расчлени на петтделна структура, која што ја предлага В.Иванова за пофалните слова. Кога во средиштето ја имаме структурата на словото, недоумица во однос на Светиклиментовото авторство побудуваат разликите кои се воочуваат кога тоа се компарира со Похвалното слово за нашиот блажен отец и словенски учител Кирил Филозоф, во однос на должината и во однос на комплетното градење на текстот, а и покрај поделените мислења и различните аргументации во славистичката наука, ние го прифаќаме фактот за негова атрибуција во полза на св. Климент.
Одлики на уметничка ораторска проза
Похвалното слово за светите и преславни учители на словенскиот народ е типичен панегирик, енкомија (Encomium е лат.; старогрчки ἐγκώμιον) и како дело на старословенската ораторска проза му припаѓа на поджанрот свечена реторика (торжествено ораторство).
Тоа се беседи, говори посветени на почесните христијански големини. Како дело на уметничка ораторска проза, тоа треба да се проучува според законите на поетиката на неговиот поджанр - епидеиктиката, која повеќе од илјада години била веќе присутна во античката, хеленистичката и византиската литература.
Словенските народи се запознале со делата на торжественото ораторство во втората половина на IX век, кога по прифаќањето на христијанството им станува достапна ризницата на грчко-византиското образование и книжевна култура.
Св.Кирил и Методиј и нивните ученици со особен пиетет се однесувале кон Кападокиската школа за ораторство, чиј што најпознат претставник е Григориј Назиански (326-389), уште и наречен „христијанскиот Демостен“, ученик на вторите софисти. Тој го пренесува на моделот на доцноантичката реторика врз почвата на христијанската догма и полемика.
Константин - Кирил Филозоф уште во младоста ги усвоил творбите на Григориј Назиански, а според неговите примери напишал и една химнографска творба (Vavrinhk, V, 1962: 96-162; Якобсон. P, 1970: 334-361).
Гнидовиц аргументирано потврдува дека учениците на првите учители, авторите на Панонските легенди ја користеле енкомијата за Атанасиј Александриски од Григориј Назиански како модел, чие влијание врз композицијата и стилот на тие словенските творби е видливо. (Gnidovec, F, 1942). Авторот на ова похвално слово, посветено на св.Кирил и Методиј добро ја испочитувал таа традиција и одлично го познавал „Погребното пофално слово на Василиј Велики“, кое му послужило како одличен пример. Одликите на панегирик се присутни и во текстот кој што ги велича св.Кирил и Методиј, словото кое што овде го разгледуваме. Тоа е многу разбирливо зашто е создавано во време, како што вели Квинтилијан „regina rerum oratio est“ - кога уметноста на убавото говорење е вреднувана еднакво со вештината на војсководецот на бојното поле.
Трите цели на античкиот оратор биле да убеди (docere), да угоди (delectare), да вознемири - да ја победи рамнодушноста (movere) и важеле и за авторот на ова слово, чиј избор на темата (inventio - првиот дел од реториката) за ораторскиот говор за неговиот учител Методиј е исклучително јасна: да се велича и да се воздигнува. Библиски цитати се користат да се постави и претстави темата на проповедта, па така овде е искористен цитат од Евангелието по Матеј (XI, 15), кој служи како тематски клуч за разбирање на главната идеја на творбата: избраноста на првите учители на Словените како нови словенски апостоли: „Слепи ќе прогледаат, глуви ќе го слушаат словото на Писмото и сите ќе почнат да говорат на разни јазици за Божјите величија“ (Свети Климент Охридски, 2012: 118). Авторот останува доследен во описот во воведот на хиерархиското скалило на потекло на благодатта од Христа, следуваат пророците и апостолите, потоа мачениците и на крајот праведните луѓе и учителите, вбројувајќи ги меѓу нив и св.Кирил и Методиј.
Техниките на композицијата (dispositio - вториот дел во реториката) во голема мера се определени од изборот и толкувањето на темата, која како и во панегирикот на Григориј Назиански, главно се развива на две подрачја: дела и добродетели. Акцентирани се делата на св.Методиј, а помалку се зборува за св.Кирил, иако секогаш прво лице во кирилометодиевската литература е св.Кирил. Разлика се појавува и во структурата на композицијата, која не е во три туку во пет дела. И употреба на стилски средства (elocutio - трет дел од реториката) во словото се целосно определени од темата, идеолошката и стилската задача и неговиот состав. Периодичноста на говорот е главно од кратка реторичка природа, со исклучок на Narratio I и II, каде што доминира „историски период“, како во Житието на св.Кирил и Житието на св.Методиј. На крајот од делото реторичкиот период е подолг, соодветен на химнографска творба. Може да се зборува дури и за присуство на реторичко декламирање во Laudatio II. Честата употреба на библиски цитати во словото е последица на фактот што библиските цитати се задолжителни во реторичките дела од средниот век. Тие всушност ја градат рамката - костурот врз кое е поставено вербалното ткиво, а тоа пак му обезбедува единство на текстот. Надворешната симболика и внатрешниот драматизам на наративот се карактеристични за ова похвално слово, а тие се присутни преку високата метафорична природа на говорот и густата употреба на тропи и фигури, динамичниот развој на заплетот, манифестиран во распоредувањето и промените на поединечните епизоди од биографија на св.Методиј. Авторот на словото, како и Григориј Назиански, обрнува многу внимание на споредбите метафорите и параболата, кои преминуваат во хиперболични. За св.Методиј, авторот пишува: „Во своите беседи тој се покажуваше како Соломон, изнесувајќи прекрасни мудри изреки, поуки и мисли од нивата на своето срце, а во службата им угодуваше на сите. Како да има крилја, тој се појавуваше неочекувано, а во беше страшен како Самсон, Гедеон, и Исус Навин.“ (Свети Климент Охридски, 2012: 120). Монашкиот подвиг на св.Методиј е споредуван со „подобен на великиот Арсениј, на Антониј и на Сава, остварувајќи го во себе животот на сите нив.“ (Свети Климент Охридски, 2012:121).
Laudatio I открива хиперболични максимализации на изедначувањата и споредбите, кога постапките на солунските браќа се споредуваат со делата на патријархот Авраам, пророкот Мојсеј и Арон. Авторот повремено прибегнува и кон користењето сложени фигури и тропи на уметничкиот дискурс.Толкувајќи го Мојсеевото заминување од Египет според книгата Битие како парабола, авторот на словото врз него гради хиперболична слика за св.Кирил и Методиј, користејќи антитеза и метафора: „И овие двајца преблажени и богоугодни мажи со ништо не се покажаа помали од нив (Мојсеј и Арон). Напоени од истиот Божји Дух одозгора, удостоени со двојна благодат, тие ги изведоа луѓето од многумрачното ѓаволско море, го потопија мислениот фараон (односно ѓаволот) и ја уништија сета сила негова. Откако се вооружија со вера и со силата на Крстот, тие го изведоа народот не во пустината, туку го насочија кон светлината на богопознанието. Тие не извадија вода од камен (како Мојсеј и Аарон), туку со вера ги напоија жедните за словото Божјо“ (Свети Климент Охридски, 2012: 123).
Во текстот на словото се потврдува изворната, оригинална природа на создавањето на словенската азбука од првоучителите преку средствата на реториката: „Тие (двајцата) врвеа по нивните стапки и напоени со истиот Дух од Бога, станаа проповедници и нови апостоли на истото слово, не полагајќи го своето дело на туѓа основа, туку пронајдоа нови букви и ги прилагодија на нов јазик.“ (Свети Климент Охридски, 2012: 125).
Со продолжување на користењето на реторичката амплификација дадено е конечното споредување на св.Кирил и Методиј во Laudatio II со утринската ѕвезда што ја прими светлината од сонцето и се појави посветла од сите, како и споредбата со наградените наемни работници во лозјето: “... така Божјата благодат посака во последно време, за истото дело, да ги открие овие двајца нови проповедници и светилници на целата вселена, кои откако ги препашаа добро своите бедра со добриот подвиг и со верата, поминаа како сонцето, просветлувајќи ги темните места со своите стапки, со духовниот оган палејќи секаква паганска и етретичка магла, не штедејќи ја ни душата ни телото свое, но секогаш подготвени да ја испијат чашата Христова за правата вера.“ (Свети Климент Охридски, 2012: 125).
Уметнички доказ, мотивација (Argumentatio) е набројувањето на делата на првоучителите во Narratio II: нивните мисии кај Сарацените и Хазарите, мисијата во „западните панонски и моравски и страни“, борбата со тријазичниците, при што „тие болснаа како сонце, го растераа гревовниот мрак, народот го просветлија со писменост и целосно ги научија учениците на црковниот ред.“ (Свети Климент Охридски, 2012: 127). Конечниот лирски акорд на пофалби прозвучува во приказната за успението на Методиј, каде што новопојавениот апостол на Словените се споредува со патријархот Ааврам, Исаак и Јаков: „откако им се уподоби на сите и го зеде врз себе нивниот образ, станувајќи рамен на едни, помал од други, а трети надминувајќи ги со својата сила, дејност и подвиг; откако засветли како сонце со своите просветителски зборови и поуки. Размислувајќи за неговите медоточни зборови, нема со штода ги споредиме деговите духовни сладости.“ (Свети Климент Охридски, 2012: 129). Laudatio II, кој всушност е список на големите добродетели и подвизи на св.Кирил и Методиј и пофалби за нив како апостоли на Словените, е напишан во духот на византиските химнографски дела, со користење на епитети комбинирани со реторички прашања, споредби и метафори: „Кој ли, пак, ќе може да ви искаже достојна похвала? Откако со своите стапки ја минавте сета поднебесна земја, вие го осветивте целиот свет.
Благословен е вашиот јазик, со кој што насеавте духовни зборови за спасение на безброен народ. Откако примивте од Бога боговдахновен дар, насекаде го растеравте мракот на незнаењето, самите вие давајќи им пример на сите и излевајќи духовна сладост од усните.
Вие се јавивте како разрушители на секакво паганство, непријатели на еретиците, изгонители на бесовите, светлина на помрачените, учители на младите, излевајќи духовна наслада.“ (Свети Климент Охридски, 2012: 130).
Средновековни симболи
Во похвалното слово искористени се бројни средновековни симболи. Св. Кирил и Методиј се нарекуваат светлозрачни фиданки, светлина на богопознаието, сончеви зрази, сонце. Според библиската книга Битие (1:3-5) Бог ја создава светлината и ја нарекува ден. Како нематеријална појава, таа е особено податлива да биде симбол на божествената суштина. Суштината на Бога е невидлива, божествената светлина е духовна светлина и постои сама по себе. Кога се зборува за светлина, се има во предвид нешто различно од видливата земна светлина, која е само слика на духовната. (Петканова. Д, 2000: 24) Апостол Јован, апостол Павле, Симеон Богопримач ја користат светлината како симбол, а и самиот Христос се нарекува светлина на светот. Значи за божествената светлина се зборува во литургиските текстови, во панегиричната литература и во апокрифите. И св. Климент во своите слова штедро го користи симболот на светлината. Овде е искористена и синтагмата „светлина на богопознанието“ што го симболизира чинот на крштевањето, а оттаму во ранохристијанската црква крштевањето се нарекува уште и „просветлување“. Во ова похвално слово Константин блажениот е споредуван и уште со симболот на орелот. Овој симбол го среќаваме во апокрифната литертаура, а во официјалната христијанска литература орелот започнува да добива и нови значења. Во духот на средновековната симболика светците многу често се нарекувани орли или се споредувани со нив, споредувани со сонцето и со другите слики - симболи, врзани со божественото. Покрај св.Климент овој симбол среќаван во средовековните панегирични текстови го употребуваат и Јован Егзарх, Евтимиј Трновски и други. (Петканова. Д, 2000: 95) Симболот на „живата вода“ во Средновековието е оддвоено од првичното значење, од непосредните својства на водата и вклучува во себе преносна смисла. „Четирите рајски реки се толкуваат како симбол на четирите евангелија, кои се разлеваат по четирите страни на светот. Евангелието и воопшто божествените книги се карактеризираат како животодатна вода, која ги напојува душите и ги води во вечен живот.“ (Петканова. Д, 2000: 123) Во похвалата св.Кирил и Методиј се споредени и со благомирисни цветови. Симболот на цветот во длабоко христијанска смисла ја означува надежта за воскресение, симболизира вечна пролет и рајска радост, а цветот и цветните венци се уште и симбол на победа. Св. Климент и во Похвалното слово за четиридневниот Лазар и во Пофалното слово за Климент Римски го користи овој симбол, а го среќаваме и кај Евтимиј, Димитар Кантакузин. (Петканова. Д, 2000: 120-121) Во христијанската литература и уметност, каменот главно се врзува со Христос, со тврдоста на верата и неотстапувањето од неа, непоколебливоста и главно се врзува со името на апостол Петар, кому Христос му се обраќа: „ А Јас тебе ти велам: ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам Црквата Своја и вратите на пеколот нема да ја надвладеат.“ (Матеј 16:18)
Кај св.Климент синтагмата „камен на верата“ ја среќаваме и во Похвалното слово за апостолите Петар и Павле, споредувајќи го Петар со „камен на верата“, во Похвалното слово за пророкот Илија, покрај во оваа похвала за св.Кирил и Методиј. Средновековните писатели симболот на столбот го користат како најсилна потпора цаљљрквата и на најдисциплонираниот христијанин. Така во ова похвално слово св.Кирил и Методиј се „неподвижни столбови, втемелени врз цврстиот камен на верата“.“ (Свети Климент Охридски, 2012: 122).
Во христијанската симболика на ѕвездите лежи идејата дека Бог е центар на сите нешта создадени од него. Во врска со оваа идеја во средновековната литература најчесто ѕвезди се светците кои му угодуваат на Бога и ја украсуваат неговата црква. Св. Климент многу го користи овој симбол, тој го нарекува пророкот Илија „светлозарна деница“, св.Кирил го споредува со ѕвездата Деница, а во ова похвално слово за св.Кирил и Методиј го користи симболот „ѕвезда утринска“, торжествувајќи ги првоучителите и воспевајќи ги нивните подвизи.
Резиме
Ова похвално слово достојно ја претставува историската панорама на животот и делото на Методиј. Словото има одлики на комплексен високо достоен уметнички текст на словенската торжествена ораторска проза, каде се вградени реторички, епски и лирски начела. Напишано во духот на византиски панегирик, каде енкомијата е искомбинирана со химната, ова слово се јавува како иновативна творба која во себе ги вткајува најдобрите одлики на реторичкиот, хагиографскиот и химнографскиот жанр од тоа време.
Токму во овие факти е и универзалното достоинство на ова слово - творба на древното словенско ораторство, дизајнирано да ги велича и слави најголемите дејци на словенската култура св. Кирил и Методиј. Составувајќи ја новата словенска азбука, учејќи ги на писменост словенските народи, преведувајќи многу книги на новото писмо, св. Кирил и Методиј ја реализираа својата земна мисија, која имаше толку големо влијание врз историските судбини на словенските народи.