2win800x200

Со европски пари поставена нова туристичка информативна табла пред Офицерскиот дом во Битола

Јануари 10, 2025

Нова туристичка информативна табла насловена „Пит Стоп Тотем“ е поставена пред Офицерскиот дом во Битола како дел од европскиот проектот „Smart4You2“, со што битолчани, посетителите и туристите во градот ќе имаат можност на едно место да се информираат за сите знаменитости и убавини на градот како и за културните збиднувања.

Туристичка информативна табла е продолжение на европскиот прекуграничен проект од каде поради политички „надмудрувања“ Советот на општина Битола не дозволи да се искористат 400.000 евра за изградба на велосипедски патеки на две големи сообраќајници во градот. Патеките се градат, ама со општински пари, европските пари во овој дел пропаднаа.

Проектот продолжува со други активности во делот на културата и туризмот како дел од прекуграничната соработка меѓу Северна Македонија и Албанија.

Саше 1

Информативната табла од овој проект, од Нова година е поставена неслучајно пред Офицерскиот дом на Широк Сокак, објект реновиран со европски пари, каде во една од просториите е сместена и Европската куќа во Битола.  Заинтересираните за туристичката и културната понуда на градот внатре во Офицерски ќе можат на инфо-пулт да добијат и дополнителни информации за се она што го нуди Битола, актуелно во делот на туризмот и културата.  

„Туристичка информативна табла ќе нуди содржини од туризмот и културата во градот, ќе ги содржи настаните кои следат во Битолскиот театар, Центарот за култура, настаните на дневна основа во Културно информативниот центар на Битола, Завод и Музеј Битола...и се што подразбира туристичка понуда.  Искрено се радувам што проект ‘Smart4You2’се реализира во пограничен регион меѓу Северна Македонија и Албанија и ќе биде во интерес на граѓаните и туризмот од регионите“, вели Ана Секуловска Јовковска, проект менаџер на „Smart4You2“.  

Еден од партнерите во проектот е Младинскиот културен центар во Битола кој преку настанот „ArtQuake,“ ја претстави Битола како модерна туристичка дестинација, нудејќи информации за настани, знаменитости и природни убавини.

Златко 1

„Информативната табла нуди нешто ново во информирањето што е рамно на големите европски метрополи“, рече Сашо Додовски директор на МКЦ Битола.

Покрај промоцијата на инфо таблата во Пациото на Завод и Музеј Битола,  беше прикажан еден  футуристички видео-мапинг како одраз на  современата уметност и дигиталната технологија.

„Проектот ‘Smart4You2’ ја покажува моќта на прекуграничната соработка за создавање одржливи туристички решенија и културни содржини кои го зајакнуваат регионот”, рече Златко Талевски, координатор на проектот од МКЦ Битола.

Градоначалникот Тони Коњановски  смета дека реализацијата на прекуграничниот проект е особено важен за градот, а дека „последната инцијатива со поставувањето на информативната табла  го претставува нашиот град како центар на културата и иновациите.“

Сепак, проектот „Smart4You2“ во делот на изградбата на велосипедски патеки во Битола, доби политичка димензија како ретко кој друг европски прекуграничен проект иако одлуката за аплицирање  беше донесена во февруари 2021 година од страна на Советот на општина Битола.

тони 1

Советот даде потврда за аплицирање на Општина Битола, како водечки партнер во проект за поттикнување на туризмот, културата и природното наследство, за добивање средства од ИПА програмата за прекугранична соработка со Албанија, со уште 4 други партнери.

Првичната замисла беше со европските пари во висина од 400.000 евра да се реконструира објектот „Парк“ во близина на Офицерскиот дом, но како пораснаа цените на  градежните материјали, реконструкцијата на објектот бараше двојно повеќе средства од првично предвидените. За да не пропаднат парите Општината предложи измина со изградба на велопатеките, за што доби одобрение од Европската делегација. Но, и тоа не помина кај мнозинството советници во Советот.

Проектот „Smart4You2“ во целост изнесува нешто над 1 милион и 200 илјади евра, за сите активности предвидени од петте партнери од Македонија и Албанија ( МКЦ Битола, Завод и Музеј Битола, Општина Битола, Пустец, Регионалната дирекција во Корча).

Она што е исклучително значајно е што во Битола со европски пари се реконструира Пациото во Завод и музеј Битола, а во процес е поставување и на други поставки во Музејот како и изградбата на улицата позади Завод и Музеј Битола.

Анета Блажевска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани