2win800x200

Измамена голема битолска компанија - лажни фирми ја оштетиле за над 1 милион денари

Јануари 15, 2025
Битола Битола

Измамниците преку седум лажни фирми набавиле моторно масло од битолската компанија на одложено плаќање и веќе им се губи трагот. Случајот е под истрага започната од 2023 г. 

 

Битола - Голема измама се случила во летото 2023 година во позната битолска компанија, а истрагата досега тапка во место. Компанијата е оштетена за над 1 милион денари за испорачано моторно масло на фирми кои се претставиле со лажен идентитет. Всушност користеле мејлови слични на реални фирми и откако ја зеле стоката не одговарале ни на електронската пошта ниту на мобилните броеви на кои претходно комуницирале. Според оштетените, сценариото по кое „оперирале“ измамниците било добро осмислено со тежина на организиран криминал и инволвираност на повеќе личности, меѓу нив и битолчани. 

Всушност околу 7 фирми „измамнички“ користеле туѓи податоци од други активни фирми, ја зеле стоката и никогаш не платиле. 

Битолската компанија која засега инсистира да остане анонимна со обелоденувањето на случајот во јавноста сака само да предупреди дека криминалци користат податоци од реални фирми, потоа фалсификуваат слични мејл адреси и печати, земаат роба на навидум „одложено плаќање“  и така се стекнуваат со противправна имотна корист.

Измамата во битолската компанија се случила летото 2023, во есента по годишните одмори сфатиле дека се „наседнати“, а до ден денес иако сите документи и докази ги приложиле во полиција, па дури и сознанијата од нивната интерна истрага, засега нема трага од измамниците. 

Буриња

Според разговорот со сопственикот на битолската компанија, фирмите измамнички сите биле активни во периодот на измамата. Па како што вели нашиот соговорник – „Успеале во намерата да се стекнат со незаконски средства користејќи фалсификувани печати и мејл адресите на реални фирми.“

„Сите документи што ги користат фирмите измамнички се фалсификувани од постоечки фирми. Нивните службени печати, мејл адреси, и како гаранти се јавуваат други физички лица, наместо вистинските сопственици на фирмите“, вели сопственикот на компанијата од Битола во разговор за „АПЛА“. 

Според оштетениот - „Една од фирмите на која е искористен фалсификуван мејл, за измамата во нашиот случај  е фирма од Скопје која се споменува во истражувањето на ИРЛ. Кога се слушнавме со сопственикот ни кажа дека неговите службени документи се фалсификувани и дека дознал оти има фиктивно вработени лица, истото ова го слушнавме и во истражувањето на новинарите.“

Битолскиот бизнисмен измамата ја насетува во септември 2023 година, бидејќи  поради годишните одмори оставиле исплатата да се пролонгира. Но, како минувало времето измамниците ниту се јавувале на оставените контакт телефони на кои претходно преговарале за наводното „купување“ на стоката, ниту пак реагирале на оставените мејл пораки.

„Во периодот од 15 јули до 25 август 2023 година на мејл адресите на нашата компанија пристигнаа барања од седум фирми за купување на моторно масло во износ од 1.076 000 денари. Стигнаа барања за понуди од фирмите, ги имаме нивните мејл адреси и броеви на телефони кога се јавиле. Фирмите тогаш бараат исклучиво буриња масло, бараат понуди, договор за соработка на одложено плаќање. Нашите вработени ги известуваат дека треба да потпишат договор, да приложат тековни состојби и гаранција. Симптоматично е што сите овие фирми бараат сами да ги преземат бурињата со масло, со свои возила иако наша пракса е ние да ја доставиме стоката“, раскажува сопственикот на оштетената фирма за „АПЛА“.   

Записник од полиција

Отпосле, со интерната истрага што ја направила оштетената фирма дознале дека транспортот е извршен со изнајмени товарни возила од онлајн страница за огласи, услуга платена во кеш, за да не им се влези во трага на измамниците.

Како трагала по сторениот криминал, битолската компанија сфатила дека една од фирмите која што наводно зела масло била нивен соработник, со која  претходно имале коректни деловни односи. Па, кога побарале да се плати стоката од соработникот, добиле одговор дека тој ниту побарал таков тип на масло, ниту пак ја зел стоката.

Всушност мејл адресите што ги користеле измамниците биле вешто креирани да се речиси исти како и на реално постојните фирми само изменето по некоја буква, или името и презимето на сопственикот напишано со мала измена. 

„Отпосле кога ги отворивме документите сфативме дека мејл адресата е фалсификувана и напишана слично како на нашиот реален соработник. Исто име напишано во друга форма и редослед.  Всушност сите документи на седумте фирми се фалш, со фалш печати, кај сите се појавуваат физички лица за гаранти што немаат врска со реалноста, со компаниите што реално постојат“, вели засегнатиот бизнисмен од Битола и потенцира дека вработените во компанијата во овој дел направиле превид што како гарант за земената стока не го побарале сопственикот на фирмата, туку прифатиле сосема друга личност да гарантира дека стоката ќе биде платена.

„Ние секогаш бараме гарант да биде сопственикот на фирмата, а не други физички лица, но наш превид во овој случај е што тоа го пропуштиле нашите двајца  вработени“, велат од оштетената битолска компанија.

Трагајќи по измамниците оштетената битолска компанија наишла и на едно од нивните буриња со масло на плац на постојна фирма во Кавадарци и утврдиле дека е од нивните украдени буриња. Велат дека го купиле бурето од фирмата да им служи како доказ за да ја истражат измамата докрај.

„Откако измамата се  повеќе се потврдуваше, пријавивме во СВР - Битола и веќе имаме информации дека случајот е во предистрага од 2023“, велат од компанијата, додавајќи дека се сомневаат во - „организирана група на измамници“.

„Вината на старт ја лоцирам кај нашите вработени кои постапија наивно. Слабост на системот на фирмата. Требаше да наплатат, а не да даваат на одложено плаќање на непознати фирми. Вработените не се посомневаа воопшто во гарантите кои се јавуваат како физички лица. Но, сега очекувам истрагата да ги открие измамниците иако година и пол нема резултати“, велат од засегнатата фирма. 

„АПЛА“ го контактираше ОЈО во Битола од каде велат дека за случајот е оформен предмет кој е во предистрага и наложено им е на инспекторите во СВР- Битола да ги истражат наводите од пријавата.

„ОЈО Битола по добивањето на известување од СВР- Битола ќе пристапи кон донесување на јавно обвинителска одлука“, велат од Обвинителството за „АПЛА“. 

 

Текст Анета Блажевска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани