АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Зачувано е првото сценарио за филмот „Мист Стон“, дело на снимателот и режисер Трајче Попов и историчарот и писател Ѓорги Абаџиев. Се работи за сценарио од 1952 година кое деновиве беше изложено во битолската Магаза заедно со другата архива зачувана од филмот, а во склоп на изложбата „Мис Стон: некаде помеѓу Елен и автономијата“. Изложбата беше по повод 60 годишнината од премиерата на овој познат македонски филм, а поставена во рамки на Интенационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“ во Битола.
Сценариото е значајно зашто е најстарото и претставува дел од историјата на филомот, како и дел од вистината за мачниот пат што го минал филмот до снимањето трпејќи постојани измени во соджината, вментнување на нови филмаџии, давање дозвола за снимање и стопирање од страна на властите.
Според информациите објавени на изложбените паноа, на првиот конкурс за филмски сценарија и синопсиси, свој текст од 70- ина страници пријвил и младиот Трајче Попов, снимател и режисер во формирање. Под шифрата „505“ што всушност ги означувало неговите омилени бомбони од „Краш“, тој го пријавил историскиот текст за грабнувањето на Елен Стон, инспириран од средбите што ги имал и приказните што ги слушал од очевидци за настанот, современици на американската мисионерка и четата на Јане Сандански. Имено, во 1948 година, Попов и неговиот колега Кочо Недков имале за задача да ги снимат активностите на делегацијата на нашето Министерство за просвета кое заедно со претставници на бугарската влада учествувале во заедничка комеморација по повод 33 години од смртта на Сандански. Попов и Недков тогаш снимале во Пиринска Македонија, во Рожденскиот манастир, Мелник и Банско, а од нивната екскурзија произлегла филмската репортажа „Низ Пиринска Македонија“. На тие средби и настани, Попов се запознал со стари илинденци , поранешни комити и слушал на настанот со киднапирањето, Американката и четата на Сандански.
Идејата и синопсисот биле прифатени, но на луѓето од комисијата за избор на филмски текст им било јасно дека приказната треба уште доста да се доработи. Дека треба да се ангажира историчар кој ќе ги прикаже настаните околу илинденскиот период во вистинско светло, точно и хронолошки подредено. Така бил ангажиран веќе реномираниот историчар и автор Ѓорѓи Абаџиев, кој заедно со Траче Попов, по неколку месечна заедничка работа, во 1952 година го доставил до Вардар филм сценариото „Аферата Мис Стон“.
Некаде околу 1953 година „Вардар филм“ добил зелено светло да се започнат подготовките за реализација на сценариото, и тоа со Трајче Попов и Илија Милчин во режисерското столче, пишува на паноата од изложбата посветени на филмот. Заедно избрале терени за снимање , направиле и прелиминарна поделба на улогите , па дури и план на снимање. Подготовките веќе биле во поодмината фаза кога „Вардар филм“ добил наредба да го прекине проектот, со образложение дека се уште е рано за таква тема.
Сценариото било повторно дадено на преработка. Овој пат бил ангажиран писателот Јован Бошковски да го доработи и преработи, а потоа и Коле Чашуле.
Во 1957 година повторно паднала одлука за реализација на филмот. Овој пат со одобрение од повисоките политички ешалони , ангажиран бил српскиот режисер Жика Митровиќ кој изработила книга за снимање базирана на сценариото на Попов и Абаџиев, на усвоените измени од Бошковски и Чашуле, и според интервенциите преложени од Филмскиот совет на „Вардар филм“. Договорено било Попов и Абаџиев да се водат како автори на сценариото, со што Попов влегол во екипата како асистент по режија,а Илија Мичин ја добил улогата на Јане Сандански.
Зачувани се сценарија, документи, договори, извештаи, преписки, фотографии за филмот. Оригиналниот негатив од филмската лента бил уништен во поплавата 1962 година. Дистрибутерските копии се релативно добро чувани. Но, во духот на новата технологија, филмот Мис Стон допрва ќе биде подложен на дигитална реставрација и дигитализација , а со тоа ќе му се даде можност повторно да тргне во освојувањето на светот.