
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сите имаат право да постават урбана опрема на Градското Шеталиште во Битола, според критериумите од огласот, одговорија од Општина Битола, откако читатели на АПЛА.мк реагираа до нашата редакција за евентуална нелојана конкуренција.
Во последните две години, трендовите од повеќе градови во светот, како Париз, Амстердам, Лондон и многу други, доаѓаат и на нашите простори, при што доста атрактивен бизнис, посебно кај младите луѓе станува таканаречениот „Бизнис на велосипеди“, за што на нашите простори најчесто се користат трицикли.
-Минатата година и неколку битолчани во пролетниот и летниот период, започнаа да развиваат вакви бизнис планови, при што наплатата за користењето на просторот се одвиваше според Одлуката за утврдување на критериуми и стандарди за поставување на урбана опрема на подрачјето на општина Битола. Сепак, доставувањето на поединечни барања, не оставаше доволно можност за сите заинтересирани да можат да дојдат до простор, а посебно не во ист период и со исти услови, вклучувајќи ги и обврските за соодветно одржување на хигиената на просторот. Следејќи ги можностите, но и правилата и условите во градовите во светот, каде надоместоците за поставување на ваков или сличен вид урбана опрема варираат во зависност од локацијата и природата на продадената храна, локалната самоуправа оваа година создаде еднакви можности за сите заинтересирани да можат под еднакви услови на 14 локации во Градското шеталиште да постават урбана опрема за комерцијално користење за периодот 01.04.2025 до 31.10.2025, велат од Општина Битола за АПЛА.мк.
Според Општината со соодветен графички приказ со нумерички ознаки на локациите дадени во прилог кон огласот, дефинирани се точните позиции во Шеталиштето, без притоа да се нарушува означениот простор на терен за велосипедисти или за лицата со оштетен вид.
Од општината велат, дека на овој начин овозможуваат еднаков пристап за сите заинтересирани за овој бизнис, низ јавен и транспарентен процес, да аплицираат и да добијат можност во период од 7 месеци да заработуваат, но и да го разубават овој простор, при што се елиминираат сите форми за нелојална конкуренција или привилегираност на одредени субјекти.
-Почетната цена за издавање на површина за поставување на урбана опрема на Градското шеталиште е во износ од 4500 денари месечно по локација, а истата е утврдена според Извештаите за извршена процена на пазарна вредност на недвижен имот од февруари 2025 година изработени од АЕСТИМАТИО ДООЕЛ Битола и во согласност со Одлуката за утврдување на критериуми и стандарди за поставување на урбана опрема на подрачјето на општина Битола бр.09-100/26 од 25.12.2017 година, донесена од страна на Советот на општина Битола. Крајната цена која ќе ја платат правните субјекти за поставување на урбана опрема на Градското шеталиште, ќе зависи од нивниот интерес при јавното наддавање и секако ќе биде во согласност со искуството од исплатливоста и зароботувачката која ја имаа поединци, изминатата година. Ваквиот начин на спроведување на постапката, значи создавање правно регулиран систем во интерес на идентификуваните потреби на граѓаните кои сакаат да се занимаваат со овој бизнис, одговорија од Општина Битола за АПЛА.мк .
А.Б