2win800x200

(Обновено) Познатиот хирург од Битола признал дека зел поткуп и добил условна казна, ОЈО се жали

Март 06, 2025

Познатиот битолски хирург М.С (64) признал дека примил поткуп од пациентка и добил условна казна на судењето во Основен суд Битола. Основното јавно обвинителство од Битола не било задоволно од одлуката на судот и поднело жалба на пресудата.

Хирургот за операција на жолчно ќесе побарал од фамилијата на пациентката да се „почести“ со 150 евра.

Судот првично му определи притвор од 8 дена, а потоа дополнителни 30 дена, поради опасност од бегство.

На судењето хирургот ја признал вината за кое се товари, велат од ОЈО Битола.

„Жалбата поднесена од ОЈО Битола во овој случај е за висината на изречената санкција, сметавме дека санкцијата не е правилно одмерена согласно одредбите од кривичниот законик“, изјавија од ОЈО Битола за „АПЛА“.

Веднаш по обелоденувањето на случајот со хирургот, Битолската болница го смени од раководната функција и во консултација со Министерството за здравство го суспендира од работа, а од раководството на болницата изјавија дека се оградуваат од постапката на посочениот доктор.

Сега од Битолската клиничка болница за „АПЛА“ потврдуваат дека хирургот додека бил во притвор поднел барање за заминување во пензија и од 26 февруари е формално во пензија.

Инаку како што е познато, на 28 јануари годинава хирургот  беше пријавен во полиција од семејство од битолско, дека за операција на жолчно ќесе врз повозрасна пациентка побарал 150 евра за наводно да се „почести“.

ОЈО Битола во описот на делото наведе дека  – „Сомнението произлегува од фактот дека осомничениот, на 27 јануари, како лице кои вршело работи од јавен интерес, односно како доктор – хирург на Одделението за хирургија при ЈЗУ Клиничка болница ‘Д-р Трифун Пановски’ Битола, извршил интервенција – операција на жолчно ќесе врз пациентка, а потоа индиректно, преку сведок, побарал од синот на пациентката да му даде пари во износ од 150 евра за да се почастел за извршената работа. Синот следниот во просториите на болницата, во плик му дал на осомничениот три банкноти од по 50 евра. Откако осомничениот ги примил, му бил извршен претрес и овластени службени лица од СВР Битола ги пронашле и одзеле парите.“

(ДОПОЛНЕТО)

Од Основниот суд Битола на прашање на „АПЛА“ за пресудата за лекарот изјавија - „ За кривичниот предмет поведен против лицето М.С донесена е пресуда по признание на вина, а на обвинетиот му е изречена алтернативна мерка - условна осуда, казна затвор во траење од 1 (една)  година  со рок на проверување од 4 (четири) години. Против вака донесената пресуда, ОЈО Битола поднесе навремена жалба  и предметот ќе оди на второстепен суд, Апелационен суд Битола, кој одлучува во втор степен по жалби. 

Мерката притвор против обвинетиот е укината, со оглед на тоа дека не постојат повеќе причини поради кои истата беше изречена. Односно на обвинетиот со пресудата му е изречена алтернативна мерка, условна осуда. Не е изречена  ефективна казна затвор“, стои во образложението на Основен суд Битола испратено до АПЛА.мк   

 

 

Анета Блажевска 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани