2win800x200

Во Пелагонија ќе се гради регионален систем за управување со отпад, образложено на денешната вонредна седница на Битолскиот совет

Март 10, 2025
фото Апла.мк фото Апла.мк

Во Пелагонија ќе се гради регионален систем за управување со отпад, а не како досега  нестандардна депонија за складирање на ѓубришта. Ова е ставот на локалните власти во Битола по реакции во јавноста и недоволната информираност за каков систем на одлагање на отпад станува збор. Ова следува по едногласната одлука на Советот на Општина Битола од 28 февруари, за меѓуопштинска соработка и формирањето на комисија за формирање на регионално претпријатие за справување со отпад за 18 општини (Новаци, Битола, Прилеп, Крушево, Долнени, Могила, Кривогаштани, Битола, Демир Хисар, Ресен, Охрид, Струга, Кичево, Дебар, Пласница, Центар Жупа, Вевчани, Дебарца и Македонски Брод) од југозападниот регион со седиште во Општина Новаци.

Битолчани по веста со бурни реакции „за“ и „против“ изградбата на регионален систем за управување со отпад.

„Секоја општина нека си има своја депонија. Не плаши моментот на транспортирање и одлагање на отпадот, нека кажат каква е таа фабрика за регионален отпад?“.

Професорот Мите Ристов, од невладината Геосфера, која се занимава со проекти за заштита на животната средина вели дека потреба од современа депонија има, но потребни се и гаранции за нејзиното работење.

 „Потребата од изградба на депонија по сите светски стандарди е повеќе од потребна. Со години наназад, постоечкото ѓубриште кај Мегленци интензивно ја загадува животната средина. Аерозагадување, загадување на подземните води и почвата. Одбраната локација во поранешниот јагленокоп на ‘Суводол’ е соодветна за Пелагонискиот регион. Просторот е целосно деградиран после завршувањето на експлоатацијата на јагленот и може соодветно да се адаптира за ваков капацитет. Доколку се изгради по сите стандарди, регионалната депонија ќе биде повеќе од депонија. Ќе се врши селекција на отпад и негова подготовка за рециклирање, а ќе ги поттикне и општините од регионот да вршат примарна селекција на отпадот. Од друга страна, реакциите на граѓаните се оправдани, бидејќи минатото не научи дека не треба да им веруваме на политичарите и воопшто на институциите“, смета професорот Ристов.

Денеска во Битола се одржа вонредна седница на Советот на која плановите за  изградба на регионален систем за управување со отпад ги образложија градоначалникот Тони Коњановски и претставник на Министерството за животна средина.

„Од една страна имаме нестандардна депонија и одлагање на отпадот, а од друга страна имаме можност за изградба на регионален центар-систем за управување со отпад, она што сите го бараме. Проектот е отпочнат во 2018 година, тогаш сме биле во опозиција, сме изгласале и одлука на Совет за формирање на регионален центар за отпад во општина Новаци. Треба сите да сфатиме дека денешната состојба со депонијата Мегленци е неиздржлива. Цела Македонија, а и како град се повеќе сме затрупани со диви депонии, ѓубришта, но не организиран систем“, рече градоначалникот Тони Коњановски, додавајќи дека ги прифаќа стравовите и размислувањата на граѓаните, бидејќи целиот овој систем за управување со отпад не бил доволно објаснет за јавноста.

„Тука сме да дискутираме отворено на темата со сите засегнати страни со факти и да кажеме дека конечно треба да почнеме со организиран систем за справување со отпад. Верувам граѓаните ќе прифатат систем како во европските земји, таму спроведен уште во седумдесеттите години. Прво селектирање на отпадот уште од домовите“, рече Коњановски, велејќи дека ова го зборува не само како градоначалник, туку и како лекар-епидемиолог, татко и дедо.

На крајот на прашањата од граѓаните присутни на седницата, градоначалникот повика на доверба во системот, кој како што рече треба да го направиме сите, политичарите заедно со граѓаните.

Овој проект за изградба на регионален систем за управување со отпад е поддржан со кредит од Европската банка за обнова и развој.

„Проектот го правиме за да имаме придобивки за животната средина, за здравјето на луѓето пред се’. Досегашниот систем за управување на отпад во нашата земја е на многу ниско ниво, ќе треба да се овозможи на нов регионален систем за управува со отпад кој ќе ги задоволува и националните стандарди и ЕУ стандардите. Сега штетите од несанитарните локации за отстранување на отпад се големи. Досегашните ја загадуваат и водата и почвата и подземните води и водотеците, и за жал многу често при палење на овие локации се оптоварува и амбиенталниот воздух“, рече Ана Каранфилова - Мазневска, раководител на секторот на отпад во Министерство за животна средина.    

Според неа проектот во Пелагонија е во постапка на подготовка на тендерска документација, идеен проект врз чија основа ќе се распише меѓународен повик за изведба на работите. Покрај регионалниот центар, предвидена е изградба на претоварни станици, затворање на нестандардната локација во Мегленци. Набавка на современи возила и контејнери за примарна селекција на отпадот која ќе биде задолжителна. Органскиот отпад ќе биде претходно третиран, депониран и покриен, за да нема дополнителни влијанија врз животната средина.

Советникот Кире Климески, инаку стручен за животна средина, накрај на расправата рече дека во моментот депонијата „Мегленци“ е дива депонија чекајќи со години да стигнеме до нов систем за управување со комунален отпад.

„Во моментот ја имаме таа шанса да направиме нов систем за управување со комунален отпад. Теренот во ‘Мегленци’ да го ревитализираме, да се врати во првобитната состојба и да почне да функционира новиот систем по сите европски стандарди. Во ниту еден процес изградбата на ваков систем нема да има негативно влијание врз нашето здравје. Оттука немаме проблем да дадеме поддршка за ваков центар за одлагање на отпад“, рече Климески.    

Анета Блажевска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани