2win800x200

Учениците до школо ќе патуваат со општинскиот линиски превоз по нормални пазарни цени

Октомври 04, 2018

Дел од учениците од околните општини кои учат во Битола се жалат дека останале без превоз. Од Општина Битола соопштија дека бесплатниот школски превоз за учениците ќе биде од превозници кои го вршат општинскиот линиски превоз и на овој начин се обидуваат да го реши со години напластениот проблем со школскиот превоз за кој училиштата должат 770 000 евра кон превозниците. 

„Проблем е за места во околните општини каде нема редовна автобуска линија.Мора децата да ги носиме до центраот на општината или пак на крстосница надвор од селото каде минува автобус“, регираат жители од села во Могила. Воедно и претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Ресен, Јован Тозиевски рече дека околу 150 ученици од Ресен кои средното образование го продолжиле во Битола, останаа без превоз, кој им е загарантиран од Министерството за образование и наука бидејќи средното образование е бесплатно и задолжително.

Од Општината велат дека согласно дополнувањата во Законот за превоз во патниот сообраќај, бесплатниот превоз на ученици утврден со Законот за основно образование и Законот за средно образование на подрачјата на општините каде што има утврден возен ред ќе се врши од страна на носителите на дозвола на општински линиски превоз.

 Начинот за организирање на бесплатниот превоз и цените за општина Битола ќе бидат утврдени в понеделник на седница на Совет. Во одлуката која ќе се најде за гласање пред советниците пишува дека учениците кои живеат на места каде има организиран општински линиски превоз на патници, ќе се превезуваат со општинските линии. Ако до местото на живеење нема организиран општински линиски превоз, а е оддалечено до најблиското автобуско стојалиште помалку од минимално растојание за кое ученикот има право на бесплатен превоз, ќе се превезува со општинската линија која сообраќа до најблиското автобуско стојалиште.

Исто така, од Општина велат дека бесплатниот превоз на ученици на две или повеќе општини каде што има утврден возен ред во рамки на меѓуопштинскиот линиски превоз ќе се врши од страна на превозниците за меѓуопштински линиски превоз, по цени утврдени со превозниците, кои не можат да бидат повисоки од цените за останатите патници.

На Совет в понеделник ќе бидат утврдени и тарифи за превозот. Се предлагаат четири тарифни зони. Така, возен билет за едно возење во една зона ќе чини 20 денари, за две зони 35 денари, за три зони 45 денари, а за четири зони 55 денари. Месечниот билет за ученици кои ќе се возат во една зона ќе изнесува 600 денари, во две зони 900 денари, за три зони 1200 денари, за четири 1500 денари.

ТАРИФНА ЗОНА 1

сите стојалишта во градот Битола, Горно Оризари и Долно Оризари

ТАРИФНА ЗОНА 2

Буково, Крстоар, Бистрица, Кравари, Логоварди, Карамани, Трн, Крклино, Кукуречани, Братиндол, Дихово, Трново, Магарево

ТАРИФНА ЗОНА 3

Олевени, Барешани, Канино, Породин, Жабени, Оптичари, Драгарино, Драгожани, Црнобуки, Горно Српци, Ротино, Нижополе

ТАРИФНА ЗОНА 4

Велушина, Острец, Граешница, Кишава, Драгош, Лажец, Меџитлија, Кременица, Егри, Лисолај, Лопатица, Секирани, Габалавци, Црнеец, Цапари, Рамна, Лера, Доленци, Ѓавато, Кажани, Маловишта, Детско одморалиште, Инфо центар, Хотел „Молика“

За месечните возни билети цената изнесува:

 

вработени

пензионери

студенти и ученици

за една зона

800,00 ден.

700,00 ден.

600,00 ден.

за две зони

1.200,00 ден.

1.050,00 ден.

900,00 ден.

за три зони

1.600,00 ден.

1.400,00 ден.

1.200,00 ден.

за четири зони

2.000,00 ден.

1.750,00 ден.

1.500,00 ден.

 

„Веќе се дадени напатствија до училиштата да спроведуваат активности на адаптирање на новите законски одредби, со цел учениците да имаат нормален и безбеден превоз по цени нормални и соодветни на пазарните цени на превозот“, велат од Општината.

Превозниците ќе се должни за секој билет да издаваат фисклана сметка, а ќе ги превезуваат учениците врз основа на потврди и списоци доставени до училиштата. Ако некој превозник наплати повеќе, ќе треба да го врати износот. Фактурите ќе им се исплаќаат во рок до 60 дена.

Од Општина Битола велат дека на овој начин прават обид еднаш засекогаш да го решат проблемот со превозот, кој е основен причинител на финансискиот колапс во битолските училишта. Поради тоа што претходно овој проблем не се решавал, во моментов долговите на битолските училишта само по основ на превоз изнесуваат 47.700.000 денари или над 770.000 евра.

„Мора да се земе во предвид и фактот дека вкупната сума на долгови по однос на превозот на училиштата во изминатата година е намалена во голема мерка“, велат од Општина Битола.

Токму за неправилности во организирањето на бесплатниот школски превоз се водат случаите Транспортер 1 и 2 каде се осомничени екс градоначалникот Владимир Талески, поранешниот секретар на општината и други бивши директори на училишта и превозници.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани