АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Од денес учениците се враќаат во училишните клупи. Денес, новата учебна година започна и за 799 првачиња во Битола. По тој повод, основните училишта во Битола организираа приредби за пречекување на првачињата.
- Денес е еден од оние денови кои нè потсетуваат на значењето на заедницата, на значењето на образованието и инвестирањето во нашата најголемо богатство, нашите деца - изјави Дијана Толевска Христовска, директорка на ОУ „Коле Канински“.
На приредбата директорката се обрати и до родителите и ја истакна важноста на нивната поддршка и соработка кои се неизмерно важни за успехот на децата, а воедно се обрати и до наставниците, посочувајќи дека нивната посветеност е основа врз која дечињата ќе ги изградат своите соништа.
- Вашата страст кон образованието пали ѕвезда на љубопитност во срцата на нашите ученици - рече таа, додавајќи дека учењето е процес кој не завршува никогаш, и секој ден нуди шанса за надградување и развивање како личности.
На приредбата присуствуваше и градоначалникот Тони Коњановски кој им посака успешан година на сите ученици.
- Верувајте, нема поубав момент за мене, за родителите и наставниците, да го започнете денот со најмладите. Во мое име, во име на општина Битола и граѓаните на општина Битола, на најмладите, родителите и наставниците им посакувам многу трпение, многу успеси, многу смеа и радост, затоа што ако се потсетиме на моментите кога ние бевме на нивно место, тоа беа моменти на радост, но и на понекоја пуштена солза - изјави тој.
Градоначалникот додаде дека оваа година во Битола има повеќе запишани првачиња во однос на минатата година, така што во градот нема пад во однос на запишани ученици во прво одделение.
- Бројот останува константен, што и нѐ радува. Секогаш велам дека Битола има потенцијал, градот е жив и сите треба да се трудиме да помогнеме, секој во својот ресор, да овозможиме услови во овие тешки економски времиња за сите, да овозможиме воспитно-образовниот процес да се одвива како што треба - рече тој.
Оваа година, учебната година започна за 799 првачиња, што е за 16 повеќе во однос на минатата година.