
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Партизираноста на општеството и политичкиот протекционизам отворија жестока дебата во Битола меѓу студенти и петте актуелни пратеници од Битола во македонското Собрание. Денес во Студентскиот информативен центар на Универзитетoт „Св. Климент Охридски“ – Битола, беше најавен едукативeн настан „Парламентарен караван“, во организација на Собранието на Република Северна Македонија, но работите излегоа од „контрола“ кога студенти јавно ги отворија проблемите на партизираното општество пред пратениците. Пред студентите говореа и одговараа пратениците од Изборната единица 5 , Олга Лозановска, Силвана Ангелевска и Пеце Милевски од ВМРО-ДПМНЕ, Весна Бедевска од ЗНАМ и Бисера Костадиновска и Митко Трајчулески (Крушево) од СДСМ.
Наталија, апсолвент на Техничкиот факултет во Битола ги праша пратениците - Како да се вработи ако нема членска книшка од политичка партија?
„Јас сум апсолвент, ама гледам по моите другарки, ако не е член на партија не може да се врати“, им рече апсолвентката.
Пратеничката Весна Бендевска на студентката и рече дека не мора да работи на државно, може и на приватно. Потоа ја охрабри да поднесе претставки ако има нарушување на административните процедури за вработување. И други студенти се согласија дека вработувањата одат по партиска линија.

Извесен шок кај присутните предизвика сведоштвото на млада жена од Прилеп која се претстави како асистент во пратеничка канцеларија во Прилеп, иако не кажа на кој пратеник и од која политичка партија му е асистент.
„Еве јас ќе го кажам мојот личен пример. Јас сум самохрана мајка на две деца, дури не се зачленив во политичка партија не можев да се вработам. Откако се зачленив сега сум асистент на пратеник во пратеничка канцеларија“, рече прилепчанката и предизвика реакција кај присутните.
Ова остави впечаток кај присутните дека дебатата им излегува од „контрола“ и не им оди во полза на присутните пратеници.
Реакција предизвика и прашањето на пратеничката Бисера Костадиновска дали и во нашата држава да се донесе закон за задолжително гласање на избори за лица над 18 години по примерот на други држави во светот.
На ова реплицираше студентка на Правниот факултет во Битола.
„Сметам дека на наша возраст ниту една личност не треба да гласа. Се додека постојат политички партии ќе постои тој непотизам, тие ‘пријатели’, ќе постојат примери како што е моја другарка која без факултет работи во државно, а јас со факултет ќе работам во „Кромберг и Шуберт’. Се додека постојат политички партии за младите тука нема место“, рече студентката од Прилеп, а пратеничката Весна Бендевска ја праша – А ако нема политички партии како ќе биде?
Студентката додаде дека –„една личност на 18 години не треба да гласа оти деца на наша возраст ако ги прашате како и зошто се гласа појма немаат, единствено што знаат за која партија гласаат нивните родители. Мајка ми и татко ми се вработени од таа партија и јас ќе гласам за таа партија. Не! Кога ние како личности ќе бидеме спремни и ќе знаеме за кого и зошто гласаме е тогаш треба да излеземе на гласање на избори. Закон за задолжително гласање не треба да се носи“, рече студентка и со дикусијата наведе дека приватните факултети во Македонија –„се апсолутна катастрофа и сите до еден треба да се затворат“, што предизвика смеење кај дел од пратениците.

Пратеникот Пеце Милевски од ВМРО-ДПМНЕ констатира дека младите се помалку се заинтересирани да бидат дел од политичкиот живот во државата и не појавуваат желба за политички активизам.
„Апатијата не треба да биде начин на живеење. Нашите пратенички канцеларии се отворени за граѓаните, но ретко е млад човек да дојде во тие канцеларии, најчесто е повозрасни луѓе“, рече Милевски во излагањето.
Студентот Димитар Атанасовски, поранешен претседател на Универзитетското судентско собрание на УКЛО ги праша пратениците - „Да бевте вие студент денес кои проблеми ќе ги имавте?“
Пратеничката Бендевска кажа – квалитетот на образованието.
„Од квалитетот на образованието зависи каков живот сами ќе изградите, не само колку ќе бидете конкурентен на пазарот на труд. Студенското сместување, храната, организиран студентски живот, превозот, се е проблем“, рече Бендевска.
На дискусијата се надоврза пратеничката Силвана Ангелевска, инаку професор на Техничкиот факултет во Битола, па кажа дека –„за жал има еден страшен недостаток на незнаење кај моите студенти кој најверојатно се провлекува од основно образование, особено во предметите каде се изучува математиката.
„Не може да кажеме дека квалитетно образование е само од аспект на предавачите, сега ќе носиме нов закон за високо образование каде ќе ги зајакнеме критериумите за избор на професор за малку да го подигнеме нивото на квалитет на образованието. И тврдам дека промените преба да почнат од основното, средното, па во високото образование“, рече Ангелевска пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот на СДСМ Митко Трајчулески, пак, како проблем за студентите ги наведе бесперспективноста и немањето надеж.
„Кога би бил студент голем проблем би бил за мене бесперспективноста. Влегувате во образование и го гледате крајот на тунелот, односно излезот од тунелот - што после тоа образование, надежта за подобро утре? Затоа треба заедно да работиме на квалитетот на образование и да дадеме подобра перспектива за младите, сите да ја гледаат идината тука покрај своите семејства. Поразителен тренд е депопулација на нашата држава, ние по статистика имаме 1.450.000 луѓе кои живеат тука. Ова е премалку за да бидете како држава во кондиција со работоспособни луѓе“, рече Трајчулески.

Анета Блажевска
