
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Лекарка од Очното оддeление во Клиничката болница во Битола била фатена како бара и зема мито од пациент во висина од 100 евра, дознава АПЛА.мк. Според СВР Битола лекарката со иницијали И.Д е на возраст од 67 години.
Лекарката побарала од пациент пари за одредена здравствена услуга, но засегнатиот пациент случајот го пријавил кај истражните органи и кaко што дознаваме лекарката е фатена со обележани пари. Во случајот постапувале инспектори од СВР Битола и лекарката билa спроведна на распит. Се очекува одлука на ОЈО Битола.
Настанот се случил попладнево пред крајот на работното време.
Апла побара изјава од Клиничката болница Битола, од таму добивме потврда за случајот. Болницата е згрозена од ситуацијата бидејќи ова е втор случај во Битолската болница од почетокот на годината, лекар да биде фатен да бара мито од пациент.
- Клиничка болница Битола изразува сериозна загриженост што по втор пат од почетокот на годината се соочува со незаконско постапување на лекар на штета на пациент. Жалиме што се наоѓаме во ситуација, наш лекар кој вршел работи од јавен интерес да биде осомничен за примање мито од пациент. Ги охрабруваме истражните органи од СВР Битола и ОЈО Битола да постапат транспарентно и законито и во овој случај.
Како раководство на Клиничка болница Битола сме згрозени од ситуацијата и се оградуваме од постапката на осомничената лекарка. Стоиме на располагање на истражните органи да ја обелоденат вистината и единствено прифаќаме законита, транспарентна и неселективна постапка.
И во овој случај, во согласност со Министерството за здравство итно е спроведена постапка за суспензија на осомничената лекарка се додека трае процесот на истрагата согласно важечките законски прописи.
Уште еднаш искрено жалиме за ситуацијата во која бил доведен пациентот и неговото семејство. Поразителен е фатот што незаконските дејанија од лекар кон пациент се случуваат во здравството, но силно охрабрува фактот што овие случаи добиваат јавност, транспарентно и законито постапување од страна на државните органи, стои во изјавата на Клиничка болница Битола за Апла.мк
Во јануари лекар хирург беше уапсен и условно осуден за барање мито од пациент во Битола.
За случајот се огласи и Министреството за здравство-
-Во врска со случајот во ЈЗУ Клиничка болница „Др. Tрифун Пановски“ – Битола, каде што денес медицинско лице е затекнато при примање поткуп, Министерството веднаш иницира постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, согласно законските процедури.
Реакцијата на Министерството е брза, принципиелна и недвосмислена, ставена во насока на заштитата на достоинството на пациентите и интегритетот на медицинските лица од јавното здравство.
Граѓаните имаат право на фер и достоинствен третман. Министерството не толерира корупција и ќе ги санкционира сите прекршоци за да ја зачува довербата во здравствениот систем.
Очекуваме институционална истрага и завршница од надлежните органи, со цел ефикасна борба против корупцијата. Ги повикуваме граѓаните да продолжат да пријавуваат преку веб алатката „Пријави неправилности“, додека институциите да продолжат постапуваат доследно и без селективност.
Автор Анета Блажевска