2win800x200

Познатиот онколог Симонида Црвенкова денеска прегледуваше во Битола, емоции кај пациентите што не мора да патуваат до Скопје

Јули 18, 2025
др Симонида Црвенкова др Симонида Црвенкова

Познатиот специјалист онколог проф. д-р Симонида Црвенкова, денеска прегледуваше онколошко болни пациенти во Битола.

Таа е само една од лекарите специјалисти кои неделно ќе доаѓаат во Клиничката болница-Битола по неодамна потпишаната соработка со Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија од Скопје. Целта е скопските лекари специјалисти за онкологија и радиотерапија да вршат прегледи во онколошкото одделение на Клиничката болница во Битола.

Онкологија во Битола е сместена во нов објект, засебен од зградата на Клиничка болница Битола. Денеска затекнавме пациенти кои дојдоа на преглед кај докторката Црвенкова, како што ни рекоа „психички и финансиски“ необременети оти не отпатувале во Скопје на овие пеколни горештини на Онкологија, каде имало голема гужва. Среќни што ќе го имаат целиот професионален преглед за болеста од која се лекуваат и има каде се седнат во чекалната.

Пациентите кои чекаа преглед ги посети и директорката д-р Ненси Лозанче и им намести столчиња плус на затекнатите пациенти од Битола.

Една од пациентките забележа – „Во Скопје на Онкологија нема каде да седнеме, стоиме простум со часови, залепени на ѕидовите, омалаксани, седиме по скалите изнемоштени. Овде се чувствуваме достоинствено.“

Средовечна битолчанка која сакаше да остане анонимна со солзи во очите зборуваше што значи за болните од канцер да можат да се сретнат со својот лекар во Битола.

„Станувам во 4 часот за да стигнам во Скопје на Онкологија во 8 и 30, таму затекнувам голема гужва, може да се случи лекарите да не вратат назад од што не можат да престигнат со прегледи, најбројни сме битолчани. Сето тоа е нервоза, губење енергија, пари...Разликата е голема, во чекалната во Битола нема нервоза, напротив разговор меѓу пациентите колку ни значи прегледот и терапијата да ги добиеме во Битола. Директорката Ненси Лозанче народски кажано ни изгради манастир со ова што го направи за нас онколошки болните да не патуваме во Скопје“, рече со емоции пациентката.

скриени ликови

Денес пред Онколошкото одделение во Битола 

 

 

Друг пациент раскажа дека и покрај целата мака со здравствената состојба кога ќе одат во Скопје добиваат прашања од болничкиот персонал од типот– Зошто се лекуваат во Скопје кога во Битола има Онколошко одделение?

„Денес сум психички неоптоварена, а и  не потрошив 50 евра за одењето во Скопје. Таму бевме да речам ‘осудувани’ - 'зошто вие од Битола идите овде кога имате во својот град онкологија'. Многу апелирав, со години и кај минатите власти да направат, да се прегледуваат и лекуваат болните овде во Битола, ама ете дури сега можеме тука да правиме контроли . Јас сум 5 години онколошки пациент и еве дочекав да одам на контроли во Битола“, рече пациентот.

Розика Блажевска на возраст од 77 години, пациент од Битола за веста дека ќе доаѓаат лекари од Скопје во Битола ја разбрала од медиумите и се израдувала.

„Постојано одев во Скопје на преглед и да земам таблети на 28 дена, сето тоа е мачење, да патуваш на студ, на жешко... Кога ќе се вратев дома од Онкологија два дена не можев од кревет да станам. Ова е големо олеснување за нас. Терапијата се погоди, и да се продолжи овде со прегледи е добро, веруваме во нашите онколози“, рече Блажевска.

Пациентите велат дека здравствената услуга во Битола мора да се комплетира и со зрачна терапија, односно да почне со работа и  акцелераторот, кој е веќе во функција. Имаат инфомации дека се прават напори од страна на Министерството, ФЗО и Владата на РМ да се набави и компјутер симулатор, а потребните лабораториски анализи да можат да се извршуваат во болницата.

Бараат да се обезбеди дневна болница и да се вложи во додатен медицински кадар, за нивниот третман.

Професорката д-р Симонида Црвенкова, специјалист по радиотерапија и онкологија и специјалист интернист, во разговор за „Апла“ вели дека Онколошкото одделение во Битола има одлични услови за работи, како посебен депанданс.

„Оваа соработка е за поздравување. Ние како универзитетска клиника со долгогодишно искуство, пред се во делот на зрачната терапија уште од времето на екс Југославија, имаме реноме кое се надевам ќе продолжи и со помладите колеги. Тука сме денес во Битола да им помогнеме на нашите колеги, најпрво со амбулантско-консултативен преглед, еднаш во неделата“, рече д-р Црвенкова.

Онкологот Црвенова, додава дека фреквентноста на пациенти на Универзитетската клиника во Скопје е голема поради бројот на пациенти заболени од малигни болести, но како што вели, за наша среќа, за среќа на семејствата на пациентите има голема достапност и успешно лекување со биолошката терапија.

„И битолскиот оддел за онкологија има историја, сигурно не било лесно да се изгради и профункционира еден ваков објект, се надевам дека битолските колеги со наша помош ќе ги подобрат условите за пациентите од овој регион. Целта е да се зачува овој онколошки центар, како што се зачува интервентната кардиологија во Битолската болница со работата на д-р Ненси Лозанче. Нашата помош е привремена, не може со еден ден во Битола се да се реши, останува работата на битолските колеги да се зачува овој центар, бидејќи има и радиотераписки капацитет, инсталирано акцелератор“, рече професорката Црвенкова.  

Директорката на битолската клиничка болница д-р Ненси Лозанче, рече дека после секојдневните средби со болните со малигни заболувања од Битола и регионот како и средбата со претставници на „Лигата за борба против ракот“, направени биле интензивни преговори со директорот на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија од Скопје д-р Игор Стојковски, директорот на ФЗОМ и докторите од оваа клиника да доаѓаат во Битола и да помагаат во лекувањето на болните од малигни заболувања.

„Неизмерна беше радоста, што наидовме на комплетно разбирање и подготвеност за ваков вид на соработка се со цел нашите пациенти да добиваат третман, односно прегледи и терапија на Онколошкото одделение во Клиничката болница во Битола“,  вели д-р Лозанче и додава: „Гледајќи го задоволството кај овие пациенти, од остварената соработка со докторите од Клиника, упатувам апел до младите лекари, да ја одберат оваа специјалност, бидејќи, насмевката на пациент, на кој си помогнал  нема цена.“

Посетите на скопските онколози почнаа минатата недела со посета на еден лекар неделно, според можностите на УКРО, но после завршувањето на годишните одмори се очекува прегледите да бидат и почести од страна на специјалистите од Клиниката во Скопје.

 

Текст и фото Анета Блажевска

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Текст и фото Анета Блажевска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани