
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Министерството за внатрешни работи (МВР) и официјално потврди дека битолскиот сообраќаен испитен центар „Супер возач“ добил забрана за работа од 30 дена. Во одговорот, од МВР ги објаснуваат и причините зошто кандидатите за прва возачка дозвола или за дополнителна категорија во Пелагонискиот регион, нема да може да полагаат најмалку до 13 септември годинава.
Има три основи за забраната која следува по спроведена инспекција одговорија од МВР за АПЛА
"Врз основа на член 252 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (“Службен весник на Република Македонија“ бр.169/15, 226/15, 55/16, 11/18, 83/18, 191/18, 98/19, 302/20), Министерството за внатрешни работи изврши надзор и контрола над исполнетоста на потребните услови и начинот за работа во Друштво за услуги Авто мото испитен центар „Супер возач“ ДООЕЛ Битола кој поседува лиценца за испитен центар.
При надзорот не е приложена комплетна документација за исполнување на условите во однос на потребниот стручен кадар согласно член 246 од истоимениот закон, потребната документација за возилата кои треба да ги поседува за спроведување на практичниот дел од возачкиот испит согласно член 248 како и водење на неуредна евиденција согласно член 42 од Правилник за начинот на спроведување на возачките испити и поблиските критериуми во однос на просторните услови и материјално - техничката и информатичката опрема на испитните центри и водењето на евиденциите во врска со спроведените возачки испити, како и начинот на издавање и одземање на лиценца за испитен центар, формата и содржината на образецот на лиценцата за испитен центар (Службен весник на РСМ бр.29/2025).
Поради горенаведените забелешки согласно член 252 став 3 од ЗБСП, изречена е забрана за спроведување на возачки испит на кандидати за возачи во времетраење од 30 дена на горенаведеното правно лице и му се определува рок од 30 дена да ги отстрани утврдените недостатоци, стои во одговорот од МВР до Апла
Полагањето возачки испити во земјава се врши пред испитни центри кои добиваат лиценца од МВР, под услови утврдени со закон и подзаконски акти. Испитните центри си конкурираат меѓусебно само кога ќе се распише конкурс за испитен центар бидејќи е дозволено издавање на само една лиценца за секој од осумте плански региони во земјава. Со други зборови, МВР дава монопол за одреден плански регион на една фирма во траење од пет години.
Од 15 декември, кога заврши лиценцата на претходниот испитен центар СИЦ „АМ“, па сè до 13 мај 2025 година кога лиценцата ја доби „Супер возач“ од Битола, немаше полагање за возачки испити во Пелагонискоиот регион. Инспекцијата на МВР и казната од еден месец значат дека повторно нема полагање, почнувајќи од 12 август 2025 година. На интернет-страницата на „Супер возач“ тврдат дека така ќе биде најдоцна до 13 септември, што навестува дека фирмата се надева оти ќе ги отстрани недостатоците во дадениот рок.
„Супер возач“ засега молчи зошто нема да вршат полагања до 13 септември 2025 г.