АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Изградбата на пругата Битола-Кременица е во завршна фаза, а градежните работи се очекува да завршат до крајот на годината, информираат од Министерството за финансии. Со изградбата на оваа делница ќе се овозможи железничко поврзување меѓу Македонија и Грција, односно поврзување на Пелагонискиот регион со Солунското пристаниште.
„Согласно податоците на изведувачот, досега 90% од градежните работи се веќе завршени. Пругата е со должина од 17 километри, во рамки на кои се веќе изградени 9 мостови, 38 пропусти, 30 премини за животни, нова станична зграда и нова зграда за сигнализација и телекомуникации во областа Жабени. Поставени се нови шини и прагови во должина од 17 километри, како и нов оптички кабел во иста должина, се наведува во соопштението од Министерството за финансии.
Во наредните неколку месеци изведувачот ќе работи со машиниско регулирање на нивото на колосекот на проектираната висина на 8 патни премини, на зградата на магацинот во Жабени и на поставување на опремата за сигнализација и телекомуникации. Вкупната инвестиција изнесува 17 милиони евра, од кои 6 милиони се обебзбдени од ИПА фондовите на ЕУ, а 11 милиони евра од Буџетот на РМ.
„Градежните работи на пругата од Битола до Кременица, започнаа во февруари 2018 година. Изведувач на проектот е Штрабаг Раил ГМБХ во конзорциум со Штрабаг АГ од Австрија. Вредноста на потпишаниот договор изнесува 17.1 милиони евра. Договорот со претходниот изведувач од Бугарија беше прекинат во 2016 година поради слаба реализација на проектот, велат од Министерството.
Претходно тендерот за изградба на железничката пруга Битола-Кременица го имаше добиено Конзорциум составен од бугарски фирми, но, во 2016 година, договорот беше прекинат, затоа што за предвидениот рок, наместо 17 километри беше изграден само 1 километа од пругата. Конзорциумот, на домашните фирми подизведувачи им остана должен 1 милион евра, а некои од нив поднесоа тужби.
Инаку пругата Битола-Лерин-Солун, беше во функција до 1986 година, а е изградена пред повеќе од еден век. Оваа делница беше од ислкучително значење за жителите од пограничниот регион. Соседна Грција пред неколку години ја реконструираше пругата од Лерин до грчко-македонската граница. По изградбата на пругата Битола-Кременица ќе остане да се изврши поврзување на реконструираните делници на самиот граничен премин.