
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Дописничката на „Независен“ од Битола, Анета Блажевска и сопственик на битолскиот веб портал АПЛА.мк , доби признание за придонес во промоција на професионалното новинарство на теми од локално и регионално значење од Здружението на новинари на Македонија за серијата текстови објавени во нашиот медиум поврзани со злоупотреби на поранешната директорка на Средношколскиот дом во Битола.

Новинарското истражување на Блажевска започна во февруари 2024 година кога објави низа текстови за поранешната директорка на Средношколскиот дом во Битола, Елена Спасеновска. Како резултат од новинарското истражување на Блажевска е покренато обвинение за екс-директорката Спасеновска по една година и осум месеци истрага на ОЈО Битола и конечно отпочнување на судски процес за Спасеновска кој почнува на 16 март во Основниот суд Битола.
Истражувањето на Блажевска синоќа беше наградено со признание на свеченоста по повод 80 години Здружение на новинари на Македонија на која присуствуваше и претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова, министри, амбасадори, политичари и бројни медиумски работници.
„Пред вас стои осуден новинар за истражувачко новинарство, ме осудија за клевета и нанесување на душевна болка, ме тужеше екс-директорка на државна институција во Битола. Сега по моите текстови покренато е обвинение за злоупотреба на народни пари и користење на државни ресурси за приватни цели. Поранешната директорка ме тужи, судот експресно ме осуди за виновна“, рече Блажевска пред присутните.
Судијата од Основниот суд во Битола, Кирил Јовановски, по поднесената тужба за клевета од директорката Спасеновска кон новинарката Блажевска утврди дека тужената е одговорна за клевета, бидејќи како автор на текстот објавен на 2 февруари 2024 година под наслов „Директорка на државна институција и пензионер од Битола наводно оделе со службен автомобил во Албанија и Србија“ изнела невистини дека „автомобилот е искористен во неколку наврати, а за наводните ‘службени патувања’ низ државите раководството во најголем дел немало ни повод ни покритие“.
Судот ја задолжи Блажевска да ѝ плати на директорката надомест „за претрпени душевни болки поради повреда на угледот и честа“ во износ од 60.000 денари и плус парични трошоци на тужителката од 52.288 денари или вкупно близу 1.900 евра.
Блажевска вели дека судијата Јовановски не го зел предвид јавниот интерес преку истражувачкото новинарство да посочи на незаконско работење и да остави на органите на прогонот да ги истражат наводите за криминал на еден државен функционер кој раководи со државни пари, пари на граѓаните.
Судот не ги зеде предвид доказите и потврдата од Бирото за јавна безбедност при МВР и не го зеде како важен ни документот од ОЈО дека за овој случај е покрената истрага по нејзините текстови за што беа поднесени кривични пријави од МВР, а подоцна и обвинение од ОЈО Битола.
Обвинението не само што го потврдува она што го пишуваше Блажевска и за што е осудена, туку открива многу повеќе во делот на злоупотребата на службената положба на екс-директорката Елена Спасеновска.
Блажевска се жалеше на пресудата до Апелацискиот суд пред повеќе од една година, и ја чека одлуката на второстепениот суд.
Новинарката вели дека неприфатливо е за еден ист случај да бидат осудени и новинарарот кој преку истражувачко новинарство укажал на злоупотреби на државен функционер и да му се суди на државен функционер (Елена Спасеновска) и за продолжени кривични дела Злоупотреба на службената положба и овластување и Фалсификување исправа, како и две кривични дела предвидени во Законот за трансформација во редовен работен однос. Штетата која според ОЈО Битола ја направила Спасеновска е над 1.430.000 денари. (Н.В.)

