
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
БИТОЛА – Се води ли „тивка војна“ меѓу битолскиот основен суд и обвинителството за ослободувањето од притвор на бизнисменот Борче Марковски, случај поврзан со РЕК „Битола“. Бизнисменот Марковски веќе трета недела е пуштен од притвор. Гаранцијата од речиси 5 милиони евра што ја даде во недвижен имот го ослободи од ефективен притвор, но сега има обврска еднаш неделно да се јавува во судот, а пасошот му е привремено одземен.
Последната реченица од соопштението на Основен суд Битола (од 23 јануари) околу ослободувањето од притвор на бизнисменот Марковски ја отвори дилемата во јавноста дали постапката за ослободувањето на бизнисменот од притвор е законска, но и дилемата дали има „тивка војна“ меѓу Основниот суд Битола и ОЈО Битола за ослободувањето на Марковски од ефективен притвор.
Основниот суд во образложението за случајот наведува: „Крајно од страна на Основното јавно обвинителство Битола дадено е позитивно мислење за прифаќање на гаранцијата во износ од 169.286 евра – во недвижен имот, за едниот осомничен. Друго е прашањето и зошто од 9 (девет) обвинети, во текот на истражната постапка само за двајца е предложена мерка притвор од страна на Основното јавно обвинителство Битола“.
По ова „nezavisen“ постави прашања до Основен суд Битола дали судот алудира на незаконски спроведена истражна постапка од страна на обвинителот? Дали за евентуалните „сомнежи“ судот известил надлежна институција за проверка на истражната постапка, или отвореното прашање ќе остане само како провокативно прашање?
Меѓутоа Основниот суд Битола реши да не продолжува со детали, па во одговорот до нас вели –„Нема што да се произнесуваме може да се обратите за одговор до ОЈО Битола“.
Обвинителството од Битола за „Независен“ одговара дека во целиот предмет и во сите фази од постапката за случајот Марковски, Основното јавно обвинителство Битола ги ценело ризиците и предлагало мерки за обезбедување целосно почитувајќи ги и применувајќи ги законските основи.
„Сознанијата до кои дојде истрагата се дека еден од обвинетите поседува две компании во Србија, од кои едната основана на крајот на 2024 година, но и дека согласно анализираното движење на паричните средства има јасна тенденција тој да ги префрла парите со кои располага кон тие компании. Исто така, Обвинителството го ценеше фактот дека обвинетиот одржува блиски врски и со други држави каде би можел да има парични средства, што го правеше сериозен ризикот од бегство, па јавниот обвинител за овој обвинет во целото одлучување по предметот бараше од судот продолжување на претходно определената мерка притвор за негово обезбедување во текот на судската постапка“, стои во одговор на ОЈО Битола до „Независен“.
Судењето за бизнисменот Марковски и останатите обвинети за овој случај не е закажано, сега се очекува судот да го оцени обвинителниот акт поднесен на 2 јануари годинава и да се произнесе.
Втората дилема околу ослободувањето на Марковски од притвор е прашањето: Дали има изместување на судската пракса Апелацискиот суд да одлучува по жалби за гаранции? Зошто во овој случај последно за ослободувањето од притвор одлучи Кривичниот совет на Основниот суд на што реагираше ОЈО Битола, па даде приговор во однос на надлежноста на Кривичниот совет од Основниот суд. ОЈО смета дека Апелација треба да одлучува.
Во известувањето на Основниот суд од 23 јануари, пишува: „ Кривичниот совет пред да го донесе решението списите на предметот ги упати во Апелацискиот суд Битола, да одлучува по однос на изјавената жалба, кој со допис го врати со оглед на тоа да во овој случај не можат да се применат одредбите од член 155 од Законот за кривичната постапка, односно дека Кривичниот совет има функционална надлежност за одлучување по однос на изјавената жалба.“
На прашањето на „Независен“ до Основен суд Битола дали има изместување на судската пракса по жалби за гаранции да одлучува Апелација и ако има зошто?, Основниот суд одговара дека не се коментираат судски одлуки.
„Основно правно начело согласно домашните и меѓународни правни стандарди е да не се коментираат судски одлуки, во случајот ниту претседателот, ниту судии ниту некој друг може да ги коментира одлуките на повисокиот суд, а судот мора да постапува во однос на укажувањата на повисокиот суд при постапувањето“, стои во одговорот на Основниот суд.
Основниот суд Битола за „Независен“ дава и објаснување околу прашањата кој бил составот на судии што одлучуваа за ослободувањето на Марковски од притвор, откако во дадени медиуми се лицитираат имиња на судии.
На прашањето дали е точно дека согласно распоредот Кривичниот совет напрво одлучувал во состав: судии Татјана Митревска, Елена Журовска и Кирил Јовановски, за потоа составот да се преиначи и да се состави нов совет од судии: Татјана Петровска, Татјана Митревска и Петар Чаловски, и ако е точно, која е причината за таквата промена, од судот одговорија:
„Кривичниот совет на овој суд кој постапуваше во предметот КС-91/25 воопшто никогаш не постапувал во состав како што е наведено во прашањето. Кривичниот совет во овој состав постапувал по друг предмет на 2 јануари 2026, а по барање на ОЈО Битола за продолжување на притвор по подигнат обвинителен акт“, одговара Основен суд Битола.
За појаснување, решението КС-91/25 е она со кое бизнисменот Марковски е пуштен од притвор со гаранција и тоа е донесено на 16 јануари годинава. Додека на 2 јануари годинава е донесено решение КСП-1/26 со кое е продолжен притворот на Марковски, истиот притвор кој со Решението КС 91/25 е укинат.
По се што се случува околу случајот „Марковски“ Судскиот совет на 28 јануари донесе одлука за формирање работна група за увид во предметот за постапување и одлучување на Основен суд Битола, поврзан со работата на биснименот во РЕК „Битола“
Марковски е еден од осумте обвинети за злоупотреби на тендерот за дислокација на погонските единици од рудникот „Осломеј“ во рудниците на РЕК „Битола“, вреден 1,7 милиони евра.
Основното јавно обвинителство Битола на 9 октомври отвори истрага против осум физички лица и едно правно лице за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки во РЕК „Битола“, меѓу кои и Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“ како и екс директорот на РЕК „Битола“ Пеце Матевски кој веќе е притвор за други постапки.
Анета Блажевска за Независен https://nezavisen.mk/tivka-vojna-megju-bitolskiot-sud-i-obvinitelstvoto-za-sluchajot-so-biznismenot-markovski/
