АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Основното јавно обвинителство во Битола отвори предистражна постапка за легализацијата на бесправно изградените објекти во изминатиот период, потврдија за апла.мк од Јавното обвинителство на РМ.
„Во врска со овој предмет, Основното јавно обвинителство Битола побара определена документација од Општина Битола во рамките на предистражна постапка. Согласно закон, активностите кои се преземаат во рамките на предистражната постапка се тајни и јавното обвинителство во овој момент не е во можност да сподели повеќе детали со јавноста“, се наведува во писмениот одговор од ЈОРМ на поставените прашања од апла.мк.
Информацијата дека Обвинителството истражува нерегуларности за легализацијата на дивоградбите во изминатиот период, ја потврди и градоначалничката Наташа Петровска, која рече дека ОЈО од Општина Битола неодамана подигна документи. Исто така, претходно, со внатрешната ревизија на документацијата што ја побара Петровска, биле констатирани нерегуларности во постапката за легализација на дивоградбите и некординираност на службите.
-Има некои документи кои се исклучително контроверзни, однсоно од една страна има решение за рушење од градежна инспекција, а од друга страна решение за легализација. Исто така има легализации за кои неодамна, односно пред еден месец Обвинителство подигна документи, што значи дека ова е потврда дека не се запазувале одредени чекори при спроведување на постапките и процедуирите, рече градоначалничката Петровска.
Петровска вели дека покрај констатираните неправилности, затекнати се и огромен број нерешени предмети. Сепак тврди дека ваквата состојба не го блокирала процесот на легализација, туку само е промент начинот на спроведување на постапката.
-Легализациите се одобруваат онаму каде што имаме комплетна документација, онаму каде што нема се јавувам кај граѓаните да си ја докомплетираат. Сакам да нагласам дека кога дојдов на оваа функција затекнав 5 регистри со документи , односно имаме документи од 2011 на нерешени легализации кои некој не ги сработил и тоа не може преку ноќ да се направи, затоа што станува збор за огромна документација, додаде Петровска
Кои дивоградби и какви неправилности истаржува Обвинителството, во интерес на истрагата не сакаше да коментира ниту градоначалничката Наташа Петровска.