АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) во Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно физичко и едно правно лице за кривично дело оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости од член 264 од Кривичниот законик. Од ОЈО соопштија дека во периодот од ноември 2022 до 3 март 2023, во селото Живојно, Општина Новаци, првопријавениот како одговорно лице на фирмата презел дејствија со кои ја уништил источната периферија на археолошкото наоѓалиште Влахо во Живојно. Локалитетот претставува регистрирано недвижно добро – дел од арехолошката мапа на Македонија и се наоѓа во опфатот на концесиското поле определено со одлуката на Владата за доделување на концесија за експлоатација на минерална суровина – јаглен на осомничената компанија „ЏМП КОП Интернатионал ДОО Битола“.
Иако првопријавениот знаел дека во рамките на концесиското поле се наоѓа археолошкото наоѓалиште во кое не смее да се врши експлоатација, сепак во тој период, без да ги почитува одредбите од член 13 од Договорот за концесија и насоките дадени од претставниците на Завод и Музеј Битола и Управата за заштита на културно наследство, ангажирал подизведувач на кого му дал насоки да започне со експлоатација на јаглен. Од ОЈО посочуваат дека како резултат на тие активности во целост е уништена источната периферија на археолошкото наоѓалиште, што е констатирано на лице место од овластени службени лица од Управата за заштита на културно наследство и од НУ Завод и музеј Битола.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за изрекување мерка за обезбедување кон правното лице – забрана за вршење дејност вадење на камен јаглен. Ваквата забрана е побарана бидејќи понатамошното ископување на земја од подрачјето може да доведе до целосно оштетување на целиот археолошки локалитет Влахо. Имено, Основното јавно обвинителство Битола во поднесениот предлог му укажа на Судот дека поради исклучително длабокиот укоп кој веќе е направен и со кој е уништена источната периферија на локалитетот, возможно е еродирање на археолошките содржини и дополнително уништување на други делови од археолошкиот локалитет.
Дополнително, во рамките на истото концесиско поле има уште два локалитети кои подлежат под истиот режим на заштита. Со оглед на тоа што концесионерот, со своето однесување покажа дека нема намера да ги почитува законските и договорните обврски за заштита на културното наследство, јавниот обвинител оцени дека постои реална опасност и овие други локалитети да бидат неповратно уништени доколку ископот не се забрани.
За проблемот први алармираа од од Центарот за истражување на предисторијата, обвинувајќи дека и покрај укажувањата на Управата за заштита на културно наследство и Завод и музеј – Битола да се запре оштетувањето на локалитетот до негово истражување, противзаконски се продолжи со копањето за јаглен во рамки на оваа значајна неолитска населба. По ова директорката на Национална установа Завод и Музеј – Битола Мери Стојанова, в полиција ја пријави битолската фирма дека врши ископ на локалитетот во Живојно без претходно да биде извршено задолжително археолошко истражување.