2win800x200

Неолитската населба кај битолско Живојно е најстара во Македонија и меѓу најстарите во Европа

Јануари 24, 2023

 Археолошкиот локалитет Влахо кај битолското село Живојно во Пелагонија е  најстарата неолитска населба во Македонија, што е  потврдено со лабораториско датирање, соопшти  Центарот за истражување предисторија.

 

Оваа неолитска населба е датирана во 64-от век пред новата ера, таа е основана дури 300 години пред останатите во овој регион, што воедно претставува и еден од најраните неолитски локалитети во Европа.

 
Освен неговото екслузивно датирање, локалитетот Влахо е специфичен и по присуството на десетина ровови и објекти, што беше регистрирано со геофизичкото скенирање на неговиот простор.
 
Археолошкото истражување на локалитетот го потврди постоењето на овие ровови, како и богатата стратиграфија сочинета од ранонеолитски слоеви во кои има остатоци од куќи од лепеж, белосликана керамика, фигурини, жртвеници, антропоморфни модели на куќи и алатки.
 
Археоботаничките и археолошките анализи укажуваат на конзумирање храна од пченица, јачмен, леќа, грашок, јаболки, капини, говеда, овци, кози и свињи, и тоа уште во самите почетоци на овој особено значаен локалитет.
 
Резултатите добиени од мултидисциплинарното истражување на Влахо кај Живојно се публикувани во списанитето Патримониум, а уште неколку научни труда се дадени во печат во еминентни светски издавачки куќи. Целта на авторите беше овие извонредни сознанија екслузивно да бидат објавени пред македонската јавност и археолошката фела, после што следи и нивно скорешно публикување во неколку европски и американски списанија. Новите откритија за овој локалитет беа презентирани на меѓународниот собир на Европската асоцијација на археолозите во Будимпешта, како и на предавања во Рим и Берлин, така што археолошката заедница ја препозна специфичноста на оваа неолитска населба и го подржува нејзиното натамошно афирмирање. На тој начин овој археолошки локалитет постепено го добива своето заслужено место во академскиот свет, што ќе придонесе и за негово подобро презентирање пред пошироката јавност.
 
Археолошкиот локалитет Влахо кај Живојно се истражува веќе неколку години во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Завод и музеј - Битола, при што се вклучени и стручњаци од Универзитетот од Базел, Шпанскиот национален совет за наука, Универзитетот во Белград, Завод и музеј - Прилеп, Институтот за старословенска култура, Институтот за археологија од Тирана, Археолошкиот музеј на Македонија и студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Универзитетот „Гоце Делчев“. Различни сегменти од овие обемни мултидисциплинарни истражувања се подржани од германската Фондација за истражување и заштита на тумбите, Универзитетот во Базел, македонското Министерство за култура, шпанскиот Национален совет за наука, Фондот Западен Балкан и Европската Унија.
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани