АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Календарски уште сме зима, пролетта започнува за неколку дена, а во Преспа како да пукнало лето. Температурата се искачи до дваесетиот степен и сите туристи што викендов ја посетија Преспа уживаа крај езерото по куси ракави.
Паркинзите во Претор беа преполни со автомобили, рестораните со гости, брегот и пешачката патека за Сливница и Крани со шетачи. Преспа, посебно Претор станува една од најчестите дестинации за посета на битолчани и ресенчани преку викенд и кога не е лето. Уживаат во воздушната бања, топлото време и прекрасните глетки. Само ѓубрето не е убаво во Преспа, расфрлено покрај патот.
Бидејќи местото заживува како шетачка зона, најдобро би било пешачката патека да се прошири и ограничи просторот до каде посетителите можат да се движат со автомобил, како што порано беше во Свети Наум. Да се воведе ред до каде е дозволено да се возат автомобили зашто некои мрзливи посетители имаат лоша навика со колите да минуваат крај шетачите, меѓу кои има родители со бебешки колички, деца на ролери, велосипеди и други гости кои дошле за парче раат, а не на секои две минути да се тргаат настрана за да пропуштат по некој автомобил. Викендов автомобили возеа дури и на пешачката петека со бехатон плочки.