АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Судскиот процес „Транспортер” кој денеска требаше да се одржи во скопскиот Кривичен суд, пак се одложи. Овој пат не отиде обвинетата Анита Ангелевска, актуелна советничка во битолскиот Совет која била на 7-дневно боледување. Ангелевска на 4 ноември јавно на фејсбук се „чекира“ дека е на Клиничка болница во Битола, објаснувајќи дека е болна од астма, откако нејзини следбеници коментираа „опасна работа по здравјето е политиката “ на што таа возвраќа дека „астмата не е политика туку само дијагноза“.
Минатиот пат судското рочиште за „Транспортер“ беше одложено поради тоа што не присуствуваше обвинетата директорка на средното медицинско училиште Јасмина Никиќ Десановска.
На денешното рочиште во Основниот суд Скопје 1 судијката Лидија Петровска сугерирала да се одвои постапката и место за цела група 22 обвинети плус првообвинетиот екс градоначалникот Владимир Талески, да се водат посебни постапки за секој од нив. Таа рекла дека предметот е обемен и постои опасност секогаш да недостасува по некој обвинет и судењето да се одлага во недоглед.
Но, обвинителот од СЈО Трајче Пеливанов, рекол дека со оглед на тоа што обвинетите се соучесници, така би се искомплицирала постапката. Тој апелирал до обвинетите да комуницираат меѓу себе, и да одат на следното рочиште сите, за да не прават непотребно трошоци од Битола до Скопје.
Џими Мицевски од Битола, кој е истотака еден од обвинетите, пак, побарал да има издвоена постапка против него, затоа што во јануари, за кога сака да го закаже Петровска следното рочиште, бил на турнеја во Австралија.
Обвинителот Пеливанов не се согласил со издвојување на постапката на менаџерот на „Молика” и побарал тој да си најде замена на турнејата и да се врати не само на 13 декември, за кога го закажала следното рочиште Петровска, туку и за тие во јануари што имала намера да ги закаже последователно.
На крајот, судијката и СЈО се согласиле следната година судењето да продолжи по 23 јануари за да може обвинетиот Мицевски да свири и за Стара нова година..