АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
-Се` што ти е мило, в срце што се свило, се` е живо, се` е живо, живо... живо...
Ова е најсилната порака, толку посакувана за себе и ближните и несебично за оние подалечните, што силно одекна и што ќе ви остане врежана во мислите од промоцијата на новата книга за деца „Последниот лист гитарист“ на авторката, професорката по македонски јазик и литература, м-р Даниела Петровска од Битола. Или севкупно како што стои во една од рецензиите, книгата е „емоционална симфонија која ја облагородува душата и на човекот и на детето“.
Во еден предновогодишен амбиент, исцртан со боите на сите човечки емоции, протече промоцијата на оваа детска книга, каде што присутните, и оние што седеа и оние што простум гледаа, и оние што се обидуваа да ѕирнат и украдат моменти од настанот, до последниот атом беа емотивно исполнети и „разоружени“ пред „портите на Светот на вистината“ на авторката Петровска.
На Даниела Петровска и` успеа и покрај преполната сала, со искреното обраќање кон присутните да создаде амбиент, како да сте седнале очи во очи со неа, да си кажете некоја животна тајна. Можеби затоа на многумина не им успеа да ги задржат солзите да не се стркалаат по образите, кога им се обрати на своите две Бамби. Па така, иако навидум изгледаше како забава, оваа промоција во исто време беше „со можни емотивни секвенци - ем на тажно - ем на среќно.“
„’Последниот лист гитарист’ е пркос - пркос на животот кон смртта. Во сите мигови во животот, кога ќе паднеме треба да се дигнеме, тогаш кога ќе помислиме дека некој не напуштил, тој само не пуштил да живееме, бидејќи ни рекол дека сме подготвени за живот - за пркосот. Во последните години изгубивме татко крал, еден, па друг, но мајката кралица остана, таа е тука во публиката.
Другата кралица сум јас, бидејќи ги крепам моите Бамби, едното и другото, и им посакувам во животот - Се` што ти е мило, в срце што се свило, се` е живо! “, рече авторката Петровска.
Книгата „Последниот лист гитарист“, содржи проза и поезија и илустрации за сите нејзини карактери распоредени во неколку циклуси.
Рецензентот проф. д-р Анита Ангелевска, Петровска ја претстави како лирик и толкувач на големата идеја-учителствувањето.
„Зборот - книгата, останува најсилниот адут на човештвото, неговото постоење. Книгата е онаа вистина што го прави човекот да биде господар на својот живот. Петровска и нејзиниот книжевен израз се вистински придонес во не многу богатата, за жал, книжевност за деца. Таа градејќи релации на прецизно кодирани пораки, треба да го просветлат ученикот, но и да им ја открие тајната на просветлувањето на учителите за да можат тие натаму да ја пренесуваат“, рече рецензентот Ангелевска.
За тоа колку е силен зборот на Даниела Петровска, зборуваше и рецензентот м-р Симона Петровска, акцентирајќи ја моќта на зборот за малите и големите сонувачи. Рецензентот ќе каже дека - „единствената вистина е таа во која верувам. Во една таква своја и посебна вистина ќе се разлее зборот во вид на песна, сказна, поука и прекор, а можеби и се` во едно, во една полифонична мелодија на душата и на разумот. Тоа е книгата ‘Последниот лист гитарист’ на писателката Даниела Петровска“.
Рецензентот Симона Петровска накрај завршува со зборовите дека „ова парче литература, ја враќа надежта дека еден ден ќе се навратиме на вистинската книжевност, макар тоа да е еден долг макотрпен период, во којшто сепак, навистина важно е, да не заборавиме да сонуваме“.
Книжевникот Биљана Т. Димко осврнувајќи се на книгата го постави прашањето - Знаете ли колку голем предизвик е да се мотивираат децата функционално да размислуваат? -„Многу е тешко. Авторката е во дослух со светот на децата и младите“.
Секој лик од прозата и поезијата на Даниела Петровска е поткрепен со илустрациите на ученичката од Горната гимназија Емилија Атанасовска. Рецензентот Ангелевска наведува дека илустрациите „се уште една самобитна, индивидуална творечка креација“ на младата Емилија и „вистинска додадена вредност на книгата ‘Последниот лист гитарист’, во однос на уметничкото достоинство.“
Додека рецензентот Симона Петровска ќе ги опише како – „впечатливи, оригинални и проникливи илустрации на младата уметница“, дефинирајќи ја севкупно како „книга-живот низ неговите брановидни и мирни води“.
Креаторот на илустрациите ученичката Емилија со нескриени емоции наведува -„Ова дело за мене претставува голема чест, најпрво што имав прилика да ги оживеам овие прекрасни карактери, со кои ќе се поврзете силно. Мене како дете што работев на оваа книга, што би се рекло од прв ред, многу ми е драгоцена.“
Промоцијата на книгата ja допре магијата на детското и на предновогодишната атмосфера и со драматургијата на децата членови на „Бабец театар Битола“ кои како вешти актери на сцената што живот значи ги оживеаја ликовите на мајка, татко, дете, на суперхеројот и антихеројот... На Бамби и еленот татко, на среќникот Гиле и на последниот лист гитарист... Силниот поетски призвук беше надополнет и со одличната музичка изведба на гимназијалките Искра, двете Теодори, Ивана и Лина кои од душа пееја –„Имам сон“, „Штом сакаш“ и „Чудесен свет“.
Текст - Анета Блажевска
фото Ивона Кочов