АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Приватниот „Интимен театар“ од Битола ја подготвува претставата „Жени“ во која наместо професионални актери, ќе играат битолчанки болни од рак на дојка.
Мотивот на режисерка Софиа Ристевска за еден ваков театарски продукт е се поголемиот број на жени кои се соочуваат со оваа тешка болест, а во Битола има речиси епидемски размери затоа што секоја недела се регистрира по една новозаболена жена од рак на дојка. Целта на овој проект е да се слушнат нивните приказни, да се подигне јавната свест и да им се помогне во битката што секојнедвно ја водат со болеста.
-Шест жени болни од рак на дојка прифатија да работат со мене во една документарна театрска претстава, тоа се жени на возраст од триесетина до 70 години. Имавме и уште една, но ја изгуби битката со ракот. Тие ќе зборуваат за својата болест, како се бореле или се борат. Ова е еден комбиниран, интердисциплинарен проект затоа што психоанализата ја поврзуваме со театарот, со уметноста. Да направиме театарски продукт кој што малку ќе им ја олесне психата на овие жени, бидејќи тие живеат со стравот дека можеби утре ќе умрат, вели Софиа Ристевска, режисер и сопственик на „Интимен театар“
Ристевска вели дека процесот е тежок и се одвива бавно, затоа што станува збор за жени кои никогаш не биле на театарска сцена.
-Се работи за една сложена проблематика и луѓе кои не се актери. Продуктот што ќе го добиеме сметам дека ќе биде исклучително важен за нашето општество, затоа што оваа болест е погубна и е насекаде околу нас. Гледам како овие жени се борат и финансиски и психолошки со болеста. Но, мислам дека битката треба да се води од сите аспекти, вели режисерката Ристевска.
Од годишната програма на Министерството за култура за овој проект на „Интимен театар“ не беа одобрени средства, но режисерката очекува поддршка од битолската локална самоуправа и бизнис заедницата.
-Парите ги бараме затоа што ние имаме простор, имаме логистика за реализација на претствата, но сметам дека овие жени заслужуваат хонорар за нивното учество. Тие не го учат текстот од ливче или од автор, па потоа едноставно го репродуциираат и со тоа ќе заврши нивната работа. Начинот на кој го пишуваме текстот е многу комплициран, затоа што тие ги кажуваат своите приказни, драматургот ги комбинира текстовите и повторно им ги враќаме нив. Исклучително е комплексна и посебна оваа работа, а можеби претставата оди бавно токму затоа што јас како режисер учам нови техники на работа, вели Ристевска.
Битолскиот „Интимен театар“ е ангажиран театар кој зборува за проблемите од личен и социјално-општестевен карактер на локалното население, со посебна поддршка на жената. Постои речиси 9 години, со исто толку поставени претстави на сцена, а премиерата на најновата „Жени“, која на својот грб комплетно ќе ја понесат битолчанки болни од рак, се очекува во септември.