АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Не е првпат Пелистер да побели во јуни, на крајот од пролетта, па дури и на среде лето. Вакви појави имало и во други години освен вчера кога заврна снег на Пелистер, а Апла.мк ексклузивно го објави видеото од снежната вејавица на врвот Антена снимено од Пецо Стојчевски, вработен во предавателниот пункт на Македонската радио телевизија.
Така, според напис во весникот „Битољске новине“ , а кој го пренесува професорот Александар Стерјовски во неговата книга „Записи за злосреќи“, снег паднал до подножјето на Пелистер пред 86 години, поточно на 28 мај 1933 година.
„ Во Битола и во околината падна обилен дожд и времето доста залади. На Пелистер падна снег и тој слезе до самото поножје“, пишува во весникот.
Во друг весник „Вардар“ пишува дека не само на Пелистер, ами и на останатите планини во земјава се појавила снежна покривка. „Овојпат, ладниот бран ја зафати и Струмица, каде афионот беше во фаза на цветање“.
Според книгата на Стерјовски, снежни врнежи преку лето паднале на 17 август 1978 година кога наврнале десетина сантиметри на Пелистер , предизвикувајќи многу проблеми, зашто врнежите го прекинале дотурот на електрична струја до предавателот, па екипите на Електродистрибуција , за да го отстранат дефектот, работеле цела недела.
Снег на Пелистер паднал и на 5 август 2007 година. Првин се случила снежна вејавица, по која останал напластен 10-на сантиметери снег , кој траел неколку дена.
Покрај снегот, најниските температури преку лето биле измерени на 21 август 1949 година кога термометарот покажал 2,6 степени над нулата. Нешто слично се случило и на 2 јули 1964 година кога температурата слегла на 4,8 степени над нулата според документацијата на Управата за хидрометоролошки работи на РМ.