АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
(По повод 99 годишнината од Денот на потпишувањето на примирјето во Првата светска војна ја пренесуваме животната приказна на Михајло Куртевски, кој будно ја чуваше секоја педа од Француските гробишта во Битола. Текстот беше објавен во 2005 година, додека Куртевски беше жив. Го пренесуваме изворно.)
Стапалата на чуварот на Француските гробишта во Битола, по којзне кој пат го разгазија зимскиот снег, распослан меѓу гробовите на знајните и незнајни војници од Првата светска војна. 80-годишниот Михајло Куртевски, по потекло од Крушево, повеќе од половина век го чува и уредува ова битолско споменично обележје. Старецот со петдецениската грижа посветена на полјаната пронижена со крстови, стана составен дел од историјата за Француските гробишта во Битола.
Неговата судбина уште во дваесеттите години од животот, го поврза со космополитска Битола, каде освен Француските, се одржуваат и Српските, Германските, Еврејските и други гробишта. Но, се чини никаде не е толку средено како на излезот од градот, каде вредните раце на старецот ринеле снег, ја поткопувале земјата, саделе љубичици и коселе трева. Нема битолчанец кој забележувајќи ја беспрекорната чистота, не искоментирал дека при секоја посета на француските гробишта во Битола, добива впечаток како да е во Европа.
Роден во аргатско семејство во времиња на војни, кога се кроеле и прекројувале границите на Македонија, Михајло детството го поминал на француски чифлиг во Демир Капија, Вардарска Македонија, која во дваесеттите години од минатиот век била под српска власт.
-Во тоа време во Македонија живееја и Французи, кои како учесници во Првата светска војна, согледувајќи ја убавината, плодноста на земјата, се привикнаа и останаа да живеат тука- ни раскажа старецот.
Неговото семејство корката леб ја заработувало на францускиот чифлиг, помагајќи да се изораат новите, да се посади афионот и на крај да се собере родот и да се продаде. Братот на Михајло, Вангел, пак, им ги пасел овците и се така до ослободувањето кога државата им го национализирала имотот на Французите. Но, тие не ја заборавиле посветеноста на вредните и чесни Куртевци, па по отворањето на Француската амбасада во Скопје, каде сопственикот на чифлигот работал како секретар, овчарот Вангел Куртовски го анагажирале како домаќин.
Во меѓувреме, Французите одлучиле гробиштата во Битола да им ги варди Михајло Куртевски, братот на домаќинот на Амбасадата во Скопје. Преселувајќи се од Крушево во Битола, заедно со сопругата и трите деца, животот на Михајло целосно се сменил. Тој и рекол збогум на сиромаштијата зашто добил сигурна работа и редовна плата.
Михајло бил сведок на многу солзи излеани над металните крстови. Плачеле семејствата кои посмртните останки од блиските ги наоѓале меѓу илјадниците крстови на Француските гробишта во Битола. Дедо Михајло ги опиша како мигови на растреперени срца, кога се јавувала и доза на среќа зашто успеале да го најдат почивалиштето на драгата личност. Но, воедно и на неизмерна тага зашто почива далеку стотици километри од родното огниште. На овие луѓе не им останувало ништо друго, освен со почит да му ја стегнат раката на човекот кој се грижи за последниот помен на нивните роднини.
На Француските гробишта во Битола, распространети на површина од 4000 квадратни метри почиваат 13 000 војници, кои починале на Македонскиот фронт за време на Првата светска војна. Станува збор за војници од Источната француска армија, од кои половина се идентификувани, а остатокот непознати. Борците чиј иденитет се откривал по бројчињата што ги носеле врзани околу вратот, биле погребани одделно, а нивните податоци биле врежани на крстовите кои се издигаат над земјата. Незнајните борци пак, завршија во заедничка гробница, над која симболично од бетон е изграден мртовечки сандук , над кого се издига шлемот на франсуската војска.
-Приказната за гробиштата започнала во 1921 година, кога по војната командантот Таво Де Ла Вижери се вратил тука да ја води акцијата за пронаоѓање на телата на илјадници француски војници загинати во војната од 1914 до 1918 година. Тоа беше многу одговорна работа која траеше повеќе години. Требаше надолго и нашироко да се прокрстари Балканот за да се пронајдат оние кои го жртвуваа животот за француската тробојка- раскажува старецот.
Свеченото отворање на гробиштата се случило на 15 ноември 1923 година, на истиот ден кога пред пет години се случила Битката на Добро Поле на Кајмакчалан. Француската делегација била предводена од францускиот маршал Франше Д’Епере. Тој во Првата светска војна се борел за ослободувањето на Битола од бугарските војски и прв влегол во „ослободена“ Битола, па потоа бил прогласен и за почесен граѓанин.
Како благодарност за одржувањето на гробиштата, француските дипломати на чуварот Куртевски му врачиле пет медали. Тој е составен дел од секоја комеморативна цеременија што на Француските гробишта се одржува на 11 ноември, во спомен на денот кога било потпишано примирјето во 1918 година.
-Тие медали се мојата гордост- вели тој на француски, со погледот опфајќајќи го делото на својот живот, Француските гробишта. Одржувањето на гробиштата во Битола, прерасна во фамилијарна традиција на Куртевци, па сега остарениот тетко, го заменува педесет годишниот син Јани. Тој се грижи за ружите и љубичиците кои никнат крај гробовите на паднатите борци, а старецот само ги оптегнува старите коски чекорејќи покрај мноштвото мртви незнаници, чии имиња ги знае на памет. .