АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Младиот битолски колекционер Филип Етмишовски за десет години успеа да собере безмалку 500 автограми од познати личности ширум светот. Во колекцијата има и потписи кои потешко се наоѓаат зашто му припаѓале на значајни државници кои денес се починати, а успеал да ги обезбеди од историски и други институти. Меѓу нив се автограмите на кои Филип е посебно горд, и тоа стари документи со потписи на кралот Александар Први Караѓорѓевиќ (убиен во Марсеј 1934), кнезот Павле, регент од Кралството на Југославија, Драгиша Цветковиќ потписник на Спогодбата Цветковиќ-Мачек и пристапот на Југославија кон Тројниот пакт, последниот претседател на СССР Михаил Горбачов, таткото на интернетот Винт Церф, последниот Далај Лама и други..
Во својата колекција ги собрал автограмите на рускиот претседател Владимир Путин, премиерот Димитриј Медведев, генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, поранешната американска државна срекретарка Медлин Олбрајт, екс претседателите на Франција Франсоа Оланд и на Германија Јаоаким Гаук, на Македонија Бранко Црвенковски. Своерачни потписи му испратиле Симеон Саксобурготски, последниот цар на Бугарија, Фарах Пахлави, последна кралица на Иран,Ханс Адам Втори, монарх на Лихтенштајн и други личности со „сина“ крв. Има автограми од генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, Камила, војвотката од Корнвол, сопруга на англискиот престолонаследник Чарлс.
Желба му е да добие автограми од поранешниот претседател на Зимбабве, Робер Мугабе, Константин Втори, последниот крал на Грција, првата жена во космосот Валентина Терешкова, како и од битолчанката и сопруга на Енвер Хоџа, Наџмије Хоџа.
Примамливи му се ѕвездите од златното доба на Холивуд и оние од диско ерата. Од забавниот дел ги издвојува потписите на Тина Тарнер, Deep Purple, АББА, Франко Неро, Пласидо Доминго, а Кирк Даглас потпис му испратил на 102 години.
„Она што е интересно е добивањето на потписот на познатиот актер Кирк Даглас. Оваа голема ѕвезда на Холивуд е родена во 1917година, а автограм ми прати на почетокот на мај годинава на свои 102 години. Имајќи ги во предвид годините стравував во меѓувреме да не почине, но тој ми врати автограм во рок од 20 дена“, додава битолчанецот.
Автограмите некогаш ги добива по пошта, а некогаш по мејл. Скоро ичекува да му пристигнат автограмите од филмските ѕвезди Клинт Иствуд, Ален Делон, Џина Лолобриџида и Џони Деп. Но, и од пејачките Селин Дион, Оливиа Њутн Џон, сопругата на Џон Ленон, Јоко Оно и други.
(извор СДК.МК https://sdk.mk/index.php/magazin/bitolchanets-sobra-500-avtogrami-od-kralot-karagorgevik-do-kirk-daglas/)