АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Македонскиот вицешампион Еурофарм Работник ја наполни со голови мрежата на српска „Металопластика“ на дуелот што се одржа вечерва во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола. Овој натпревар од СЕХА лигата од второто коло од Б групата заврши со 11 голови предност за битолскиот ракометен клуб, поточно 32 за Еурофарм Работник и 21 за Металопластика.
Битолските ракометари покажаа одлична игра на теренот, а особено се истакна феноменалниот голман Никола Митревски кој толку добро ја бранеше мрежата на македонскиот вицешампион што не дозволи во првите 11 минути од натпреварот противничката екипа да постигне гол.
Првото полувреме заврши со резултат 15 наспрема 8 за Еурофарм Работник, а во текот на второто полувреме ја зголемија разликата. Нивната победа е заслужена, имаше разлика во квалитетот и успеаја да ја победат младата екипа на стариот добар ривал Металопластика.
Иако беше натпревар од СЕХА лигата, а битолчани долго време чекаа на нивен терен да им гостува Металопластика, спортската сала во Битола не беше полна. Пред 31 година кога во истата сала се одигра пеколниот натревар Пелистер-Металопластика се бараше карта повеќе и немаше ни едно слободно место.
Дел од битолчани коментираат дека недостига публика затоа што не е натпревар на РК „Пелистер“ и затоа што двата клуба не се уште фузирани. Но, факт е дека вистинските љубители на ракометот, не би пропуштиле да погледнат ваков дуел и кавлитетна игра која заслужува поддршка.
За жал, повеќе битолчани имаше на фејсбук кога сликаа и пишуваа додека се реконструираше салата дека нешто не е во ред, отколку вистински љубители на ракометот во ракометна Битола сега кога салата е реконструирана и треба да се следи вистински ракомет.