АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
РК Еурофарм Битола ќе купи 75 проценти од ациите на РК „Пелистер“, а Општина Битола ќе купи 25 проценти од акциите на „Еурофарм Работник“. Ова е дел од договорот што денес го усвои Советот на Општина Битола за уредување на капиталната и управувачка структура на двата ракометни клуба во Битола кои ќе се фузираат.
„Се предвидува создавање на два клуба, едниот ќе го носи името ‘Еурофарм Пелистер’ , а другиот ‘Еурофарм Пелистер 2’. Едниот ќе се натпреварува во СЕХА Лигата и европските натпреварувања, а другиот во Супер лигата. Буџетот кој се предвидува за оваа намена е најмалку еден милион евра на годишно ниво за двата клуба. Грбот ќе биде зелено-бел, оној од РК 'Пелистер' и се надевам дека ќе имаме убава ракометна, спортска приказна во Битола“, рече претседателот на Советот Валентин Груевски.
По ова ќе се направи книговодствено услогласување, а сите обврски што ги има РК „Пелистер“ ќе треба да ги подмири Општина Битола. Според Груевски, не се работи за долгови зошто тоа би значело големи суми, туку за ситни обврски.
„Ситни се сумите, не претставуваат никаков проблем и од она што како Општина го имаме во буџетот за РК ‘Пелистер’ до крајот на годината ќе ги покриеме обврските. Има обврски кон ситни доверители. Најголемиот долг е кон Сизот за домување, се јавуваат некакви станови од пред дваесетина години кои биле наводно во сопственост на клубот, а никој не ги користел, но останала обврската“, рече Гуревски.
Опозиционата ВМРО-ДПМНЕ гласаше воздржано за договорот зашто нивните забелешки не ги ставиле во Платформата за ракометна Битола.
„Најголем дел од обврските кои излегуваат од тој договор се однесуваат на Општина Битола. Околу 400 000 евра или за пет години 2 милиони евра по овој договор пари на граѓаните ќе одат на сметаката на ‘Еурофарм Работник’, а ниту еден од потписниците не е обврзан да инвестира во инфраструктура“, рече Иванчо Тошевски, координатор на советниците од ВМРО-ДПМНЕ.
Советниците од „Поинаку“ се иззедоа од гласање зашто не ги добиле финансиските извештаи што конкретно должи клубот и извештајот од спроведената ревизија.
„Побарав обезбедување на картици да видеме во моменов колкави се обврските на ‘Пелистер’. Ми беше кажано дека е средено и нема догови. Зошто тогаш во договорот пишува дококу во иднина се појават други обврски кои се од пред купувањето на акциите, обврските ќе ги преземе Општината“, рече Габриела Илиевска од „Понаку“.
За договорот гласаше советничкото мнозинство предводено од СДСМ, според кое се создава ракометен џин кој ќе биде гордост на Битола.
„Локалната власт и раководството на клубот направи сѐ прво да го извлече од долговорите во кои го затекна РК ‘Пелистер’, потоа започна осовременување на кадрите, а сега го враќаме сјајот на ракометот во Битола. Бидејќи даваме одредени буџетски средства, дел од тие пари ќе бидат наменети за развој на младинските категории“, рече Менде Илиевски, координатор на советниците од СДСМ.