Со црн спреј исчкртана е таблата што беше поставена пред споменикот на Филип Втори на плоштадот Магнолија во Битола. На неа на македонски и англиски јазик пишуваше дека споменикот е подигнат во чест на Филип Втори Македонски историска фигура која припаѓа на античката хеленска историја и цивилизација.
Поставувањето на вакви табли пред спомениците посветени на личности од античкиот период е обврска од Преспанскиот договор, но само што ќе се постават за кусо време се или демолирани или чкртани.
Споменикот на кој Филип Втори е претставен како воин на коњ беше поставен во 2011 година за време на претходната власт кога градоначалник беше Владимир Талески. Инаку според историски извори, Филип се смета како основач на античкиот град Хераклеја кој денес се наоѓа близу Битола.