АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Архитектонскиот бисер на Битола, Офицерскиот дом, го враќа сјајот и во внатртешноста. Покрај реставрацијата на фасадата, каде архитектонските форми повторни си ја вратија убавината, а исчезнаа влагата и недоличните шткраници, сега интензивно се работи и на внатрешните простории.
„Белината на Офицертскиот дом почна да изгрева. Покажавме дека и тоа се можело“, напиша градоначалничката Наташа Петровска во Општискиот информатор, која денес прави три години откако застана на чело на локалната самоуправа во Битола.
Од Општината соопштија дека во внатрешноста на објектот се работи на сите катови. Комплетно е заменета старата дограма со нова, а во завршна фаза е поставувањето на инсталационите системи и репарација на ѕидовите. На катот се монтирани внатрешните прозорци, како составен дел на фасадната столарија. Електриката и осветлувањето на приземјето и катот се завршени 90 проценти, а во тек се активности за поставување на централниот лустер на соодветен механизам. Се работи и на поставување интарзивен паркет, мермер на приземје и епоксиден под. Санитариите се комплетно опремени.
Реставрацијата на Офицерскиот дом, кој со години беше оставен на забот на времето, се изведува во рамки на проектот „Зголемена туристичка понуда на Пелагонискиот регион преку реставрирање и адаптирање со партерно уредување“, за кој Општина Битола доби средства од еврропските ИПА фондови. Вкупната вредност е 58 792 610 денари, од кои Општината обезбеди над 5,8 милиони денари.
Дополнително од локалната самоуправа се вложени 2 милиони денари во атмосферска и фекална канализација, која ќе биде приклучена кон главната улична одводна каналска мрежа. Со атмосферската канализација покрај надворешните води од објектот, ќе се опфатат и атмосферските води од партерот.