АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Со оглед на моменталната ситуација со ковид пандемијата и тешкотиите и предизвиците на кои е изложен здравствениот систем, АД ЕСМ одлучи во овој период да помогне на дел од нашите болници.
Управниот одбор на АД ЕСМ одлучи оваа година да не се подготвува и набавува новогодишен рекламен материјал, туку тие средства да се пренасочат во помош за Клиничката болница во Битола и Општата болницата во Кичево
,,Конкретно, во АД ЕСМ имавме предвидено 3 милиони денари за рекламен материјал на ниво на целата компанија, и тие средства сега ќе бидат донирани за обезбедување централен довод на кислород во модуларните болници за ковид пациенти кои се градат во Битола и во Кичево.
Во битолската болница комплексот ќе биде поголем, и таму се насочуваат 2.400.000 денари, а во кичевската болница потребата е 600 илјади денари“, рече Васко Ковачевски, директор на АД ЕСМ.
-Како АД ЕСМ проценивме дека во моментов здравството е тоа каде е најнеопходно да се помогне, и ја користам приликата да апелирам сите општествено одговорни компании да го направат истото согласно можностите, затоа што сите ние во одреден момент имаме потреба од медицинска нега. А,особено сега, кога секој еден граѓанин е загрозен – додаде Ковачевски при потпишувањето на договорите за донацијата.
Директорката на Клиничката болница во Битола, д-р Билјана Гагачовска, нагласи дека помошта е добредојдена и претставува значаен поттик за сите државни и приватни компании за помош на здравството во овој период кој е тежок за сите. Исто така, директорката Гагачовска потенцираше дека Битолската болница ја има целосната поддршка од Владата, Министерството за здравство и од Општина Битола.
„Помошта е добредојдена и со неа помагаат за еден многу важен дел во функционирањето на модуларната болница, осносно поставување на централен довод на кислород до секој кревет односно до секој пацинет“, рече Гагачовска.
Директорот на Општата болница во Кичево, д-р Станко Трпески, изјави дека помошта доаѓа во вистински момент, со оглед на тоа што модуларната болница во Кичево веќе се поставува и дека ова е првпат да имаат централен довод на кислород во рамките на болницата.