АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сопственикот на познатата компанија „Искра“ од Словенија планира да помогне во изградба на прочистителна станица на Пелистер во делот кај хотелот „Молика“. Оваа иницијатива беше обелоденета за време на денешната посета на словенечката делегација предводена од амбасадорот Милан Јазбец на Општина Битола.
„Соработка е планирана во областа на екологијата, грижата за животната средина, преку словенечки фирми кои работат во Македонија, тоа се однесува и на искористувањето на природните богатства за развој на туризмот. Една словенечка фирма веќе вети како некој подарок на општината ќе ја среди прочистителна станица на Пелистер“, рече амбасадорот Јазбец.
Претставниците на „Искра“ раскажаа дека сопственикот на оваа компанија за време на едно планинарење на Пелистер посакал да се напие вода од планинските извори. Но, му било кажано дека не смее да го прави тоа оти водата е загадена. По ова ветил дека ќе помогне за да се изгради прочистителна станица во делот кај хотелот. Инженери од компанијата „Искра“ позната уште од времето на Југославија по производство на белата техника, која во поново време изведува работи од областа на енергетиката и инфраструктурата, наскоро се очекува да дојдат на Пелистер и да ги согледаат можностите како технички да се реши проблемот со загадувањето.
Но, од „Искра“ посочуваат дека ќе можат да помогнат за прочистителна станица во делот кај хотелот, а не за цел национален парк.
Инаку, средбата беше со цел Битола да црпи искуства од Словенија за добивање на средства од предпристапните фондови на ЕУ.
„Знаеме дека Словенија како членка ЕУ го поминала тој пат, ги знае чекорите и како треба да се пристапува кон аплицирањето, кои се сугестиите што можат да ни ги дадат, техничката поддршка... Овие фондови се однесуваат на екологијата, која е наш горлив проблем, развојот на туризмот, како подрачје кое е благопријатно на нашата територија, тоа создава можности за развој и на други области. Доколку имате фреквенција на луѓе кои го посетуваат градот, ако имате инфраструктура, добри околности и за бизнис заедницата, тогаш се отвора перспективата и за дополнителен инпут на инвеститори во нашата општината“, рече градоначалничката Наташа Петровска.