2win800x200

Стефанија Атанасовска, стипендијата од фондацијата „Тома Фила“ е искуство со самодоверба

Април 04, 2018

Битолчанката Стефанија Атанасовска (25) е првиот стипендист на фондацијата „Тома Фила“ која речиси неполна година стажира во адвокатското друштво „Веритас“ во Битола. Таа како стажант добива по 10.000 денари за своето стручно усовршување како адвокатски приправник. Стипендијата од фондацијата „Тома Фила“ ја чувствува како привилегија, особено поради стекнатото искуство од граѓанско и кривично право.Таа за стипендијата аплицираше со просек 9,82 од додипломските студии и просек 10 на магистерските студии по кривично право.

 

– Во овој период стекнав позитивно искуство од областа на адвокатурата, иако кога студирав не се гледав како дел од адвокатската фела, затоа што сметам дека како правник имам и други можности. Но, сега со стекнатото искуство од одење на суд, читање предмети, контактите со нотари и извршители ми се отворија многу можности и хоризонти што ме поттикнаа да размислувам да бидам адвокат – вели Атанасовска.

Од голема помош за семејниот буџет е стипендијата за Атанасовска, особено поради годините потребни за образование што треба еден правник да ги помине пред да се вработи.

– Платената пракса е олеснување за секој млад човек. Во нашата професија, заедно со медицинарите, најдолго се чека на вработување поради сите образовни филтри што треба да ги поминеме. Оваа стипендија значи самодоверба, поттик, голема помош, особено за оние што немаат вујко владика или татко судија, за веднаш да им се отворат вратите за вработување – вели Атанасовска, која по стажирањето има обврска да го положи правосудниот испит.

Минатата година , на 38. роденден на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола, беше промовирана Фондацијата „Тома Фила“, со намера секоја година да стипендира еден од најдобрите студенти од Правниот факултет.

Оваа фондација ја основа познатиот адвокат Тома Фила (77) по потекло од Битола, кој има своја адвокатска канцеларија во Белград.

Неговиот татко е познатиот адвокат и активист за човекови права, Филота Фила. Кога се формираше фондацијата, Фила рече дека ќе му се оддолжи на Битола, градот во кој е роден, но градот и на неговиот татко. Неговата желба е оваа фондација да го извади следниот „Цицерон“ од Битола.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани