2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

Бил Гејтс зборува за емисија на јаглерод диоксид, а не за ковид вакцини

Октомври 19, 2021

Во постот наменски е прикажано манипулативно видео извадено од контекст. Темата на којашто говори Бил Гејтс во 2010 година во „Тед Разговорите“ воопшто не е поврзана ниту со ковид, ниту со депопулација на населението преку вакцинација. Говорот на Гејтс е фокусиран на потребата да се елиминира емисијата на јаглерод диоксид со нови пристапи на енергетска продукција за да се избориме со климатските промени. Впрочем и самото видео коешто е претставено во постот датира десет години пред појавата на пандемијата на коронавирусот и вакцините

Рецензираме уште  еден од големата низа постови на Фејсбук, во којшто се прави обид да се претстави Бил Гејтс како човек кој сака преку масовна вакцинација да го намали бројот луѓе во светот. Во постот е изваден само еден фрагмент од видео од Јутјуб, каде што на комплетно манипулативен начин е направена конструкција од говор на Бил Гејтс, а со цел да се креира вештачка теза дека тој сака да изврши депопулација на планетата преку вакцините (меѓу другото).

Во видеото кое е претставено во постот што го рецензираме, на измамнички и наведувачки начин, вклучен е дел од говорот на Гејтс даден во 2010 година во Тед Разговорите, насловен како „Иновирање до нула!“ Тој говор на Гејтс е фокусиран на потребата да се елиминира емисијата на јаглерод диоксид со нови пристапи на енергетска продукција за да се избориме со климатските промени. Игнорирајќи ја темата на која зборува Гејтс, за енергетски иновации, видеото што го рецензираме го портретира говорот како ,,доказ за депопулациска агенда која што ги инволвира и вакцините”. Иако експлицитно не се наведува во постот дека се алудира на ковид вакцините, сепак можно е да се извлече таков впечаток бидејќи тие во постот се нарекуваат ,,новите вакцини”. А со самото тоа што не се кажува дека говорот е од 2010 година, новите вакцини може погрешно да се сфати дека се актуелните, ковид вакцини кои се најактуелни во актуелната ковид пандемија!

Во говорот Гејтс се фокусира на развојот на нови технологии за драстично да се намали емисијата на јаглерод диоксид и кратко ја споменува стапката на раст на светското население. Конспирациското видео, пак, го вади од контекст само овој дел од говорот и заклучува дека Гејтс сака да го намали светското население на планетата преку вакцинација.

Прво, имаме популација. Светот денеска има 6.8 билиони луѓе. Таа бројка оди кон 9 милијарди. Ако навистина завршиме добра работа со вакцините, здравствената грижа, услугите за репродуктивно здравје, може да го намалиме тоа за 10 до 15 проценти. Но, и тогаш ќе имаме раст од 1,3 милијарди луѓе. (https://www.google.com/url?q=https://www.youtube.com/watch?v%3DJaF-fq2Zn7I&source=gmail&ust=1633773411756000&usg=AFQjCNH54Ksxp_qJXnV2qCGU2bQ2lPsN4g">4 минута и 35 секунда од видеото)

Но, од целиот говор е јасно дека еден од главните фактори за емисија на јаглерод диоксид во светот е неодржливото ниво на раст на светското население.

Во конкретниов цитат, кој е издвоен, Гејтс говори исклучиво во идно време. Вели сега сме 6,8 милијарди (во 2010), ама одиме кон 9 милијарди. Ако го подобриме здравјето на луѓето со различни мерки, меѓу кои и вакцините, ќе ја намалиме смртноста, а со тоа и големиот раст на населението на планетата за 10-15 отсто, зашто се знае дека кога луѓето се здрави, имаат услови за живот, наталитетот опаѓа – што повеќе развој помал наталитет.  Арно ама и ако го намалиме населението за 15 отсто, значи за 900 милиони, пак ќе имаме 1,3 милијарди луѓе повеќе од бројката од 6,8 милијарди колку што ги имало во 2010. Значи, тој не говори за депопулација, туку говори за намалување на растот на населението на планетата. Тој е свесен дека населението ќе расте, само прашањето е дали ќе порасне од 6,8 на 9 милијарди или ќе порасне за 10-15 отсто помалку од ваквите предвидувања. Со оглед на ова, не станува збор за никаква депопулација, туку за намалување на растот на населението во иднината. Во однос на ова нема ништо спорно. Сите влади на светот водат популациска политика во зависност од своите потреби.
 

Гејтс не сугерира дека светското население треба да се убие со вакцини. Тој вели дека подобрувањето на јавното здравство со вакцини може да го намали неодржливиот раст на популацијата во иднина и со тоа – ДА СЕ НАМАЛИ ЕМИСИЈАТА НА ЈАГЛЕРОД ДИОКСИД.

Вакцините пак, напротив, не ги убиваат, туку ги спасуваат животите на луѓето. Доколку нечија скриена агенда беше да се намали светската популација, тогаш воопшто немаше да се произведуваат вакцини, туку коронавирусот ќе беше оставен слободно да циркулира и да одзема животи. Ковид-19 одзема животи, а вакцините ги спасуваат животите. Тоа е логичката недоследност во постот.

Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс со нивниот проект за вакцинација – Гави, спасила 3.4 милиони животи во период од 8 години. Не е првпат Бил Гејтс и неговите настапи да се вадат од контекст, да се монтираат и да се злоупотребуваат за ширење на познатата теорија на заговор дека вакцинацијата е план за депопулација на светското население. За еден таков пример веќе пишувавме.

Поради тоа што темата на којашто говори Бил Гејтс (во 2010 година во Тед Разговорите) не е поврзана ниту со ковид, ниту со депопулација преку вакцинација, како невистинит го оценуваме постот којшто е предмет на нашата рецензија,  а во кој наменски е прикажано манипулативно видео извадено од контекст. Овој наратив да се поврзува Гејтс со масовна депопулација на светското население се шири од самиот старт на вакциналната кампања, со цел  тој да се  оцрни, а вакцинацијата да се дисквалификува како процес кој е корисен за сузбивање на пандемијата на светско ниво. Впрочем и видеото коешто е претставено во постот е од 2010 година, десет години пред појавата на пандемијата на коронавирусот и вакцините. Во 2010 година не би можело да се знае дека ќе постои пандемијата со коронавирусот.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани