2win800x200

Интервју со Наташа Петровска-Не сум уморна во творење и политичко дејствување

Јануари 03, 2022

БИТОЛА – Донеодамнешната градоначалничка на Битола, Наташа Петровска, вели дека до ден-денес никој не ѝ објаснил зошто не била кандидирана за втор мандат на локалните избори. Во интервју за „Независен“ таа дава нејзино видување зошто СДСМ ги загуби изборите во Битола и што би требало да направи новата раководна структура во партијата. Таа вели дека погрешните потези пред локалните избори во неколку големи градови имале домино ефект во целата држава, вели Петровска во интервју за Независен.https://nezavisen.mk/

Политиката знае да биде сурова. Според нашите информации, на анкетите имавте највисок рејтинг, но сепак не добивте шанса за втор мандат во Битола. Знаете ли зошто се случи тоа?

Да. Според она што имав можност да го видам, и од анкетите на СДСМ и од останатите политички учесници во изборниот процес, имав убедливо водство, како во однос на сите кандидати кои беа во игра во самата партија и во однос на тие од другите партии кои подоцна учествуваа на избори. Единствено заради одредени личности на кои им пречев, пред сѐ заради нивни лични побуди, исклучиво нивни лични интереси, не бев кандидирана. Никогаш не ми беше објаснето зошто тоа е така, што покажува дека партијата не умеела човечки да се однесува кон своите луѓе. Не зборувам за други карактеристики, она што вчудоневидува е непочитта не само кон мене – оти да е кон мене можеби има основа да се гледа дека во мене е причината – туку, едноставно, кон многумина. Луѓето преку медиуми дознаваа низа информации за себе, а кои биле одлуки на одредена група. Тоа потврдува дека системски не се почитувал кодексот на партијата. Ќе повторам, до ден-денес никој, не што не ми објасни, туку и не разговарал со мене зошто не бев кандидирана.

Во битолската јавност се гледаше дека сте гневни на таа одлука на раководството на СДСМ. Наводно, дури не сте му кревале телефон на Зоран Заев. Ви помина ли гневот?

Не би рекла дека гнев е вистинскиот збор. Повеќе би рекла дека е грижа за градот, за партијата која ја имав од почетокот. Затоа што го знаев исходот на тој чекор. Грижа затоа што некој се дрзнал да агитира за луѓе кои се наоѓаа на дното од листите на анкетите. Да е иронијата поголема, меѓу нив има и факултетски образовани и доктори на науки, кои по вокација треба да знаат што значат статистиките и кои се ризиците ако не ги почитувате. Дури криеја и дека агитираат за свои роднини, пак ќе речам од нивни побуди. Но, најстрашното е што тоа влијае на судбините на сите нас, граѓаните, па и партиските членови од кои сега се бара доверба. Да нагласам, зборувам за поединци. За луѓе со име и презиме и кои со земањето на тоа право треба да се носат и со одговорноста на грешниот став. А дека беше грешен покажа времето. Да носат одговорност за нивната дрскост и безобразност да поттикнат фијаско на локалните избори. Во оваа пригода, а и во сите други, сите оние на кои не им одговарав, а ги знаеме сите во партијата, ќе треба да имаат храброст да ги погледнат сопартијците во очи и да објаснат, зошто ги обезвреднија анкетите кои на сите партии им укажуваа (според нивните истражувања) која е победничката варијанта. Е сега, тие кои земаат плати од политиките поддржани од останатите кои сега се во незавидна положба заради стопирање на здравите политики, замислете бараат доверба и треба да се наш лик на социјалдемократијата и на вредностите за кои сме се залагале.

Со претседателот Заев сме имале комуникација во која ги навестив моите чекори. Исто така и со негови блиски луѓе. Стојам на ставот дека со тоа што не добив кандидатура за втор мандат некредибилно беше мое делување во поинаква форма.

Каде е сега Наташа Петровска, каде ќе ја продолжите вашата професионална кариера – дали се враќате како професор по математика или размислувате за нешто друго? Или можеби веќе имате поинакви понуди?

По природа сум личност која ја сака креативноста и ја наоѓа во различни животни ситуации. Не сакам по секоја цена да правам нешто, независно дали е во политиката или не, но едно знам, дека најважно е здравјето и дека не сум уморна во творење и политичко дејствување.

Целото интервју читајте го на следниот линк https://nezavisen.mk/intervju-so-natasha-petrovska-koga-velea-gubime-pobeduvavme-koga-velea-pobeduvame-gubevme/

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани