Жени лавици од Битола- храбри и во животот и на театарската сцена

Јануари 15, 2022
 
Ракот на дојката и миграцијата (честите иселувања од земјата) на најблиските се рак-рани на македонската жена. Токму тие се дел од горливите теми во фокусот на документарната претстава „Жени“ на „Интимен театар“ од Битола во режија на Софија Ристевска, пишува Факултети.мк. Наместо актерки во претставата, трите главни улоги ги играат жени од секојдневието кои никогаш професионално не се занимавале со актерство. Тоа се Катерина Петровска и Јоланта Дафовска, пензионерки, и Јасмина Костадинова, медицинска сестра - жени лавици, како што вели режисерката Ристевска, зашто немаат предрасуди пред јавноста да го соголат целиот свој живот и отворено да зборуваат за најболните и најсреќните моменти.
 
Чаршафот на победата
 
Мајката на Катерина била силна како карпа, но ракот на дојката ѝ го скратил животот, дијагноза која е една од почестите кај жените во земјава.
- А мајка ми, тоа женче од метар и пол и желба за растење, така ѝ велевме, беше нашата карпа, нашиот столб кој нè чуваше и имаше единствена цел да опстоиме како семејство. Ништо не можеше да ја турне таа карпа. Ја турна ракот на дојката, она лошото, што велат старите. И сепак, за мене и за брат ми имаше собрано многу сила и велеше: „Да ве средам и едно внуче да земам в раце.“ Се обвинувам зашто таа вечер ѝ кажав дека ќе има внуче. „Сега“, рече, „раат ќе си умрам“ и по две недели испушти душа. Ми се чини дека ако не ѝ кажев, ќе го дочекаше раѓањето на првото внуче - вели Катерина Петровска.
лумата ѝ беше зачинета со духовитост, но колку и да се обидуваше да му даде една повесела нота на животот, сепак, низ него зрачеа болката и силата на борбата за живот. Рече дека поради канцерот, мајка ѝ не можела да ја крене десната рака и да пишува на табла. Била наставник дефектолог во специјално училиште. Но, успеала да го исплете целиот мираз за ќерка се на чингелаќе. Првиот чаршаф што го направила, а беше изложен на претставата „Жени“, го нарекоа чаршафот на победата.
 
- На 15-16 години пораснав пред време и научив да готвам, перам и да месам зашто мојата мајка се оперира од рак на дојка. Во петоците моите другарки трчаа на корзо да си ги видат симпатиите, а јас трчав да ја пречекам мојата мајка. Си доаѓаше од Скопје по една недела зрачење на онкологија. Мојата прва фамозна манџа со која ја дочекав беше пилешко со боранија. Ставив сè заедно да се вари. И денес не знам дали оди, но ме пофалија зашто дома мирисаше на манџа и имаше што да се вечера - раскажува Катерина.
 
Болест наместо грне со пари
 
Вториот пресврт во животот ѝ беше по триесетина години кога и нејзе ѝ беше дијагностициран рак на дојка. Но, и таа како жена борец си задала цел дури сè не е во животот токму како што треба, да не заминува.
- Најмногу боли што и во 21 век карциномот на дојка или воопшто ракот како болест е табу-тема. Имаше ситуации да бидеме во иста соба со некои личности, а да можеа, ќе избегаа во најдалечниот агол, па дури и во глувчешка дупка ќе се пикнеа само да не беа во моја близина. Дури и на маж ми му велеа: „Леле, братче, што ќе правиш со децата“. Ми го ставија крстот на главата, ме умреа пред време, а јас до нив седев жива, а сега ќе речам и здрава. За инает за таквите душегрижници, решив да живеам. Со брат ми си направивме смеа од цела ситуација. Му реков: „Добро, брат, како можеше мајка ми да ми ги остави болестите, како не ми остави грне со наполеони“ - раскажува Катерина.
Денес е здрава и храбра сопруга, мајка на три деца и баба на повеќе внуци. Две од децата ѝ живеат во странство. Вели дека од полна куќа, станува сè попразна. Во Битола, како средина погодена од миграција не ја чувствуваш болката додека си мал, но кога ти се случува во семејството, ти ја растреперува душата.
 
Болеста не прашува за возраст
 
Со опаката болест, покрај сите други предизвици во животот, се бореше и 43-годиншната Јасмина Костадинова. Уште на 13 години се сретнала со сопругот, на 16 го изгубила татко си, а празнината на некој начин ја надополнила мажејќи се млада. Со сопругот живееле во Италија, каде што ѝ се родиле двете девојчиња. Иако живеела во странство, успеала да дипломира на Високата медицинска школа во Битола. Денес со ќерките живее во Битола, а поранешниот маж во странство.
 
- Ми доаѓа да му удрам клоца на ракот. Сакам да живеам, да ги омажам девојчињата. Кога дознав дека има малиген карцином на дојка, застаната сама со резултатите в раце пред Клиничката болница во Скопје, бев како воз да ме прегази. Не сакав да разговарам со никого. Само плачев. Мораше брзо да се реагира и набрзо мораа сите да дознаат. Следуваше одлуката каде да се оперирам - Битола, Скопје, приватно, државно? Сите очекуваа да донесам одлука, а јас во тој период не знаев ни како се викам. Се оперирав приватно, скапо, но заслужував - рече Јасмина.
Треба да се живее
 
Јоланта беше освежување на сцената, која евоцираше спомени од нејзиното детство во Полска. Љубовта на млади години ја донесе во Битола, каде што создаде семејно гнездо, доби две ќерки и внучиња. Целиот работен стаж го помина работејќи во службите на Битолскиот театар, а по 40 години, лани нејзиниот брак заминал во пензија.
 
- Што е среќа, животот е тоа. Треба да се живее. Моите деца се тоа, внучињата. Едноставно секој ден се будам и имам време да извршувам многу работи кои претходно не можев оти во две смени одев на работа. Среќата е во животот и треба да се живее - рече Јоланта.
„Интимен театар“ од Битола стана познат по документарните претстави кои зборуваат за болките во реалниот живот денес во Македонија, поради што секоја претстава е полна со публика.
 
 
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани