2win800x200

Демант на доц. д-р Ристо Стефановски вработен во Клиничката болница Битола на објава на МВР

Февруари 20, 2026
Болница Битола Болница Битола

МВР денеска објави информација за поднесена кривична пријава за екс директорка на Клиничката болница Битола, а во дел од текстот наведува пример како постапувала осомничената. Информацијата засегна лице вработено во Битолската болница кое испрати демант до нашиот медиум. 

 

ДЕМАНТОТ ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ -                                                                         

Јас Доц. Д-р Ристо Стефановски, вработен во Клиничка болница - Битола сакам да упатам демант на дел од објавата на Министерството за внатрешни работи која е поставена на ден 20.02.2026та година на официјалниот профил на социјалната мрежа Фејсбук и се однесува на дел од текстот каде индиректно сум наведен како “пример” кој се однесува на поднесена кривична пријава од страна на СВР Битола против бивша директорка на Клиничка болница - Битола.

Демантот се состои за делот:

На пример, лице вработено како помошник одговорен инжинер за техничко одржување на објекти, каде било предвидено средно образование електротехника или електромашинство, било унапредено лице со академско звање - доктор на науки од областа на индустриски менаџмент и платата му била пресметувана по коефициент на сложеност кој се однесувал за профил доктор на немедицински науки, сродни на дејностите на установата.”

Иницијали мои не се спомнати меѓутоа врз основа на “наводните квалификации” се алудира на мене и просто сум згрозен и вчудоневиден како едно министерство толку непрофесионално може да шири непроверени информации кои се еден вид на клевета, индиректно укажувајќи на мојот професионален ангажман, поткпопувајќи го мојот углед и достоинство пред мојата фамилија, пријатели, студенти и останатата јавност со лажни неиздржани тврдења. Затоа јавно и гласно решив да се огласам, а воедно и да апелирам на професионално информирање и проверка на законски регулативи и колективни договори пред да ставате на тапет некој како за пример и тоа на јавен медиум на министерство. И како притоа покрај други 11 лица спомнати во текстот само јас сум ставен за пример и тоа неиздржано и неосновано?!?

Кој непрофесионализам!!!

Затоа цврсто го демантирам и воедно сум згрозен од горенаведениот дел од текстот и во секој момент го поткрепувам со докази мојот чесен работен ангажман, доколку е потребно, и барам извинување за непрофесионалниот третман поради кој како последица се најдов на тапет на сите портали во негативен контекст што има за цел на рушење на мојот углед, и чист популизам.

               Сакам да напоменам дека наредниот месец полнам точно 20 години како вработен во истата, таа Клиничка болница, во која сум работел и како машински техничар на почетоците за потоа некаде пред десетина години да бидам прераспределен како машински инженер на систематизирано место за истата струка.

И да, точно е дека сум Доктор на науки од областа на индустриското инженерство и менаџментот, и дека платата ми се одредува по тој коефициент на сложеност, и тоа е се стекнато со труд и законски врз основа на колективниот договор кој се однесува на профил Д-р на немедицински науки.

Сакам да напоменам дека работам во делот на одржување на кислородните постројки, системи и апарати, значи тесно поврзана област со медицината. Исто сакам да напоменам дека мојата Докторската дисертација гласи “Дизајнирање на модел за професионално усовршување на лекарите во однос на социјализирачките вештини”, а притоа имам и трудови објавени на полето на медицинскиот менаџмент. Воедно на неинформираните, да им посочам дека по стекнување на академска титула Д-р на науки само се врши корекција на степенот на образование и коефициентот на пресметка на плата (доколку во институцијата постои како опција), а не се менува систематизација или работно место.

Исто би додал дека по доаѓањето на сегашната директорка на Клиничка болница Битола, Трудовата инспекција изврши проверка на сите тие што се споменуваат спорни унапредувања во тој текст и дека за мојот случај уредно имам записник каде што се кажува дека се е во ред и по пропис.

      Доц. Д-р Ристо Стефановски        

                             

              

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани