2win800x200

Градот е евидентно почист, ќе градиме и 23 улици, рече Коњановски на отчетот за сработеното во првите 100 дена мандат

Февруари 19, 2022

Градот е евидентно почист, започнавме со акција на чистење на дивите депонии, ќе обновиме и ќе изградиме 23 улици. Завршивме 1100 предмети за легализација, рече градоначалникот на Битола Тони Коњановски на денешниот отчет пред битолчани за сработеното во првите 100 дена од мантадот.  

Отчетот ви го пренесуваме во целост. 

Денес, после 100 дена од градоначалничкиот мандат, ми претставува чест што, почитувајќи ги принципите на транспарентност и отвореност, кои беа наша водечка сила за време на предизборниот период, можам да претставам пред Вас, повеќе проекти, кои го трасираат патот на нашата заложба – ДА СОЗДАДЕМЕ НОВА ИДНИНА ЗА БИТОЛА.

Новата иднина, значи реализација и на визијата за создавање општина во која управувањето се води од интересот, потребите и приоритетите на граѓаните, а резултатите носат промени и видлив напредок во сите сфери на општественото живеење.

Затекнавме затворена општина, во која не можеше да се стигне до градоначалникот, а административните процедури беа целосно закочени.

Несоодветното менаџирње на претходната локална самоуправа, остави негативни последици во економскиот напредок на градот, а неодговорноста резултираше и со последици врз општинскиот буџет.

Ова го потврдуваат неколку податоци, добиени од спроведените анализи:

  • Мал процент на реализација на развојните програми заклучно со третиот квартал. Голем дел од проектите предвидени во нив, не беа воопшто започнати
  • Ненаплатени, сега веќе застарени побарувања за комунална такса за фирма т.н фирмарина за период од две години, кои од 15% обработени податоци, изнесуваат 4.400.000 денари. Оваа сума значително ќе се зголеми со дообработката на останатите податоци во одделението за администрирање на приходи. Дополнително се врши анализа и на останатата наплата на данок на имот, што е особено важно за состојбата на општинскиот буџет.
  • Покрај негрижата за приливот на средства, со наметнатата состојба предизвикана од неодговорното работење, доведени сме и во состојба на зголемен одлив, по однос на исплата на средства за електрична енергија. Ненавременото склучување на договор за снабдување со електрична енергија, зголемената цена на струјата, ја наметна потребата од итен ребаланс на буџетот, веднаш по преземањето на локалната самоуправа, со цел да не дозволиме мандатот да го започнеме во темнина. Како резултат на таквиот однос, плаќаме 7 пати поскапа струја и наместо 6.000.000 денари кои пред една година биле платени за периодот од октомври до јануари, денес сме доведени во ситуација да плаќаме 40.000.000 денари. Со голема одговорност и посветеност, вложуваме големи напори за најсоодветно решавање на овој проблем.
  • Дел од јавните претпријатија пак, се борат со уште посериозни предизвици, кои претставуваат сериозна закана за нивното работење
  • Нема достапен опис

Во изминатите три месеци, комплетно ја променивме сликата на тешко достапна општина и воведовме нов начин на работа, во кој локалната самоуправа станува вистински сервис на граѓаните. Воспоставивме комуникација со секој жител на нашата општина, преку секојдневни директни средби со градоначалникот, организирање отворени денови во кои заедно со администрацијата целосно се посветуваме на секој поединец, а преку електронска комуникација, го евидентираме и постапуваме по секое барање на граѓаните.

Ваквиот принцип на работа, ми дозволува да застанам и пред советниците од Советот на општината, да го презентирам оствареното, да одговорам на поставените прашања за начинот на трошење на буџетските средства, но и да побарам поддршка за реализација на нови проекти, кои се финансиски оправдани и концептуално издржани.

Со доаѓањето како нова локална самоуправа, затекнавме предмети во различни области, за кои граѓаните чекаа решавање дури и по 10 години. Една таква состојба беше нерешавањето на предметите за легализација. За период од 4 години, претходната локална самоуправа, решила само 746 предмети. Веднаш, со добра внатрешна организација на општинската администрација се заложивме за решавање на останатите 6592 предмети. Во првите 100 дена, завршивме 1100 предмети и посветено продолжуваме до решавање на сите барања, согласно законската регулатива.

Дополнителен проблем, кој го очекувавме затоа што секојднево и за време на предизборието се соочувавме со отежнато движење низ градот, беа раскопаните улици во екот на зимската сезона. Уште од првиот ден, целосно се ангажиравме за забрзување на динамиката на изведба на активностите и успеавме за еден месец да ги завршиме отпочнатите активности на 7 улици, со вкупна должина околу 3,5 километри.

Неочекувано, како резултат на долгогодишна негрижа, беше констатирано сериозно оштетување на Мостот кај Безистенот, со опасност од животозагрозувачки размери. За жал, за потребната реконструкција, не беше изработена проектна документација, а мостот е лоциран во централното градско јадро, така што потребна беше брза интервенција, воведување на променет режим на сообраќај и изготвување на проектна документација, за да може да се заврши потребната реконструкција. Постапките од страна на општината се завршени и очекувам експедитивност во добивањето на потребните согласности од државните институции, со цел отпочнување на реконструктивните зафати.

Нема достапен опис

Започнавме со акција за чистење на сите диви депонии кои беа детектирани, но и спроведуваме мапирање, со цел спречување на појава на нови депонии.

За жал, огромен е бројот на кучиња скитници по битолските улици, а само минатата година, како последица на ваквата состојба по основ на тужби од граѓани каснати од кучиња, општинскиот буџет е оштетен за над 18.000 евра. Од таа причина, до имплементација на трајно решение, во консултација со стручната јавност, пристапивме кон времено решавање на проблемот со бездомните животни, а со тоа заштита на граѓаните, но и соодветен третман на животните.

Го зголемивме буџетот во програмата за животна средина за 4.500.000 денари, предвидувајќи субвенционирања по низа основи, но и за изготвување на стратешки документи кои во општината досега не биле изработени или пак се застарени, а се многу потребни за преземање на соодветни чекори со цел добивање на вистински резултати во намалувањето на аерозагадувањето, проблем со кој Битола се бори со години.

Во развојната програма на општината, предвидовме средства за подготовка на проектна документација за двата капитални проекти кои ќе бидат реализирани од оваа локална самоуправа: изградба на противпожарна единица и спортски комплекс.

Нема достапен опис

Во Битола, како град со големо културно историско наследство и голем број културни уметници, повторно создадовме услови за заживување на културата и домашната културна сцена, преку воведување на нов концепт наречен „Зимска приказна“.

Воведовме начин на стимулација на талентираните и наградени ученици, вклучување на младите во процесите на одлучување преку локалниот младински совет, во насока на нивна мотивација за делување во својот град и својата држава. Воспоставивме партнерство и со невладиниот сектор, преку транспарентно доделување на финансиски средства за реализација на проекти во интерес на општината.

Во делот на социјалната заштита, преку јавни повици обезбедуваме услови за грижа за сите ранливи категории на граѓани, како и инфраструктура во домовите со цел полесна пристапност за лицата со попреченост.

Како општина, застанавме зад Фудбалскиот клуб Пелистер, ги саниравме затекнатите долгови и почнавме да работиме на стабилизирање на клубот, создавање добра основа, буџет и управа. Спречивме финансиски колапс на кошаркарскиот клуб и обезбедивме можности за понатамошни високи резултати.

Туристичкиот потенцијал кој го поседува Битола, неопходно е да биде ставен во функција на развој на градот. Делувањето во оваа насока е обезбедено во соработка со експерти од областа, но и отворена комуникација со претставници од туристичкиот сектор, а откако излеговме од административните лавиринти поврзани со случајот Планинарски дом „Копанки“, започнавме подготовки за поддршка на неговата реконструкција.

Нема достапен опис

Новите инвестиции во општината, се директно поврзани со нејзината урбанистичка и инфраструктурна подготвеност.

Генералниот урбанистички план за Битола, кој е изработен во 1999 година не ги исполнува потребните стандарди кои ги бара современото живеење и развојот на градот. Тоа дополнително ја попречува и реализацијата на новите инвестиции на приватните инвеститори. Токму затоа, пристапивме кон подготовки за донесување на нов генерален урбанистички план.

Општина Битола е подготвена за реализација на проектот за реконструкција, рехабилитација и изградба на 23 улици. За дел од нив веќе се склучени договори, а дел се во постапка за јавна набавка. На улицата Солунска, на следната делница веќе отшочнаа работни активности на терен за поставување на нова канализациона мрежа. Во понеделник започнуваат градежните активности на улицата Македонска фаланга. Постапно, оваа година ќе се работат и улиците Булевар 1 ви Мај, Христо Узунов, Наум Наумовски Борче, 7 ми јули, Крушевска Република во АРМ, Стара чешма, 16 та, Ѓорги Димитров, АСНОМ,  28 ма, Вера Циривири Трена, Брегалница, Штипска, Бранислав Нушиќ, Сутјеска. Со градежни зафати ќе биде опфатена и патната мрежа во селата Логоварди, Дихово и Брусник. Паралелно работиме и проектна документација за други улици во урбаниот и руралниот дел на општината.

Работиме на изградба на нови паркови, канализациони мрежи, донесување на стратегија за економски развој, но и проекти од областа на енергетската ефикасност, кои се особено важни во состојбата во која се наоѓа државата.

Нема достапен опис

Современиот начин на живеење бара ефикасност и експедитивност во спроведувањето на потребните постапки, а граѓаните имаат право да бараат брзо решавање на нивните барања. Од овие причини, со цел овозможување полесен пристап за граѓаните, но и подобри можности за работа на администрацијата, преку зголемена транспарентност во работењето, започнавме со постапка за дигитализација. Нашиот амбициозен план е во период од една година, да извршиме дигитализирање на сите процеси, да овозможиме елктронска наплата на услугите, електронско аплицирање при различни субвенционирања и издигнување на работењето на општината на многу повисоко ниво на давање квалитетни услуги со значително намалено времетраење на административните постапки.

Направеното во изминатите 100 дена е потврда на нашата посветеност, со која продолжуваме да работиме на локално ниво, но и со регионална координација преку Советот за развој на Пелагонискиот плански регион.

Битола, мора да доликува на конзулски град во кој културното наследство соодветно се вреднува, заштитува, промовира и се става во функција на развој на градот.

Започнатите проекти, гарантираат успех и голема промена за чии бенефити најдобра потврда ќе бидат среќни граѓани во економски развиена општина.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани